Ленинград, градот кој беше осуден на глад | Свет | DW | 08.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ленинград, градот кој беше осуден на глад

Не Сталинград, Ленинград беше вистинската човечка катастрофа во Втората светска војна на Исток. Таму германските војници испратија стотици илјади цивили во смрт од глад и смрзнување...

Прво исчезнаа кучињата и мачките. Потоа и птиците ги немаше повеќе. Се беше изедено. Од нагонот за преживување, за да не полудат. Тапети, кит од прозори и супа од варена кожа беа дел од военото мени за граѓаните на Ленинград. Рускиот писател Данил Гранин, еден од преживеаните, на 70- годишнината од опсадата, пред две години во германскиот Бундестаг својата приказна ја започна со незамисливото: „Дете умира, има само три години. Мајката го става телото во двоен прозорец и секој ден сече по малку и со тоа го храни своето друго дете, ќерката. Малото девојче преживеа“.

За време на речиси 900- дневната опсада, канибализмот не беше реткост, а бројките вариаат помеѓу 1.000 и 2.000 случаи. Канибализмот беше казнуван со стрелање по итна постапка. Немаше рок за жалби.

Изгладнување како стратегија

Судбината на Ленинград помеѓу 1941 и 1944, некогашниот и денешниот Санкт Петерсбург, е единствена по нејзината стравотност. На почетокот на германската опсада градот имаше 2.5 милиони жители. Од нив околу 400.000 беа деца. За време на опсадата која траеше 871 ден, животот го загубија 1,1 милиони цивили. Најголемиот број поради глад. Историчарите ја опишувааат историјата на Ленинград како најголемата демографска катастрофа на било кој град во светот. Блокадата траеше од 8 септември 1941 година до 27 јануари 1944 година. Тоа е најдолгата опсада на град во 20 век.

Во летото 1941 година, Северната армија која ја сочинуваа 500.000 војници под команда на фелдмаршал Вилхем Ритер фон Леб, тргна кон градот. Неговата задача беше да ја уништи Црвената армија на Балтикот, да ги заземе сите поморски бази на Балтичкото Море и до 21 јули да го освои Ленинград. Железничата пруга, последната врска на Ленинград со надворешниот свет, на 30 август конечно падна под германска контрола. Од 8 септември градот беше во обрач. Ленинград не беше спремен за тоа.

Leningrad Belagerung Wasser Alltag

Без доволно храна и вода, тешко секојдневие за граѓаните

Хитлер и‘ наредил на војската да остане

Хитлер, кој првично сакал да го освои градот и да го срамни со земја, ги запрел своите дивизии. Наместо да се води макотрпна борба на улиците, со големи загуби, тој наредил опсада на вториот по големина град во Советскиот сојуз – на незадоволство на германските војници. Јозеф Гебел, министерот за пропаганда на Хитлер во својот дневник запишал: „Војската вика на цел глас, сакаме напред, пуштете не‘!“

Историчарот од Јена, Јерг Ганценмилер, го толкува изгладнувањето на Ленинград од аспект на Вермахтот: Снабдувањето на германските војници било можно само доколку цивилите гладувале, бидејќи Вермахтот имал проблеми со снабдувањето уште од летото во 1941 година. Војската морала да се храни од окупираните територии, а повеќе не важела обврската за снабдување на големите градови со намирници. Од првобитната намера, да се уништи градот, настанала стратегија на опсада, која на крајаот резултираше со уништување на целата популација, вели Ганценмилер.

„Патот на животот“

Неподготвените жители особено тешко ги погоди првата зима. Од германскиот обрач имаше само еден излез – преку замрзнатото езеро Лагода. Легендарниот замрзнат пат добил официјално име „Воен автопат бр.101“, а помеѓу цивилното население едноставно беше нарекуван – пат на животот. Тој опасен пат, под нишанот на Германците, беше единствен излез за евакуација и начин за намирниците да стигнат во градот.

На почетокот на окттомври во 1941 година настапи голем глад. Лебот се правеше од брашно измешано со трици и целулоза. Вработените добиваа по 250 грама леб дневно, а сите други половина од тоа. Во ладните станови, луѓето живееа со починатите членови на семејствата. За оган прво се употребуваше мебелот, а на крајот кога не остана ништо друго, книгите. Големиот глад траеше се‘ до 1943 година.

Сепак, и во борбата за гол опстанок, граѓаните на Ленинград се држеа заедно. Во првата зима од опсадата, околу 2.500 студенти дипломираа. Имаше театарски претстави и музеите беа отворени, а во летото 1942 година премиерно беше изведена Седмата симфонија на Дмитриј Шестакович, кој ја напиша истата само една година претходно, во центарот на градот, под ударот на Германците.

Sowjetunion Deutschland zweiter Weltkrieg Blockade Leningrad Lagoda See

„Патот на животот“ преку замрзнатото езеро

Молкот на следните генерации

„Опсадата на Ленинград иторичарите долго време ја сметаа за ‘нормална воена операција'“, вели Манфред Сапер, уредник на списанието Источна Европа. Големите страдања на цивилното население долги години потоа во Германија беа премолчувани, објаснува британскиот историчар Ана Рид, затоа што извршителите на тие злосторства беа татковци и дедовци на Источниот фронт. Во својата книга за опсадата таа пишува: „Полесно е сеќавањето дека тие роднини страдале од студот, дека гладувале и биле приморани да работат во логорите, отколку да замислите дека палеле села, ги ограбувале селаните земајќи им ја нивната зимска облека и храна и помагале да се пронајдат и стрелаат Евреите“.

Во германската свест, сеќавањето за Ленинград долго време беше во сенка на сеќавањето за Сталинград. Причината за тоа е поради големиот број на германски жртви во Сталинград, вели Јерг Ганценмилер. Тој вели дека до 1980 година, злосторствата на Вермахтот речиси во целост биле скриени. „Тоа е големо потиснување“, рече Петер Јан, поранешен шеф на германско-рускиот музеј во Берлин-Карлсхорст, „дека во нашето колективно сеќавање не би морало да се внесе уште едно од тие огромни злосторства“.

Данил Гранин, писателот кој ги преживеа сите 871 денови на опсада на Ленинград, во 2014 година во германскиот Бундестаг изјави дека долго не можел да им прости на Германците што чекале градот да капитулира. За него, нечесно е тоа што на градот наместо војска, бил испратен глад.

Реклама