Ленче Здравкин: Со години ги слушам најтешките приказни од Авганистан | Северна Македонија | DW | 21.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ленче Здравкин: Со години ги слушам најтешките приказни од Авганистан

Во моментов нема масовни групи бегалци кои поминуваат по пругата, вели Ленче Здравкин, хуманитарка, во чиј дом во Велес мигрантите добиваа облека, прва помош, чаша вода, парче леб.

Падот на Авганистан во рацете на талибанците ја зголеми загриженоста од нов бран мигранти. Експертите прогнозираат дека кризата во Авганистан ќе влијае врз засилување на миграциската рута низ Балканот, но дека масовноста нема да биде како што беше во 2015 година. Сепак, очекувањата дека голем бегалски бран преку Иран може брзо да стигне до Турција, ги мобилизираше турските власти да градат ѕид на границата со Иран. Грција, пак, вчера ја заврши изградбата на уште 40 километри ограда на границата со Турција, вклучително и нов систем за надзор. За мигрантите патот до Балканот, а потоа кон земјите на ЕУ, е долг и тежок.

Иако од 2016 година балканската рута официјално е затворена, практично не е. Во помал број, тие и натаму се движат по истата рута, транзитирајќи и низ Северна Македонија. Велешанката Ленче Здравкин, чиј дом покрај железничката пруга од март 2013 година стана место за починка, топол оброк и преврски на голем број бегалци, вели дека во моментов ништо драматично не се случува.

„До овој момент не сум забележала зголемена фреквенција. Немаше наплив на бегалци ни минатата година, ниту оваа. Нема масовни групи. Намалена е нивната бројка и заради зајакната контрола на граничниот појас, но и заради бројни акции на полицијата“, вели Ленче.

Дотур на вода, храна, лекови...

Пругата покрај која често се движат мигрантите, стана прв лакмус што може да најави дали следи поголем бран. Но, Ленче вели дека во моментов нема промена. Се случувало една до две недели воопшто никој да не помине, а потоа да се појават мали групи од двајца, тројца, до пет мигранти, најчесто од Авганистан и Пакистан.

„Но, тоа не се лица кои неодамна избегале од Авганистан, туку кои неколку месеци или една година веќе престојувале во Турција, некои и во Грција, па сега продолжуваат кон други земји на ЕУ. Патот на Авганистанците до посакуваната дестинација е тежок и долго трае. Но, потешки од патот се трагедиите што ги доживеале нивните семејства од страна на талибанците. Секој од нив имаше своја тажна и страотна приказна, а јас тие животни приказни со години ги слушам: за жените кои немаат никакви права, за децата кои не смеат да одат во училиште... Последен пат момче од Авганистан раскажа дека талибанците ги убиле неговата мала сестра и татко му кој бил воено лице во пензија, само затоа што девојчето било запишано во училиште. ‘Ми ги убија најблиските. Нема за кого да живеам и да останам во Авганистан’, рече момчето“, раскажува Ленче.

Mazedonische Aktivistin Lence Zdravkin

Здравкин: Со лекови во моментов сум „на нула“

Вчера ја затекнавме како ја средува просторијата во која во изминатите години чаша вода и парче леб добиваа многу бегалци.

„Не е ова посебна подготовка. Тоа е редовна постапка. Правам дотур на вода, храна, лекови... Со лекови во моментов сум ‘на нула’. Немам основен медицински материјал - завои за преврска, алкохол, таблети против температура и болки во мускулите“, набројува Ленче.

Нејзиниот благороден ангажман започна во март 2013 година, кога од прозорецот на семејниот дом покрај железничката пруга во Велес, ги видела првите групи бегалци - истоштени, гладни, со искинати обувки, со рани на стапалата. Им подавала вода, чај, сендвичи, а кога во 2014 година групите почнале драматично да се зголемуваат и да не стигнуваат купените векни леб и флашираната вода, самата почнала да пече леб за нив. За хуманиот ангажман ја доби државната награда „Мајка Тереза“ за 2018 година.

Повеќе:

Пругата - лакмус за мигрантски бран: денес нема, но утре којзнае?

Македонија потврден и доверлив партнер на САД

Подалеку од пругата, на „Илинденска“ број 2 во Скопје, македонските власти ги завршија подготвките и протоколите за прием на граѓани од Авганистан во земјата. Тоа го потврди премиерот Зоран Заев, кој вчера попладне оствари работна средба со Венди Шерман, заменик-државна секретарката на американскиот Стејт Департмент, на кој биле присутни и останатите сојузници, како и претставници на НАТО. На состанокот била разгледана моменталната безбедносна состојба во Авганистан и утврдени механизмите за евакуација на миротворното население кое 20 години ја негувало демократијата во Авганистан. „Премиерот Заев ги информираше сојузниците дека Северна Македонија ги подготви протоколите со кои Владата во овој момент е подготвена да прифати околу 650 граѓани, локално население од Авганистан и тоа семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија. Заменик-државната секретарката на Стејт Департментот, отворено ја поздрави заложбата на Северна Македонија како потврден и доверлив партнер на САД во оваа заедничка хуманитарна мисија“, соопшти владината прес-служба.

Премиерот информирал дека последното прифатено барање за обезбедување помош за спасување и прифаќање граѓани е дадено на Меѓународната асоцијација на новинари (IFJ) за 15 новинари, медиумски работници и членови на нивните семејства, со што вкупната бројка на медиумски работници и членови на нивни семејства кои ќе бидат згрижени во Северна Македонија ќе биде над 80.

Afghanistan I Evakuierung am Flughafen Hamid Karzai

Евакуацијата од Авганистан продолжува

Приоритет - забрзана евакуација

Вчера министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на вонредниот состанок на Северноатлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, кој се одржа преку видео-конференција и беше посветен на состојбите во Авганистан. Во дискусијата биле разменети мислења и консултации во врска со улогата и идните активности на НАТО по последните случувања во Авганистан.

Од страна на министрите, како приоритетна била истакната потребата од натамошна забрзана евакуација на граѓанитена земјите-членки и партнери, како и авганистанските граѓани кои беа ангжирани од страна на НАТО и други меѓународни организации во изминатите 20 години и сакаат да ја напуштат земјата, со што би се елиминирани потенцијалните закани од ескалација на хуманитарната криза. Министерот Османи информирал за одлуката на македонската Влада за времено прифаќање на цивили од Авганистан, кои биле дел од хуманитарни мисии и соработувале со НАТО-сојузниците. Тој се заложил фокусот на Алијансата и понатаму да биде ставен врз хуманитарниот аспект и како примарна ја издвоил потребата за продолжување на операцијата за евакуација.

„Во тесна координација со сојузниците, успеавме да ги евакуираме нашите државјани од Авганистан, за што сакам да ви се заблагодарам за помошта. Сѐ уште мислиме дека ова треба да биде нашата примарна мисија, да обезбедиме сигурно заминување на сите наши граѓани од Авганистан. Евакуацијата на локалниот авганистански персонал и нивните семејства кои работеа со нас во изминатите 20 години е подеднакво значајна“, истакнал Османи.