Лазаров и другарите: Чекор по чекор до полуфинале | Северна Македонија | DW | 19.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Лазаров и другарите: Чекор по чекор до полуфинале

Македонските ракометари од вчера се во новата база во близина на Вараждин каде се подготвуваат за натпреварите од четвртфиналната фаза на Европското првенство во ракомет. По успешната прва рунда, растат и апетитите

Меѓу македонските навивачи веќе се бара карта повеќе, на социјалните мрежи се делат совети како најбрзо да се стигне дотаму и да се најде сместување... Сите патишта деновиве водат кон... Вараждин. Хрватскиот град од Македонија го делат нешто помалку од 900 километри, но за многу Македонци деновиве ќе биде „главен град“. Македонските репрезентативци се веќе таму, удобно сместени на 15 километри од градот. Надежите и очекувањата се големи, но и претпазливоста. Во натпреварите од четвртфиналната група македонските ракометари влегуваат од првото место со најголем број освоени бодови (3) од првата фаза. Но, ги очекуваат три тешки дуели. Најпрво в недела, прв противник е Шпанија- селекција која со години е во врвот на светскиот ракомет и има играчи од највисок калибар на сите позиции. Шпанците го расипаа добриот впечаток од првите два натпревари со пораз од Данска во последниот, клучен, натпревар од нивната група. Чешка е противник кој не смее да се потцени, но против која Македонија мора да игра на победа. Тој натпревар е на распоредот во вторник. Ден подоцна, в среда на 24 јануари, одлучувачкиот дуел би можел да биде против Данска со која Македонија има изразено негативен скор во досегашните меѓусебни дуели. 

 Europa Meisterschaft Zagreb Handball (DW/P. Stojanovski)

Кирил Лазаров


Во изјавите, играчите велат дека се свесни за тежината на противниците, но и за фактот дека по успесите во првата рунда, никој повеќе не гледа на Македонија како на аутсајдер. Математиката вели дека две победи во трите преостанати дуели би биле доволни за полуфинале, во идеална варијанта, веројатно и една победа и еден нерешен резултат. 
„Мислам дека мечот со Шпанија ќе биде многу значаен и дека мораме да одиграме максимално. Потоа доаѓа пресметката со Чешка, ако победиме на тие две средби тогаш натпреварот со Данска може да нема резултатско значење“, вели репрезентативниот бек Филип Миркуловски. 
Најголемиот адут на македонската репрезентација сепак е на клупата. Раул Гонзалес во првите три меча покажа дека му припаѓа на светскиот ракометен врв со својата тактика и стратегијата насочена кон секој противник одделно. 
„Нема притисок, Мора да знаеме кои сме. Ние мораме да ја играме нашата игра“, порачува шпанскиот стратег пред дуелот против неговата матична репрезентација в недела на 21 јануари. 
Македонската ракометна репрезентација веќе настапувала во Вараждин за време на Светското првенство во Хрватска во 2009 година. Првенството се памети по големите победи против репрезентациите на Полска и на Русија, токму во Вараждин. Кирил Лазаров со 92 постигнати голови беше најдобар стрелец на првенството. 

DW.COM

Реклама