Курц ноќе ја претставува партијата, а дење државата | Македонија | DW | 28.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Курц ноќе ја претставува партијата, а дење државата

Шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц денеска на прес-конференција со македонскиот колега Никола Попоски порача дека слободни и фер избори ќе ги отворат вратите кон ЕУ.

„Се надевам дека ќе успеете да направите важни реформски чекори пред сѐ во правец на зајакнување на правната држава и она што сега е нужно, а тоа се слободни и фер избори кои треба да се спроведат. Доколку тоа успее, тогаш Македонија се наоѓа на добар пат кон ЕУ и секако ќе има и отворање на преговорите“, изјави во Скопје шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц. 

Курц ѝ е благодарен на Македонија за затворање на Балканската рута за мигрантите, со што се намалил притисокот и врз австриската граница.

Синоќешното присуство на Курц на митингот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Скопје предизвика многу реакции во македонската јавност.На митингот, Курц оцени дека „Македонија е на добар пат кон Европската унија“, иако последните извештаи на Европската Комисија упатуваат на спротивен заклучок.

Денеска австрискиот дипломат објаснуваше дека неговото присуство на митингот не е воопшто спорно бидејќи тој ѝ давал поддршка на сестринската партија ВМРО-ДПМНЕ како член на австриската Народна партија. Курц рече дека на прес-конференцијата со Попоски присуствувал како австриски министер за надворешни работи, додека на митингот на ВМРО-ДПМНЕ бил присутен како претставник на Народната партија на Австрија.

Курц дообјасни дека тој не им сугерирал на граѓаните за кого да гласаат, туку само ги повикал да излезат на изборите.

DW.COM

Реклама