Курдите во Турција стравуваат од принудна управа | Свет | DW | 06.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Курдите во Турција стравуваат од принудна управа

Во југоисточниот дел од Турција партијата ХДП имаше голем успех на локалните избори. Но радоста има граници, зашто се стравува дека владата на АКП може да воведе принудна управа онаму каде што победи ХДП.

„Нѐ радува што победивме на локалните избори, конечно мора да се прифати волјата на народот. Само наша сопствена управа во градовите може да функционира како што треба“, вели една млада жена во разговор за Дојче веле. Две постари жени со шамии на главата возбудено се вклучуваат во разговорот. „Зошто повторно да се воведува принудна управа? Што бараат тие од власта овде? Ние не ги прифаќаме. Господ нека ги штити оние кои победија на изборите".

Вака се зборува деновиве на улиците во Дијарбакир, тоа го дискутираат и стари и млади, конзервативни или прогресивни. Тенорот гласи: Што вреди еден демократски легитимиран градоначалник, кога и онака од Анкара ќе стигне принуден управник испратен од владејачката партија АКП?

За Курдите во Југоисточна Анадолија локалните избори резултираа  исклучително позитивно. Радува посебно што Дијарбакир, најголемиот курдски град со околу 63 проценти, го освои прокурдската ХДП, Демократска партија на народите. Партијата позитивно го оценува резултатот, истакнува пратеничката од оваа партија, Фелекнас Уча.

„Резултатот е адекватен одоговор на народот на уништувањето, негирањето и одлучувањето отстрана (од страна на владата на Ердоган)“, вели таа за ДВ. Нејзината партија, истакнува таа, забележала важни успеси без оглед на отежнатите услови. Во западниот дел ХДП загуби некои општини, но ги освои регионалните метрополи Дијарбакир, Ван и Мардин, од АКП успеа да си поврати вкупно 48 општини.

Без оглед на успехот, постизборен мамурлак во Дијарбакир

Факт е дека преку локалните избори ХДП си враќа 48 општини од принудна управа на градоначалници блиски до АКП. Но, во курдските градови не владее голема надеж во самоуправа.

Türkei Zerstörung von Diyabakir (Murat Bayram)

Во судирите меѓу турската војска и милициите на ПКК, стариот дел на Дијарбакир беше речиси уништен

Зашто, во 2016 година турската влада ја разреши градоначалничката на Дијарбакир, Ѓултан Кисанак, ја осуди на 14 години затвор и испрати управник во градот, истото се случи во 96 други курдски градови, тамошните градоначалници беа заменети со принудни управници со партиски книшки на владејачката Партија на правото и равојот. Турската влада ги обвини градоначалниците од ХДП за соработка со терористичката организација ПКК, 40 од нив до денес се во истражен затвор. За тоа придонесе и тоа што милициите на ПКК во летото 2015 година зазедоа повеќе градови и ги прогласија за автономни зони, со што ја предизвикаа турската влада на дејствување.

Лоши изгледи

И претседателот Реџеп Таип Ердоган веќе навести дека принудните управници ќе ја продолжат својата работа. „Ако продолжи поддршката кон терористите, повторно ќе воведеме принудни управници“, повторуваше тој повеќепати на настапите на изборните митинзи.

Повеќе:

Почеток на крајот на ерата на Ердоган?

Локалните избори - тест за Ердоган

На локалните избори во Турција условите за сите партии не беа толку поволни како за владејачката партија на Ердоган, АКП. Бројни политичари на ХДП во текот на предизборната кампања се жалеа дека на ХДП и на другите опозициони партии речиси воопшто не им беше отстапен простор на радио и телевизија. Освен тоа Ердоган изгради заканувачка кулиса. „Нашите поддржувачи се соочени со закани, полицијата ги снима луѓето кои доаѓаат на нашите изборни штандови, ги регистрира нивните имиња. Ние сме изложени на притисок, насилство и вмешување“, се пожали копретседателот на ХДП, Сезаи Темели пред локалните избори.

Сега е прашање дали на функциите ќе стапат демократски избраните градоначалници од ХДП или принудни управници од Анкара. Едно е непобитно: на главната метропола на Курдите, Дијарбакир, ѝ е потребна ефикасна градска управа. Зашто ретко која турска метропола е толку погодена од економската криза како Дијарбакир. Ретко кој друг турски град мора да се грижи за повеќе бегалци, кои стигнуваат во Турција преку блиската граница со Сирија.

DW.COM

Реклама