Линиите на МВР се „вжештија“, до термини за нови документи се доаѓа се потешко | Северна Македонија | DW | 21.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Линиите на МВР се „вжештија“, до термини за нови документи се доаѓа се потешко

Летото донесе грижи за сите - додека возрасните мака-мачат да извадат нов пасош, лична карта, возачка дозвола или регистарска табличка, учениците останаа без свидетелства.

Доколку се обидете денеска да закажете термин за вадење на нова лична карта или пак за обнова на истечениот пасош, голема е веројатноста дека воопшто не ќе можете да најдете ниту слободен оператор за да се реализира повикот, а камоли пак да се закаже термин за вадење на новите документи. Линиите на МВР се вжештени од илјадници повици секој ден од граѓаните кои брзаат да го обноват документите пред летните одмори. Интерес има, но се кубури со термини. За лична карта се закажуваат термини дури во август, а за пасош е уште покритична ситуацијата, поради големата навалица. МВР преку дипломатско-конзуларните претставништва побара да им се излезе во пресрет на македонските граѓани и од 1 јули да им се дозволи да ги поминат границите со истечени патни исправи. Иако надежите се дека на овој начин привремено ќе се реши проблемот, сепак останува да виси во воздух дилемата кои земји ќе одговорат позитивно на ваквото барање и што во случај пограничните служби во некои земји да одлучат да ги вратат назад туристите коишто имаат документи, но со истечен рок на важност. 

-повеќе на темата: Чекајќи ги пасошите, ќе поминат одморите

„Патни исправи од сите типови има во доволен број и се одговара на сите барања на граѓаните. Овој период секоја година е зголемен интересот на граѓаните за добивање/продолжување на документи, посебно на патни исправи, а оваа година интересот е енормно зголемен, по олабавување на мерките од пандемијата, поради тоа што граѓаните во претходниот период не ги обновувале документите бидејќи поради Ковид кризата границите беа затворени. Со цел побрза услуга на граѓаните, продолжено е работното време и воведено е и работење во викенд. Секако, покрај на двата телефонски броја, граѓаните можат да закажат и на веб страната на МВР“, велат од МВР за ДВ. 

Mazedonien neue Ausweise

Овој период секоја година е зголемен интересот на граѓаните за добивање/продолжување на документи, посебно на патни исправи.

Според МВР, подолг е периодот за добивање термин за аплицирање само во Скопје, додека во останатите градови закажувањето е тековно. Во моментов, мал застој има само во издавањето на одреден тип на возачки дозволи, но деновиве се очекува да пристигне пратка со обрасци, со што се очекува да се надмине и овој застој. 

Ризично патување

Со измени на законот за патни исправи кој стапува на сила од 1 јули годинава, важноста на пасошот, дипломатскиот пасош и службениот пасош, чиј рок на важење е истечен се продолжува до 31 декември 2021 година. Поранешниот министер Павле Трајанов во изјава за медиумите вели никој не може да им гарантира на граѓаните дека без проблем ќе можат да патуваат со истечена важност на пасошот.Тој вели дека може да се очекува некаква флексибилност од пограничните службеници во земјите од регионот за македонските граѓани кои со истечена важност на пасошот ќе патуваат, но не и во другите земји. 

„Не верувам дека секој припадник на гранична полиција ќе биде информиран и дека ќе може таквата измена на законот да се применува. Можно е да се соочат граѓаните со истечени пасоши со проблеми при преминување на граница и ги советува тие граѓани да имаат верификација со печат од полиција дека нивниот пасош иако е со истечен рок, дека има важност до 31. 12. 2021 година. Без таква белешка од полицијата верувам дека ќе се соочат со проблеми и сметам дека е ризик да се патува надвор од земјава без таква белешка“, вели тој. 

-повеќе на темата: САД со порака до Спасовски: мора да се заштити системот за издавање пасоши

Во врска со регистарските таблички, од МВР велат дека по застојот во издавањето на регистарски таблички поради истечениот договор со претходниот економски оператор, сега проблемот е решен. „Во меѓувреме МВР спроведе нова постапка и согласно отворената рамковна спогодба за набавка на регистарски таблички за моторни возила, по спроведената електронска аукција, како и по истекот на законските рокови за поднесување на жалба на 17.06.2021, склучена е Рамковна спогодба со економскиот оператор Квантум Скопје“, велат од МВР. 

Опозицијата обвинува за фијаско

Опозицијата ја обвинува власта дека ова е последица од нејзината неспособност и корупција. Порпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски изјави дека обрасци за лични документи има за криминалци и за луѓе со сомнително досие, но не и за обичните граѓани на Македонија. 

Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека станува збор за огромно фијаско на власта на Зоран Заев, на Мила Царовска и Оливер Спасовски, со тоа што за илјадници граѓани нема свидетелства, нема лични карти, нема пасоши, нема возачки дозволи, нема регистарски таблици, пунктовите за вакцинација веќе неколку дена наназад се затворени. 

-повеќе на темата: Лажен идентитет за 20 илјади евра – како функционирала групата која „штанцала“ пасоши

„Внимавајте имаме ситуација во којашто заврши учебната година, децата се веќе на распуст а свидетелствата не се подигнати, им велат дека ќе бидат готови на 31 август, а дали ќе бидат и тогаш не знаеме со месеци нема пасоши, нема регистарски таблици, нема возачки дозволи, нема лични карти, граѓаните не можат да ги извршуваат своите основни потреби, тоа е нивото и тоа е реалноста за жал во која што живееме“, вели Ѓорчев. 

Главоболки и со свидетелствата

На крајот на учебната година, учениците имаат главоболки и со свидетелствата. Дел од учениците ќе ги добијат со задоцнување, други се жалат дека иако тие се бесплатни, одредени училишта пак незаконски им наплаќале за тоа. 

Во основните и средните училишта ширум земјава има недостиг на свидетелства, а според информациите на Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК), свидетелства добиле само деветтодделенците и матурантите заради уписите во средно училиште и на факултетите. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, деновиве изјави дека станува збор за проблем на државно ниво, а ако не се реши до крајот на овој месец, учениците би можеле свидетелствата да ги добијат во август. Сведителствата ќе бидат обезбедени и за учениците кои имаат итна потреба од свидетелство поради преселба или продолжување на школувањето во странство. 

Symbolbild | Schule Unterricht Schulklasse Schüler

На крајот на учебната година, учениците имаат главоболки и со свидетелствата.

Од Средношколскиот сојуз реагираат дека не се објаснети причините за проблемот со свидетелствата и потсетуваат дека иако тие се бесплатни, во некои училишта од децата биле барани пари за нивно издавање. Тие велат дека месецов нема да добијат свидетелствува за оваа образовна година, која, како што тврдат, поминала целосно одржана преку неквалитетна он лајн настава со слабо обучени професори. „Мораме да нотираме уште еден процес кој што не оди во прилог на средношколците. Откако задоволството на социјализацијата им беше одземено, сега им е одземено и задоволството да се гордеат со своите успеси преточен во свидетелство. Бирото за развој на образование од необјасниви причини од оваа година не ги обезбеди свидетелствата за сите средношколци на ниво на државата“, вели средношколецот Лука Павиќевиќ.