1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ливиу Драгнеа - крај на една политичка кариера во Романија

Роберт Шварц
28 мај 2019

Шефот на романската ПСД, Ливиу Драгнеа, мора да оди во затвор. По поразот на европските избори, ова за моќникот е доцен, но конечен политички „аут“, коментира Роберт Шварц.

https://p.dw.com/p/3JJgV
Rumänien Liviu Dragnea
Фотографија: picture-alliance/AP/V. Ghirda

Поразот на европските избори на т.н. социјалдемократи во Романија беше предигра за конечниот пад на партискиот шеф Ливиу Драгнеа и неговата партија. Замелушен од жестоката шлаканица од своите избирачи, тој вчера мораше да се соочи и со пресудата во процесот против него, во кој беше обвинет за поттикнување на злоупотреба на службената положба. Со оглед на тоа што веќе беше осуден условно за изборна измама, Драгнеа сега мора да оди три и пол години во затвор.

Триесет години ништо ненаучено

Горчлив крај за човек кој ги влечеше конците во својата партија и во владата, која под негово покровителство се претвори во мрежа од корупција и непотизам. Драгнеа, партиски шеф и претседател на парламент, во неделата вечерта, по поразот на „неговата“ ПСД, сѐ уште зборуваше за продолжување на „успешната социјална“ политика. Тоа разбуди сеќавања на декември 1989 година, кога разнишаниот комунистички диктатор Чаушеску, за да се спаси, на демонстрантите во Букурешт им вети уште по 100 леи зголемување на нивната ужасно ниска плата. Она што потоа се случи е познато. Политичкиот пресврт во Романија се случи пред речиси 30 години, но партијата наследничка на соборените комунисти, ПСД, се чини дека за сето ова изминато време ништо не научи.

Schwartz Robert Kommentarbild App
Роберт Шварц

За Драгнеа и неговата камарила, кои се далеку од реалноста, европските избори беа пример: со антиевропски, популистички и лажлив дискурс ПСД подбуцнуваше против либералните и демократските сили во сопствената земја. И подбуцнуваше и против либерално-конзервативниот претседател на државата Клаус Јоханис. Драгнеа и владата која е под негова контрола на избирачите им ветуваа сѐ и сешто, без притоа ни најмалку да препознаат дека таков лажлив дискурс може и кај многу од нивните приврзаници да предизвика анти-ПСД расположение. И, токму тоа и се случи - во Романија, но и пред вчудовидените луѓе во целата ЕУ: илјадници Романци кои живеат и работат во странство со часови трпеливо чекаа пред амбасадите и конзулатите на својата земја за да гласаат. Тие сакаа да гласаат за Европа и на референдумот за независност на судството и борбата против корупцијата кој претседателот Јоханис го закажа во исти ден со европските избори.

Романската влада и Централната изборна комисија со сите средства се обидуваа да го спречат гласањето на Романците во странство. За околу четири милиони Романци кои живеат во другите земји од ЕУ беа ставени на располагање премалку избирачки места. Долгите редици пред избирачките места во Берлин, Рим, Лондон и други европски градови кај многумина од локалното население предизвикаа восхит: Погледнете ги Романците! Стојат во редици и по седум часа само за да гласаат за Европа. Извонредно!

Систематско повторување на еден скандал

Еднствените кои на тоа не гледаа со одушевување беа Драгнеа и романската влада. Тие на амбасадите им наредија да ги затворат избирачките места во 21 часот и така на многу луѓе кои сѐ уште стоеја во редиците им ја одзедоа можноста да го искористат своето демократско право. Систематско повторување на еден скандал, кој на претседателските избори пред пет години веќе го чинеше функција тогашниот министер за надворешни работи. Ироничното е што истиот министер за надворешни работи е одговорен и за новиот дебакл. Среќа е што дел од амбасадорите не ја испочитуваа наредбата и ги оставија избирачите во амбасадите. Така беше во Берлин, каде последниот избирач го даде својот глас нешто пред полноќ, иако Букурешт веќе одамна ги имаше исклучено електронските системи за броење гласови. Среде Европа состојби како во банана-република.

Логичен заклучок од дебаклот сега може да биде: оставка на компромитираната влада на ПСД. Колку побрзо, толку подобро. Подобро за европска Романија и за партијата, која без длабоки реформи наскоро би можела да стане безначајна.