Летни фестивали во Европа
Илјадници луѓе во текот на летото патуваат низ Европа, следејќи ги звуците на музиката. Без оглед дали е тоа хеви метал, рок, поп, џез или класична музика - важно е заедничкото уживање!
Егзит, Србија
Егзит е еден од најдобрите музички фестивали од средна големина. Се одржува кај Петроварадинската тврдина во Нови Сад, почнувајќи од 2000. година и обично трае четири дена, оваа година од 5. до 9. јули. Околу повеќе бини со електронска, рок, поп и панк музика, кај живописната тврдина од 18. век, на ритчето над Дунав, се собираат околу 200.000 посетители.
Ден на музиката
Бесплатно и на отворено - тоа е мотото на Денот на музиката кој секогаш се одржува на првиот ден од летото - 21. јуни. Во преку 500 градови ширум светот аматерски музичари и професионалци ја инспирираат својата публика на бесплатни концерти. Идејата е родена во Париз во 1982. година.
Гластонбери, Велика Британија
Си била некогаш една фарма во близина на градот Гластонбери - сѐ до 1970. година. Тогаш 1.500 гледачи првпат за влезница од една фунта (вклучувајќи и беплатно млеко), ги слушале меѓу другите и Марк Болан и Ел Стјуарт. Последните години, во последниот викенд од јуни, Гластонбери го посетуваат околу 130.000 луѓе. Тоа е еден од најголемите музички фестивали во светот под ведро небо.
Роскилде, Данска
Тоа е европски фестивал со срце, зашто го организираат доброволци и целиот приход оди во добротворни организации. Во Роскилде (24.06-01.07) доаѓаат млади успешни уметници, познати (на фотографијата: First Aid Kit, 2015) како и мега-ѕвезди од музичкиот бизнис, како Ролинг стоунси и сер Пол Макартни.
Монтре, Швајцарија
Женевското Езеро е кулисата за еден од најпознатите џез-фестивали во светот. Оваа година ќе се одржи по 51. пат, од 30.06 до 15.07. Покрај џез-великани како Бил Фрисел и Џон Скофилд, можат да се чујат музичари од поп, соул и етно музика. Една од ѕвездите годинава е Том Џонс.
Норт Си, Холандија
Најголемиот џез-фестивал во светот кој се одржува во затворен простор (7-9. јули) е вистински култ. Со месеци однапред се распродадени сите 75.000 влезници. Во концертната дворана Ахој во Ротердам се настапува на 14 бини и тоа и до пет групи една по друга. Оваа година се најавени Гледис Најт, Ван Морисон, Емели Санде (на фотографијата) и Херби Хенкок.
Верона, Италија
Поранешниот амфитеатар-арена во Верона е светски познат по оперски претстави на отворено. Ова место посебно го прослави Вердиевата опера „Аида“. Фестивалот се одржува веќе од 1913. година, а годинава почнува на 23. јуни и трае до крајот на август.
Промс, Велика Британија
Серијата концерти се одржува од јули до септември во Лондон. Тоа е најголем фестивал на класична музика во светот. Завршниот концерт во Алберт Хол стана култ, влезниците секогаш брзо се распродаваат. Поради тоа, концертот истовремено може да се следи на голем екран и во Хајд Парк.
Шлезвиг-Холштајн, Германија
Во јули и во август, фестивалот на класична музика ја претвора северната германска покраина во огромна концертна бина. Концертите се одржуваат во текот на пет викенди во градини и паркови, имоти и дворци. По традиција, првиот концерт се одржува на имотот Штокзехоф (на фотографијата). Основан во 1986. година, фестивалот стана еден од најпознатите на класична музика во светот.