1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерската не донесе изборен датум

БГ
12 мај 2020

Лидерите на најголемите политички партии се договориле следната недела повторно да се сретнат и да разговараат за датумот на одржување на предвремените парламентарни избори. Ќе се бараат препораки од надлежните.

https://p.dw.com/p/3c87x
Nord-Mazedonien Skopje | Besprechung Coronavirus, Politiker
Фотографија: Cabinet of the President of N. Macedonia

Одлуката за изборниот датум е одложена за една недела откако политичките лидери денеска усогласиле план според кој ќе се побара мислење од институциите и врз таа основа ќе се решава.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по состанокот изјави дека било усвоено неговото барање за датумот на одржување на изборите да се одлучува консензуално. Според планот кој го предложил Мицкоски, договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести кое потоа никој нема да го  проблематизира. Да се консултира ДИК за времето во кое може да се спроведе изборниот процес, како и набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Дури потоа, вели Мицкоски, „можеме да зборуваме за изборен датум“.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев објасни дека владата е задолжена да комуницира со мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во однос на можноста да се следат изборите, и со Комисијата за заразни болести која треба да дефинира протоколи за однесување за време на изборите. Шефот на државата Стево Пендаровски ќе организира состанок со Државната изборна комисија на која ќе се обиде да добие усогласен став за термините за одржување на изборите.
Заев ја обвини опозицијата дека „не била спремна да разговара за изборен датум“, и дека на тој начин „купува време“ за да го избегне поразот.

На состанокот не е одлучено дали ќе се продолжи вонредната состојба која истекува на 16 мај. Заев, во изјавата по состанокот, не ја исклучи можноста да се прогласи и покуса вонредна состојба на една или две недели, во зависност од тоа кога ќе се одржат изборите.

„Ако нема трета вонредна состојба, тоа значи дека изборите се на 8 јуни. Ако се прогласи нова, изборите би биле на 7 јули. Ако се направи покуса вонредна состојба од две седмици, тогаш на 21 јуни“, рече Заев. 
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека остава на лекарите и епидемиолозите да дадат препораки дали и кога ќе можат да се одржат изборите.