1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како „Рекет“ се најде во италијански десничарски весник?

8 август 2019

Ла Верита, весникот кој ја објави видео снимката од случајот „Рекет“ важи за десничарски весник со мал тираж кој ја поддржува популистичката Северна лига на италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини

https://p.dw.com/p/3NYLt
Screenshot von  der italianischen Zeitung La Verita über das Skandal in Nordmazedonien
Фотографија: La Verita

Италијанскиот весник кој денеска се најде во центарот на вниманието на македонската јавност со објавата на видеото од предавањето на парите во случајот „Рекет“, објавува и подолг текст на темата.

Во текстот, Ла Верита ја опишува Северна Македонија како држава „со ограничен суверенитет во која политичките актери се кукли зад кои стојат далеку помоќни меѓународни фактори“.
Понатаму, весникот дава генеза на случувањата во земјата па наведува дека „во 2016 Меркелова Германија, преку локалното раководство на Дојче Телеком, пресретнала илјадници часови телефонски разговори меѓу членовите на поранешната конзервативна влада и ги предала транскриптите директно во рацете на Зоран Заев со цел да му помогне да дојде на власт и да манипулира со нив како сака“.

„Германскиот план беше комбиниран со Сорос кој со месеци финансираше протести на улиците. Како и да е, и покрај тоа што несаканото фаворизирање однадвор успеа, конзервативната влада на ВМРО-ДПМНЕ секогаш ја оспоруваше вистинитоста, содржината и методите на прислушкувањето.

Ла Верита сега дојде во посед на видео, кое пред неколку недели му беше предадено на Обвинителството за организиран криминал на Северна Македонија од страна на адвокатот на жртвата, кое за првпат ја докажува вмешаноста на Боки 13 во координација со обвинителката Катица Јанева. 

(...) Видеото, кое во целост е во рацете на македонскиот правосуден систем, ќе покаже како се одвивал поткупот, а аудио снимката од 20 февруари 2019, покажува како шоуменот и ветува на жртвата ослободување од домашен притвор. Слободата всушност се случила на ветениот ден“, пишува Ла Верита.

Чии се снимките?

Во текстот на Ла Верита нема никаква назнака за тоа од каде е добиено видеото, ниту се наведува извор за целата приказна. Во македонската јавноста досега често се пишуваше дека сведокот-жртва Камчев ги снимал сите разговори кои ги водел со осомничените во случајот „Рекет“. Доколку Камчев му ги предал снимките на македонското Јавно обвинителство, прашање е кој би бил изворот на овие снимки? Обвинителот Јовески за ДВ веќе демантираше дека ОЈО е извор на снимките. 
Дали Камчев ги давал снимките и на други лица или држави? Во јавноста исто така се шпекулираше дека Камчев уште кога почнало рекетирањето побарал заштита од странска држава. Со оглед на тоа дека поседува и бугарски пасош, логично би било да се обратил во Софија, која пред една година го предложи и за почесен конзул. Но, бугарските власти минатата недела за ДВ демантираа дека биле контактирани од Камчев за случајот и дека му пружиле заштита, иако велат дека го следат случајот.

Последната дилема која се наметнува е зошто токму весникот Ла Верита? Се работи за весник формиран во 2016 година со релативно скромен тираж од 70 илјади примероци дневно и со седиште во Милано. Ла Верита важи за десничарски весник кој негува тесни врски и му дава отворена поддршка на лидерот на популистичката Северна Лига (Лега Норд), Матео Салвини. Салвини е актуелен министер за внатрешни работи.

Italien Matteo Salvini
Ла Верита е весник кој отворено го поддржува популистот Матео СалвиниФотографија: Getty Images/AFP/A. Solaro

Весникот, како и Северната Лига, е приврзеник на идејата за илиберална демократија и поддржувач на политиките на Доналд Трамп во САД, Виктор Орбан во Унгарија и Владимир Путин во Русија.

Мал преглед на архивата на весникот, открива серија текстови во кои се критикува „улогата на Сорос во Македонија“, како и интервју со поранешниот македонски министер за надворешни работи Никола Поповски од 2017 година во кое тој ги оценува активностите на Сорос во земјата „како неприфатливи“. Неретко, текстовите на Ла Верита се пренесуваат и во некои македонски медиуми и интернет портали, а последен таков случај беше во јуни годинава по аферата со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Речиси сите текстови во врска со Македонија објавени последниве години во весникот се потпишани од еден автор: Ларис Гаисер. Гаисер е роден во Словенија државјанин кој од утрово преку својот Фејсбук профил активно го рекламираше текстот, а потоа ги постираше и линковите од македонските портали кои го пренесуваа текстот. Според биографијата објавена во Ла Верита, Гајзер е консултант и член на „Италијанскиот тим за безбедност, тероризам и менаџирање на кризи“- ИТСТИМЕ (Време е) како истражувачки центар на Одделот за социологија на Католичкиот универзитет во Милано. 

На Твитер профилот на весникот можат да се најдат и постови во кои доминира хаштагот #бојкотирам, како овој од 2 август 2018 година. 

Следбеник на Берлускони и Салвини

Основачот и главен уредник на весникот Ла Верита, Маурицио Белпиетро својата кариера ја гради во медиумите на Силвио Берлускони и важи за близок до него. Неколку пати е обвинет и осудуван за навреди и клевети, насочени како кон политичките противници на Берлускони, така и против муслиманите. Последниот пат тоа беше случај во 2015 година кога како уредник на десничарскиот весник Либеро, објави текст за терористичките напади во Париз под наслов „Исламистички копилиња“.

Судот во Милано тогаш го ослободи од вина, иако обвинителството бараше парична казна. И покрај бурата во италијанската јавност, по пресудата Белпиетро доби отворена поддршка од претседателот на популистичката партија Северна Лига во Ломбардија, Роберто Марони.

По падот на Берлускони од политичката сцена, Белпиетро се зближува до лидерот на италијанската Северна лига (Лега Норд)  и министер за внатрешни работи Матео Салвини. Партијата на Салвини е на власт во Италија од јуни 2018 година во коалиција со популистичката движењето „Пет ѕвезди“. 

Објавувањето на снимките од „Рекет“ се случува во период кога Италија е потресена од аферата „Русијагејт“- аудио снимки во кои Салвини преговара со руски државници претставници за илегално префрлање пари (65 милиони евра) од продажба на нафта на сметката на неговата партија.

Салвини со години се обидува да изгради крајно десна коалиција на европско ниво со партијата на Марин Ле Пен во Франција, Герт Вилдерс во Холандија и германската Алтернатива за Германија (АфД), а негува тесни врски со Орбан и со Партијата на правдата и правото во Полска на Качински.

Сите ги поврзуваат анти-имигрантските ставови и ширењето омраза кон странците.