Лекарите добиваат закани од антиваксери | Информации и анализи за Германија | DW | 29.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Лекарите добиваат закани од антиваксери

Лекарите во Германија се сѐ повеќе мета на напади на антиваксерите и се соочуваат со сѐ повеќе закани.

Deutschland | Prottest von Impfgegnern

Противници на вакцинирањето протестираат против акција за вакцинирање во Берлин (13.09.2021)

„Агресиите и екстремизмот се значително зголемени“, вели Ерик Бодендик, лекар по општа медицина и претседател на Лекарската комора во покраината Саксонија. „Дел од лекарите добиваат дури и закани со смрт.“

Саксонија не е единствен случај. Цела низа лекарски комори со кои ДВ стапи во контакт информираат за писма со закани, мејлови полни со омраза и тензична клима во многу германски клиники.

Инцидентите се случуваат во момент кога пандемијата бележи нови рекорди. Германија на 26.11.2021 има инциденција од 438,2.

Особено е загрижувачка ситуацијата во покраината Долна Саксонија, каде инциденцијата изнесува 1192,8 (состојба 26.11.2021), а стапката на вакцинација (нешто повеќе од 58%) е најниска во Германија (просекот е околу 70%).

Повеќе: Германија: Рекорден број инфицирани, промена во препораката за вакцини

„Вие сте за стрелање“

Претседателот на саксонската лекарска комора е веќе навикнат да добива закани. „Тоа се мејлови во кои сум лично напаѓан и во кои ми се закануваат со правни чекори“, вели Бодендик за ДВ. „И, има писма во кои стојат работи како 'Вие сте за стрелање', така нешто.“

Причина за бранот на агресија е што Бодендик бара да се воведе обврска за вакцинирање. „Сигурен сум дека наспроти сето одобрување, противниците на вакцинирањето повторно ќе бидат на нозе на социјалните мрежи“, оценува тој. Тој стравува дека дел од лекарите во Саксонија поради заканите можеби дури и ќе одлучат да не даваат вакцини против Ковид.

Corona-Krise könnte Impfbereitschaft fördern

Вакцина? Не, благодарам! (фото: учесничка на протести во Штутгарт, 2.05.2020)

И Улрике Шрам-Хедер, портпаролка на Лекарската комора во покраината Тирингија, има добиено заканувачки писма, а писма стигнале и кај уште 25 членови на Комората. „Во писмата првенствено се нагласува дека вакцините биле опасни“, вели Шрам-Хедер. На лекарите им се префрла дека правеле „експерименти со луѓе“.

Испраќачите на заканувачки писма делумно влегуваат во сферата на теории на заговор, вели портпаролката. „Се зборува за мрачни сили кои ја контролирале владата. Но, има и луѓе кои едноставно ги отфрлаат сите мерки за заштита од коронавируси и кои трагат по имиња и адреси на лекарите.“

Повеќе: Насилни протести на антиваксерите во Грција, Германија, Франција

Тензична атмосфера во клиниките

Но, не станува збор секогаш само за заканувачки писма. Во многу клиники атмосферата е тензична. „Пациентите понекогаш реагираат многу агресивно на нормални прашања, на пример за нивниот вакцинален статус. Тоа како лекар мора да го знаете“, вели Шрам-Хедер.

Само малку лекарски комори од оние кои ги контактираше ДВ имаат конкретни бројки за заканите, но многу од коморите, како во Берлин или Долна Саксонија, утврдиле груб тон од страна на пациентите. И кај пациентите и кај медицинскиот персонал се забележува замор од пандемијата, вели портпаролот на Берлинската лекарска комора: „Нервите се напрегнати.“

Повеќе: 88 проценти од невакцинираните во Германија не сакаат да се вакцинираат

Според наводи на лекарските комори, во октомври една клиника дури морала да биде привремено затворена и да биде ангажирана приватна служба за обезбедување, поради тоа што персоналот кој вакцинирал бил соочен со големи закани. Комората објаснува дека идентитетот на клиниката се држи во тајност, а лекарите не сакаат да даваат изјави за да се спречи натамошна ескалација.

Symbolbild Impfung

Повеќето од пациентите се благодарни што добиваат вакцина

Кога лекарите се мешаат со политичарите

Заканите за медицинскиот персонал во меѓувреме станаа рутина. Особено се погодени лекарите кои на социјалните мрежи се залагаат за вакцинација. „Медицинскиот персонал на лице место го носи главниот товар на сѐ поемоционалната јавна дебата за мерките против коронавирусот и вакцините“, објаснува Томас Шпикер, портпарол на Лекарската комора во покраината Долна Саксонија.

„Понекогаш разлутените јавувачи мешаат некој лекар со политичар“, вели тој за ДВ. „Од почетокот на пандемијата лекарите и нивниот персонал секојдневно се во вкрстен оган и го ризикуваат сопственото здравје. Тоа го спречува и лекувањето на другите болести.“

Волфганг Крајшер, претседател на лекарските здруженија Берлин и Брандебург, и покрај анонимните заканувачки писма, продолжува со својата работа: „Најголемиот дел од пациентите се многу благодарни што добиваат вакцина“, вели тој.

Други пациенти доаѓаат на вакцинација затоа што се чувствуваат присилени. „Тие не сакаат информации за вакцините, сакаат едноставно да добијат вакцина и си заминуваат“, објаснува тој.

Нему му е познат случај на лекарка која веќе не дава вакцини затоа што бил фалсификуван печат од нејзината ординација и бил измамнички искористен за документи за вакцинација. „Секогаш кога ќе добие информација дека печатот бил искористен, таа мора да оди во полиција и да дава изјава. Тоа стана премногу работа“, нагласува Крајшер.