Лек за корона „Мејд ин Москва“ | Свет | DW | 06.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Лек за корона „Мејд ин Москва“

Рускиот лек Авифавир, кој се заснова врз јапонско средство против грип, е доставен веќе во 15 земји. Резерви има и Германија. Колку е ефективна оваа супстанција?

„Постигнавме добар успех. Лекот им е веќе доставен на 15 земји“, изјави неодамна Кирил Димитриев, раководител на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) за руската телевизија.

Сега фактички постојат само два антивирусни препарати кои се доставени во ограничен број земји – американскиот Ремдесивир и рускиот Авифавир.

„САД купија 90 проценти од Ремдесивирот. Оттука, не не' чуди што 15 земји го купуваат нашиот лек“, вели Димитриев. Меѓу другите, има седум земји од Латинска Америка и Јужноафриканската Република.

Руските власти на крајот на мај дадоа дозвола за лек со име Фавипиравир. Тој е резултат на заедничката работа на РДИФ и фирмата Кимрар од рускиот град Химки. Составот се базира врз јапонски лек против грип со исто име - Фавипиравир, кој е познат под трговската марка Авиган.

Во Русија јапонскиот лек е „малку модифициран“, објасни Димитриев на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Во јуни, руските клиники првпат го добија препаратот против Ковид-19 произведен во Русија под трговското име Авифавир. Тој од страна на медиумите се опишува како „руски лек против коронавирусот“.

Medikament Avifavir gegen COVID-19 (picture-alliance/dpa/Russian Direct Investment Fund/A. Rudakov)

Руските клиники првпат во јуни го добија препаратот против Ковид-19 произведен во Русија под трговското име Авифавир

Рецепт од Јапонија

Фавипиравирот (Авиган) доби дозвола во Јапонија во 2014 година како средство против грип, но со ограничувања. Примената е дозволена кога се работи за нови вируси на грип, но и во случаи каде други лекови веќе не делуваат, значи како последно средство.

Западните медиуми јавуваат дека постапката за добивање дозвола била тешка и траела три години, поради тоа што како несакан ефект се јавувале и аномалии кај новороденчиња. Затоа бремените жени и оние кои дојат не смеат да го земаат лекот.

Фавипиравирот блокира размножување на низа вируси. Меѓу другото, се употребуваше и против ебола-вирусот во Африка. Медицинарите го опишуваат и како јапонска верзија на Ремдесивирот, лек против ебола регистриран во САД, кој важи за надежен и во третманот на болни од Ковид-19.

Гледај видео 01:09

Вакцина за коронавирусот се тестира и во Африка

Пред коронавирусот, Авиганот во Јапонија не беше конкуренција за другите средства против грип. Лекот го немаше во слободна употреба, туку по налог на владата беше произведуван само како резервно средство во случај на пандемија. Од февруари 2020 година тој во јапонските клиники се употребува за третман на пациенти со коронавирус. Јапонските медиуми тврдат дека лекот делува добро кога се работи за благ тек на болеста. Во тешките случаи, како што се вели, речиси и да немал дејство.

Германија купува резерви

Јапонија ни оддалеку не е единствената земја во која против короната се употребува Авиган. Отприлика 40 земји, вклучително и Германија, од април годинава во клинички студии го употребуваат овој лек, заедно со други надежни лекови против Ковид-19.

Министерството за здравство на прашање на ДВ соопштува дека се купени околу 260.000 таблети Авиган за третман на тешки болни од Ковид-19 во случај на нов корона-бран.

Фавипиравирот се произведува и во Кина и се применува против коронавирусот во клинички студии. Германскиот виролог Кристијан Дростен од берлинската клиника Шарите укажува дека на пациентите таму им е дадена „енормна концентрација на супстанцијата“. Истовремено тој предупредува од несакани дејства, кои упатуваат на актуен проблем со бубрезите. Оттука, под знак прашалник е долгорочна примена на лекот.

Ägypten Kairo | Coronavirus | Medikament Remdesivir (Reuters/A. Abdallah Dalsh)

Ремдесивирот е првиот лек кој доби условена дозвола за европскиот пазар во борбата против Ковид-19

Претпазлив оптимизам

Фавипиравир ветува во борбата против Ковид-19 и може да се спореди со Ремдесивирот, оценува Хелмут Хан, претседател на германско-рускиот форум Кох-Мечников. „Добро е што има средство, но нема формален доказ за неговата ефикасност според нашите критериуми“, нагласува тој.

Според Хан, лек со ваква супстанција во Германија се’ уште не може целосно да се применува, поради тоа што не постојат опсежни научни податоци. „Разбирливо е доколку Русија веќе сега го употребува ова средство за лекување на голем број пациенти“, вели Хан. Тој тоа го објаснува со големиот обем на проблемот со короната во Русија и неопходните мерки кои мора да се преземат. Освен тоа, во Русија „контролите и прописите“ не се толку строги како во Германија, нагласува тој. Тоа важи како за клиничките студии, така и за давањето дозвола за лекови. „Но, тоа не значи дека едното е подобро од другото“, додава Хан.

Реклама