„Левица“ за детронизација на Груевски | Македонија | DW | 15.11.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Левица“ за детронизација на Груевски

Oгромно незадоволство од Груевски, но без јасна определба за СДСМ – во такви услови формираме партија не за да го цепиме фронтот на опозицијата, туку за да се детронизира автократот, вели за ДВ активистот Здравко Савески

На политичката сцена во Македонија се раѓа нова партија. Левица влегува во политичка битка за поголеми права на сиромашните и непривилегираните. Глувоста и некооперативноста на власта и урнисаните демократски процеси се клучниот мотив за иницијативата.

ДВ: Од Здружение за социјална правда до политичка партија. Зошто по неколкугодишно активно, пред се‘ граѓанско учество во општествено политичкото секојдневие се решавате да формирате политичка партија?

Савески: Одлуката воопшто не беше лесна. Но, голем број граѓани тоа го бараа и очекуваа од нас веќе подолго време. Покрај тоа, се соочивме со ситуација кога преку повеќедневни протести најмногу што можевме да успееме да издејствуваме е враќање (главно делумно, а понекогаш целосно) на некое претходно законско решение, кое најчесто и самото не било најдобро. А ние, како левичари, секогаш сме сакале покрупни општествени промени, а не минорни корекции на неолиберализмот. Поради глувоста и некооперативноста на власта во однос на барањата на граѓаните кои протестираат, ние се одлучивме на овој чекор, преку Парламентот да се обидеме да издејствуваме промени во полза на големото мнозинство сиромашни и непривилегирани. Но, формирањето партија не значи дека се откажуваме од протестите. Кога ќе се јави потреба преку протест да се изрази незадоволство, ние и понатаму ќе учествуваме на него или ќе го организираме.

Класичната левичарска идеологија некои ја сметаат за поразена со распадот на социјалистичките системи. Зошто сметате дека токму таа сега и‘ е потребна на Македонија? Што согледавте дека им е потребно на граѓаните што можете да им го дадете, а другите досега тоа не успеваат?

Речиси смешно е да се зборува за неуспесите на бившиот систем во услови на тотален неуспех на „транзицијата“. Имаме 25 години „транзиција“, „капитализам“, или како сакате наречете го сегашниот систем. 25 години се четврт век. Четврт век се доволен временски интервал за да можат да се извлекуваат релевантни заклучоци за еден општествено-економски систем. За мнозинството наши граѓани овие 25 години значеа тонење во сиромаштија. Малку се тие што денес живеат подобро отколку што живееле во 1990 година. Ако на сето ова му се придодаде неслободата, кршењето на демократијата на која сме сведоци особено последните години, со кое право некој може да смета дека треба да зборува колку бившиот систем не чинел? Да, бившиот систем имаше сериозни недостатоци во однос на демократијата и човековите права и тоа е една од главните причини зошто пропадна. Но, она за што треба да зборуваме не е минатото, туку иднината. Како да се врати демократијата во Македонија, но не само тоа, како да се подобри животниот стандард на големото мнозинство осиромашени граѓани? Цело време не’ убедуваат дека Македонија е сиромашна земја и дека нема доволно пари во буџетот за обемни социјални програми. А како тоа има пари за споменици?

Со оглед на вашите цели и досегашни заложби, природен сојузник би требало да ви бидат партиите од левицата. Стратегијата ви е да се борите самостојно, или сепак се гледате во некаков сојуз со некоја од опциите кои „до вчера беа опозиција“?

Досегашните партии на левицата досега се однесувале не баш левичарски, особено кога биле на власт. Не зборувам само за приватизацијата, туку и за намалувањето на работничките права и на социјалните бенефиции. И СДСМ и СПМ и НСДП, кога беа на власт, не беа познати по своите социјални и работнички заложби. Така што, колку тие навистина се дел од левицата е доста дискутабилно прашање. Сепак, во услови на авторитарен режим кој го инсталира ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски, ние недвосмислено ќе застанеме во одбрана на демократијата. И во тоа не се разликуваме од опозицијата. Што се однесува до прашањето дали ќе настапиме самостојно на изборите, тоа е нашиот план. Значителен број гласачи не гласаат на избори поради незадоволство од постојната партиска понуда, има гласачи кои поништуваат гласачки ливчиња поради истата причина, огромно е незадоволството од Груевски, но нема јасна подготвеност да се гласа за СДСМ – во такви услови ние формираме партија не за да го цепиме фронтот на опозицијата, туку да го обезбедиме детронизирањето на автократот.

Третата опција досега во Македонија реално не заживеа, иако имаше бројни иницијативи. Зошто би успеала сега?

Досега се појавуваа само квази-нови трети партии. Формирани од стари политичари. Често со мал углед кај народот. Веќе видени. Па ќе беше чудо ако таквите „нови“ партии успееја. Ние формираме нова партија со нови луѓе, со нови идеи. И наместо, како сите, да се туркаме во центарот, ние ја пополнуваме левицата. Која, жално но вистинито, толку многу години беше празна. Сакаме да направиме промена во корист на обичниот човек, оној што не може да најде работа, а кога ќе ја најде, принуден е да трпи секакво изживување на работното место само за некако да сврзе крај со крај. Имаме волја да работиме во корист на сиромашното мнозинство, а не во корист на богатото малцинство. Имаме и срце тоа да го направиме. И се надеваме дека нашите осиромашени и обесправени сограѓани тоа ќе го поддржат.

Неодамна изјавивте дека се радувате на победата на вашите другари во Грција, мислевте конкретно на СИРИЗА на Ципрас, кој во меѓувреме доби уште една поддршка на изборите. Ве охрабри ли тоа дополнително за овој чекор, дека е време за такво нешто и во Македонија?

На Македонија и’ треба силна левица. Силна левица му треба на Балканот, и’ треба и на цела Европа. Доста се израдувавме на победата на СИРИЗА во Грција на почетокот на оваа година. Но, ова лето Ципрас многу разочара многумина левичари. Мораше да поднесе оставка кога веќе сметаше дека не може да се спречи притисокот на меѓународниот капитал. Власта не смее да се држи по секоја цена. Ќе го имаме предвид искуството на СИРИЗА, вклучително и позитивните и негативните аспекти на тоа искуство. Едноставно не вреди власта ако си го предал она за што си се залагал.

Левица во Грција, можна Левица во Македонија - може ли тоа да значи и своевидно политичко помирување и евентуално одмрзнување на спорното прашање кое паралелно со внатрешните политички проблеми е клучно што го кочи евроатлантското интегрирање на Македонија?

Ние со грчката левица сме имале доста плодна соработка претходните години, особено на антинационалистички план. Додека ние, обичните луѓе од двете земји, се мразиме, тие, политичките и бизнис елити од двете земји, не’ ограбуваат. Национализмот е одлична алатка за одвлекување на вниманието на обичниот човек од неговите реални проблеми. Планираме да ги подобриме односите помеѓу луѓето со различна етничка припадност во Македонија и планираме да градиме мостови, а не ѕидови со нашите соседи. Како вистински левичари!

Реклама