Заев ќе ја послуша ЕУ за личните карти  | Северна Македонија | DW | 22.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев ќе ја послуша ЕУ за личните карти 

Македонскиот премиер најави дека сепак ќе се почитува регулативата на Унијата за етничката припадност во личните карти, по укажувањата на евроамбасадорот Дејвид Гир.

Македонскиот премиер Зоран Заев ќе ја почитува регулативата на ЕУ за личните карти, иако за него е прифатливо во личните карти да стои графата за етничка припадност. Но, ако ЕУ има конкретна и прецизна директива по тоа прашање, тогаш, според премиерот, нема друга алтернатива освен полноправно членство во Унијата. 

Ваквиот пресврт во однос на измените и дополнувањето на Законот за лични карти, следи по јасните пораки кои што минатата недела во неколку наврати ги испрати евроамбасадорот Дејвид Гир. Тој порача дека од август во ЕУ стапува во сила регулатива за заштита на лични податоци, со која се забранува споделување лични податоци, како расна, етничка, политичка и верска припадност. Тој додаде дека усогласувањето на законодавството на земјата со правилата и стандардите на ЕУ е важен процес и оти ЕУ отсекогаш ја охрабрувала Северна Македонија да постигне напредок на ова поле.

-повеќе на темата: ЕУ вели „не“ за верска и етничка припадност во личните карти 

„Амбасадорот најави дека од август ќе влезе во сила европска регулатива по овие прашања, а ние сакаме да бидеме членка на ЕУ. Нормално дека ќе ги почитуваме европските регулативи. Но, ниту знам детали од оваа европска регулатива на што се однесува, кои се конкретните детали или слично“, вели Заев и додава: „Јас реков дека за мене е прифатливо да стои етничка припадност на граѓаните покрај државјанството, ние сме мултиетничка земја. Секако е прифатливо исто така и опционо - дали некој сака или не сака да се додаде тоа, но ако ЕУ има конкретна и прецизна директива по тоа прашање ние, знаете, немаме алтернатива освен полноправно членство во ЕУ“. 

-повеќе на темата: Пендаровски е против етничката припадност да влезе во личните карти

На ваквиот став реагираат од Движењето Беса, чии тројца пратеници се предлагачи на законот за изменување и дополнување на Законот за лични карти по скратена постапка. Според нив, процесот на евроинтеграција е долг и законот треба да биде усвоен. „Во моментов не го гледаме ова како пречка за процесот на интеграција. Зборуваме за регулатива која важи за членките на ЕУ. Ние сме подготвени штом влеземе во процесот на членство или близу до членство, ќе разговараме за да го тргнеме законот ако тој биде пречка за интеграција”, вели Кастриот Реџепи, пратеник на Движењето Беса во изјава за медиумите.

-повеќе на темата: Павле Трајанов: Што сакаме - едно општество за сите или етнички гета?

Предлогот за личните карти е доставен  во декември 2020 година, а сега се наоѓа во собраниска процедура. Партиите на Албанците најавија дека ќе го поддржат. Левица се обидува да го блокира неговото донесување со над 1.200 амандмани. ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја условува поддршката со прифаќање на единствениот амандман што го поднесоа. Партијата бара личните карти да не ја содржат придавката Северна во името на државата.