„Лажните вести се закана за демократијата“ | Свет | DW | 10.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Лажните вести се закана за демократијата“

Нема алтернатива за корегирањето на лажните вести, вели за ДВ професорот по комуникации од Минхен, Карстен Рајнеман.

ДВ: Од самиот почетокот на постоењето на медиумите постојат и измами. Зошто се различни лажните вести?

Карстен Рајнеман: Медиумите порано имаа поголема моќ над тоа што се објавува. Во последно време, секој интернет корисник може да внесе лажна вест во делумно јавен или јавен форум. Многу е полесно и посуптилно. Друга разлика е тоа што секој интернет корисник е дел од процесот на споделување вести. Информациите може да се шират многу брзо вон мејнстрим медиумите.

Зошто овој феномен беше толку истакнат во 2016 година?

Имаше настани со голем публицитет кои беа во релативно тенка врска со вистината. Ова беше случајот со Брегзит, односно кампањата за напуштање на ЕУ и со претседателската кампања на Доналд Трамп. Трамп даваше нереални изјави и покрај доказите за спротивното. Во меѓувреме, голем број шпекулации и теории на заговор се здобија со популарнност на интернет. На тоа се должи импресијата дека минатата година беше особено лоша.

Што можат да постигнат лажните вести?

Во една демократија, обичните граѓани и оние кои носат политички одлуки, повеќе или помалку се согласуваат за тоа каква е реалноста. Лажните вести можат да го нарушат овој консензус. Некои луѓе живеат во тотално поинаква реалност, со сосема различно поимање на вистината. Ова може да биде проблематично за демократското одлучување.

Значи ова е закана за демократијата?

Апсолутно. Кога една група е убедена дека криминалот е зголемен поради бегалците, а друга група е убедена во спротивното, носењето на политички одлуки не успева поради недостиг на согласност за тоа што всушност е вистината. Ова е голем проблем за демократијата.

Според ваше мислење, кој е најдобриот начин за справување со проблемот со лажните вести?

Во Австрија има релативно добро позната платформа посветена на идентификување на лажни вести. Не гледам еквивалент во Германија. Независна организација за проверка на факти би можела да се спротивстави на аргументите на медиумските скептици кои велат: „Тоа се повторно лажливите медиуми“. Тука се особено повикани политичарите кои им се идеолошки блиски на таквите медиумски скептици. Тие не би требало уште повеќе да ја засилуваат вербата во лажни вести или пак со претерана критика да поттикнуваат атмосфера против медиумите.

Professor Carsten Reinemann (C. Reinemann)

Проф. Карстен Рајнеман

Вие исто така студиравте психологија. Зошто луѓето веруваат на вести кои очигледно не се точни?

Ние, луѓето, стремиме кон тоа да им веруваме повеќе на работите кои соодветствуваат на нашето сопствено мислење. За нас и луѓето кои ги раскажуваат тие работи се поверодостојни. Не игра некоја голема улога дали тоа во суштина е и точно. Кога ќе видиме дека она што го веруваме е погрешно, тоа во некои случаи води до промена на ставовите. Но, во голем број случаи тоа уште повеќе го зацврстува нашиот став. Тоа на прв поглед е чуден феномен, но е поврзан со тоа што не ги обработуваме информациите неутрално, туку врз основа на нашето лично мислење.

Дали тоа е акт на одбивање и неверување?

Да, и тоа може да има голем број на последици. На пример, јас можам да се сомневам во кредибилитетот на некој кој ми вели дека не сум во право. Или, доколку станува збор за статистика, да не верувам на изворот. Значи, не функционира. Обидот да се корегира лагата или погрешното мислење, често може да предизвика спротивен ефект.

Зошто тогаш се да се корегира лагата, ако тоа не може да биде успешно и предизвикува спротивен ефект?

Тоа не е случај со сите луѓе. Секогаш има една група која едноставно знае што е исправно. Потоа има група која не може да биде разубедена или да се откаже од лажните ставови. Помеѓу овие две групи има група која не е до крај убедена, односно нема заземено цврсти ставови и е отворена за вистински факти. Тие се оние до кои треба да допреме. Нема смисла секогаш да се разубедуваат тврдокорните поддржувачи на одредени ставови, затоа што нивните мислења никогаш нема да бидат променети поради нивното длабоко идеолошко убедување.

Во САД се води дебата за тоа колкаво влијаниеимаа лажните вести во крајниот исход на претседателската трка.Во Германија парламентарни избори ќе се наесен. Дали лажните вести можат да влијаат на нив?

Се разбира, лажните вести секогаш можат да влијаат. До кој степен, останува да видиме. Сепак, публиката, медиумите и политичарите треба да внимаваат. Луѓето можат да креираат каков било поглед кон светот изграден од информации од најчудни извори на интернет. Во Германија, сѐ уште имаме широка и разнолика палета на медиуми кои можат да се борат против ова. Нема алтернатива на корегирањето на лажните вести. И не може целосно да избегне сериозното сфаќање на лажните вести, но претпазлив оптимист сум дека ќе успееме.

Карстен Рајнеман е професор по комуникации на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен. Сега истражува во сферата на популистичката комуникација и начинот на кој младите го доживуваат екстремизмот на интернет. Во моментов се создава голем истражувачки проект во чија основа е „посфактичката ера“.

Реклама