Латинска Америка е “црвена“ по изборната 2006-та | Свет | DW | 04.12.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Латинска Америка е “црвена“ по изборната 2006-та

Во вкупно 12 земји од континентот се одржаа претседателски или парламентарни избори и на повеќето победија левите сили. Дали е на повидок нова левица во Латинска Америка? Мирјам Герке се позанимава со ова прашање.

Блиску до обичниот човек: Хуго Чавез, реизбран за претседател на Венецуела

Блиску до обичниот човек: Хуго Чавез, реизбран за претседател на Венецуела

Левицата на Латинска Америка што дојде на власт по крајот на студената војна не се ориентира идеолошки повеќе кон Москва или Пекинг. Нејзините корени се многу повеќе во општото социјално и политичко незадоволство во овие земји. Сепак, мора веднаш да се каже дека и покрај ваквата слична социјална ситуација, не може да се зборува за нова, единствена левица со заедничка идеологија. Експертот за Латинска Америка Клаудија Цила од Фондацијата за наука и политика во Берлин оценува:

“Станува збор за социјални движења, партии и групи на левиот табор во тамошните земји, но тие не застапуваат иста идеја, ниту пак иста владина програма.“

Тие имаат и сосема поинаква традиција зад себе како политички субјекти. Социјалистите кои се на власт во Чиле, заедно со христијанските демократи, имаат зад себе стогодишна традиција. Во Уругвај наспроти тоа левицата за прв пат доаѓа на власт со актуелниот претесдател Табаре Васкез.

“Нешто друго е во Венецула, каде Чавез е поранешно воено лице, што значи дека доаѓа од сосема друга средина и нема партиско политичко минато. Друг пример е Ево Моралес во Боливија, кој доаѓа од синдикалното движење.“

Овие последните двајца спаѓаат во групата порадикални левичари во Латинска Америка, за разлика од умерените социјалдемократски политичари кои се на власт на пример во Чиле, Бразил или Уругвај.

Ваквиот развој има и историски причини. Имено, крајот на ерата на воени диктатури на континентот не донесе подобрување на социјалниот стандард. Во 90-тите години владите се ориентираа според “консензусот со Вашингтон“ и водеа неолиберална политика на приватизација, намалување на јавните давачки и дерегулација на пазарите. Ова сето не придонесе ни малку за намалувањето на сиромаштијата. Рецептите на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд напротив придонесоа од 550 милиони латино-американци цели 220 да живеат под границата на сиромаштијата. Латинска Америка стана дел од светот со најдрастични социјални разлики. Не е ни чудо што во 2006-та речиси сите избори ги добија левичарските сили.

Ова е инаку процес што трае уште од 90-тите години, но не беше толку воочлив. Тоа е токму шанса за земјите од регионот:

“Латинска Америка не е повеќе во фокусот на меѓународното внимание, на САД и на Европа. Европа се занимава со проширувањето и повеќе ја интересираат источните соседи. А САД по нападите од 11. септември 2001-та исто имаат други интереси. Така се‘ додека Латинска Америка останува релативно мирен регион, нема ни да се врати на врвот на приоритетите“ - порачува експертот Клаудија Цила од “Фондацијата за наука и политика“ во Берлин.