Лажењето ве прави болни и осамени | Панорама | DW | 27.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Лажењето ве прави болни и осамени

Лажни извинувања, лицемерни интереси, бедни изговори: Сите лажеме за да избегнеме конфликти. Но, тоа не е толку безопасно како што звучи. Лагите можат да ве направат болни и да ги уништат врските.

Се е супер, добар сум! Тоа е најчестата лага што си ја кажуваат луѓето едни на други. На врвот на секојдневните лаги, според истражувањето на Музејот за наука од Лондон, покрај лажните извинувања од типот „немав мрежа на телефонот", „бев заглавен во гужва на пат" е онаа: а, ослабен си!

Една репрезентативна анкета на институтот Сплендид рисрч покажува дека речиси 60% од Германците лажат секојдневно. Притоа лажењето не е само германски туку глобален феномен. Истражувањата велат дека поголемиот дел од луѓето во еден десетминутен разговор најмалку еднаш ќе кажат нешто невистинито. Дали овие бројки се навистина точни тешко е да се докаже. Но, сепак аналитичарите при правењето на анкетите тврдат дека испитаниците даваат вистинити одговори кога станува збор за лажње.

Како ти на мене, така јас на тебе

„Лажам намерно, за мајка ми да биде задоволна," вели една објава на Фејсбук, во анкетата на Дојче Веле за причините за нечесноста и лажењето. Да се расположи некој или да се направи некој среќен е причината за лажење кај 49% од испитаниците. „Човечката интеракција функционира добро само ако не им наштети на самодовербата на другите", вели Марк Андре Рајнхард, психолог од Универзитетот во Касел. Затоа општество без лаги е незамисливо. „Ние сме многу чувствителни кога станува збор за негативни информации за нас лично, нешто што ја наштетува сликата за нас". И бидејќи вистината често боли, употребуваме мали лаги.

Затоа и ја фалиме новата фризура на пријателката, наместо да и кажеме дека не и стои. За возврат таа веројатно не кажува „ама си се здебелил". Сметката оди вака: гледај си ги твоите работи, јас моите.

Помалку лаги, помалку главоболки и депресии

Значи да живее лагата! Не е баш така едноставно. Премногу лажење може да ве разболи. Дури и малите невистини за кои зборувавме, за некого да расположиш или да се заштитиш себе си, може да предизвикаат психички или телесни проблеми. Во зависност од големината на лагите, може да биде многу исцрпувачки ако треба постојано да се преправате за нешто. Една студија на Американската асоцијација за психологија, предводена од психологот Анита Кели, покажа лажењето влијае на здравјето и подобро е да се лаже помалку.

Научниците направиле испитување со група луѓе и им наложиле да се откажат од што е можно повеќе таканаречени „бели лаги“ - т.е. секојдневни лаги. Ова вклучува не само лажни извинувања и лажни изговори, туку и претерани комплименти за да се направи нечија личност да изгледа попозитивна и интересна. На овој начин истражувачите испитувале до кој степен влијае врз здравјето намалената употреба на лаги кај испитаниците.

По десет недели е утврдено дека испитаниците биле помалку напнати, меланхолични или помалку депресивни, како и дека имале помалку телесни болки, на пример, помалку главоболки, а кај некои главоболките целосно исчезнале. Истовремено, врските на испитаниците со пријателите и семејството за ова време не само што не се влошиле, туку и се подобриле и се продлабочиле.

Лаги во име на љубовта

„Се плашам дека нема да им допаѓам на луѓето или дека нема да ме сакаат повеќе, затоа лажам“, пишува еден корисник на Фејсбук. Така што секое претерување, секој лажен изговор, секоја лажна насмевка не служи само за заштита на самодовербата на друго лице, туку пред сѐ лична заштита. Впрочем, сите ние сакаме да бидеме сакани и да припаѓаме некаде.

Иако сите постојано подлажуваме, во основа очекуваме дека другите со коишто комуницираме се искрени со нас. Авторите на студијата претпоставуваат дека луѓето несвесно го прифаќаат тоа, ако ова очекување не е исполнето. Затоа, многу лаги создаваат оддалечување и раѓаат недоверба меѓу луѓето.

Меѓутоа, ако можеме - дури и несвесно - да сфатиме дека некој не е искрен, зборува лажно и има лажна насмевка, тогаш барем малку се намалува ефектот на лагата. Ова може да нè спаси некои конфликти, но исто така ги оддалечува луѓето.

Од една страна, нам ни се потребни лагите за да избегнеме конфликт со колеги, но од друга страна, невистината го оштетува нашето здравје и желбата за блиски врски со другите луѓе. Што треба да сториме?

Да се каже се во секое време, насекаде, се она што ти минува низ главата не е единствената алтернатива на лажењето. Психологот Кели сугерира: помалку е повеќе. Помалку претерувања, помалку изговори. Наместо тоа, подобро е да се каже само „Жал ми е“.

Исто така, може да помогне, пишуваат научниците, да си забраниш да кажуваш лаги. Кој го прави ова избегнува да прави работи за кои ќе треба потоа да лаже.

 

Реклама