Прво патување на папата Лав XIV - средба со Исламот
27 ноември 2025
Речиси седум месеци по неговиот изборза поглавар,Папа XIV тргна на своето прво патување во странство. Од 27 до 30 ноември тој ќе престојува во Турција, а потоа до 2 декември во Либан. Со тоа поглаварот на римокатоличката црква, кој по потекло е од САД, го продолжува меѓународниот ангажман на своите претходници. Денес посетите во странство се сфаќаат како дел од папската служба која речиси е „незамисливо без тоа“, вели за ДВ црковниот историчар и експерт за папство од Аугсбург, Јерг Ернести. Со нетрпение се очекува кои акценти ќе ги стави Лав на своето прво патување и како евентуално ќе се разликува од своите претходници. Во Турција папата планира да ги посети Анкара и Истанбул, а ќе патува и во Никеја (турски: Изник) каде што се одржал Првиот вселенски собор пред 1.700 години. Во Либан на агендата се главниот град Бејрут и неколку помали места за поклонение на северот од земјата. На крајот на патувањето Лав ќе го посети и пристаништето Бејрут, каде што летото 2020 година во ужасна експлозија беше уништена цела градска населба, при што загинаа околу 200 лица.
На времето живееле многу христијани Турција и Либан
Двата народа ги поврзува една особеност - пред нешто повеќе од еден век, христијаните сочинувале значаен дел од населението. Во Турција околу третина од луѓето биле припадници на некоја од црквите, во Либан дури и повеќе од половината.
Денеска помалку од еден процент од населението во Турција се изјаснуваат како христијани, во Либан околу 30 проценти. Турција, покрај Италија, е првото место во светот кое било домаќин на дури пет поглавари на римокатоличката црква.
Причината за тоа е што во азискиот дел на Турција се наоѓаат важни места од најраната историја на христијанството и таму биле основани првите христијански заедници. Во Истанбул, поранешен Цариград, и денес е устоличен почесниот поглавар на православието - вселенскиот патријарх Вартоломеј (85). Неговата црква со децении веќе трпи ограничувања од турската држава. Лав – како и неговите претходници Јован Павле II (1979), Бенедикт XVI (2006) и Франциско (2014) – намерно доаѓа во Истанбул на крајот на ноември. Имено, на 30ти ноември се слави апостолот Андреј, кој за православието е важен колку што е апостол Петар за западните христијани.
„Ограничувања на верската слобода“ во Турција
Според Ернести, во Турција „најмногу е ограничена верската слобода“, што особено важи за Грчката православна црква, која по протерувањето на Грците од Цариград и Мала Азија пред околу сто години, е „прилично десеткувана“. Вселенскиот патријарх е ограничен во своето дејствување. Пред повеќе од 50 години, со државен декрет затворена е православната богословија на островот Халки во Мраморно море во близина на Истанбул. Римокатоличката црква, додава Ернести, не може слободно да дејствува.
Посетата е интересна затоа што првото патување на „новиот“ папа го носи во земја со муслиманско мнозинство. „Многу луѓе во исламскиот свет, особено во Турција, се чувствуваат почестени што папата ја избра Турција за првото патување во странство“, вели за ДВ Феликс Кернер, од католичкиот језуитски ред. Иако знаат дека тоа „не е примарната цел на патувањето“, сепак го доживуваат како укажување на голема чест.
„Меката моќ“ на папата
Кернер, еден од најважните исламолози во Римокатоличката црква, зборува турски и со години предавал во Турција. Според него, „христијанско-исламскиот дијалог во последно време добива нова динамика“. Во многу земји има генерација млади муслимани кои јасно гледаат дека нивните политички лидери ја користат религијата, особено исламот „за одржување на моќта - до точка на бруталност, како поддршка за неправеден систем“. За нив според Кернер, папата Лав претставува „алтернативна форма на верско присуство“. Тој покажува дека религијата може да биде моќна „преку мека моќ - преку пример, сведоштво, добри зборови, дипломатија“, а не „преку тврда моќ - државна сила, насилство, корупција“. Тоа им влева надеж на многу негови муслимански познаници, дека религијата може да се живее поинаку, без политизација.
Либанската етапа од патувањето – предизвик и можност
Заради сложената верска разновидност, либанскиот дел од патувањето е особено значаен. Земјата традиционално е обележана од соживот на бројни религии, без да има државна религија. Денес повеќе од 60 проценти од Либанците се сунитски или шиитски муслимани, околу 30 проценти се христијани од различни деноминации, а има и Друзи и Алавити. Шиитскиот Хезболах, поддржуван од Иран, е моќен политички фактор. Политичкиот систем е јасно поделен по верски линии, објаснува Ернести и додава дека Ватикан Либан го гледа како „полигон за успешен соживот на луѓе од различни религии“. Ако во таква земја не се најде хармонија, доаѓа до нестабилност. Ако се постигне соработка, целото општество профитира. Во сегашната состојба, Либан „воопшто не е лесна дестинација“ за папата Лав XIV.
Што се однесува до дијалогот со исламот, Кернер очекува папата да го продолжи курсот на приближување, но на поинаков начин од Франциско. „Франциско чекореше по патот на пријателството“ и ги нагласуваше симпатиите и градеше односи преку личен контакт, што ги обележа неговите посети во исламскиот свет, како Абу Даби во 2019та година и потпишувањето на документот за меѓусебно разбирање. Лав има слични приоритети и вредности, но поинаков стил кој е „многу поструктуриран, повнимателен, попромислен“, вели Кернер кој додава дека „Лав е канонист. Тоа е добро. Тој ќе создаде трајни структури за ова растечко разбирање меѓу муслиманите и христијаните“. Кернер смета дека „по еден тип папа кој чекори напред како Франциско, сега дојде сосема различен тип - оној кој таквото наследство го преточува во форми што ветуваат вистинска одржливост“ и кои овозможуваат подлабока соработка меѓу религиите.