Кумбаја | Македонија | DW | 21.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кумбаја

Во ваква констелација на општ жабарник, ќе доминира недостатокот на силна политичка агенда. Обидите на меѓународната заедница за брза стабилизација ќе имаат рок на траење, како и нивниот обновен интерес за регионот.

Малку е веројатно дека СДСМ ќе испорача. Уште помала е веројатноста дека ВМРО- ДПМНЕ ќе се реформира и ребрендира на вистински начин.  ДУИ ќе остане интроспективна, па со самото тоа и неконструктивна. БЕСА ќе остане заглавена на проблематичен колосек.  Напредок, значи, ќе има само за оние прашања кои се под директен интерес, па со тоа и притисок, на меѓународната заедница.  Со тоа, сегашното политичко друштво ќе произведе разочарување кај електоратот, а сила за ново политичко друштво немаме. Иако сме зрели за проветрување на политичките елити и нови опции, итноста на регионалната геостратегија нема да дозволи луксуз за нова поделба на политичките карти, туку партијата ќе мора да се одигра со она што е поделено.  Со еден збор, на трајната криза во Македонија одлично и оди, благодарам на прашањето.

Во наредниот период ни следи конгруенција на повеќе фактори кои ќе оневозможат суштински пробив во квалитетот на политичкиот живот, па со самото тоа ќе направат извлекувањето од калта да биде подолготраен и помачен процес одошто се надевавме.  Кај безмалку сите чинители, секаде од различни причини, се разбира, почетниот оптимизам и изблик на нова енергија, брзо ќе згасне и ќе биде заменет со едно тешко и болно соочување со реалноста, што ќе доведе до општо разочарување, а без можност за промени.

Галење на криминалот

Најнапред, кај СДСМ, тактиката на Заев за “Харе Кришна” пристап во процесирањето на  наводите за вкоренет криминал и корупција од претходната власт скоро сигурно ќе му донесе повеќе политички зијан одошто ќар.  Доколку не спроведе брз прогон, а индикациите не одат во таа насока, тој ќе му остави простор на ВМРО- ДПМНЕ да продолжи да мантра “не може нам нико ништа, јачи смо од судбине”, што секако процесот на департизација дополнително ќе го успори, имајќи ја предвид авторитарната природа на електоратот во Македонија генерално.  Потоа, таквиот хипи пристап на „галење” на криминалот сигурно ќе донесе разочарување кај критичката јавност, каде очекувањата се екстремно високи.  Тие се всушност толку високи на повеќе полиња, што е безмалку невозможно да бидат исполнети. Уште повеќе, времето поминато од изборите до составувањето на нова влада сега се “книжи” на конто на Заев, и гледаме дека критиките за динамиката на реформите се веќе гласни без притоа тој реално да поминал ни еден месец како премиер. Значи, имајќи предвид дека СДСМ најверојатно нема да успее на така брутален и ефикасен начин да го контролира јавниот дискурс, треба да се очекува дека толеранцијата за импотентноста на новата власт е веќе на стаклени нозе.  Со тоа, безмалку е неизбежно разочарување и од темпото и од опсегот на неопходните реформи.

Mazedonien Petar Arsovski Kolumnist DW-Mazedonisch (Privat)

Петар Арсовски

Политички лепрозни

Притоа, тоа разочарување нема да има каде да се канализира, зашто ВМРО- ДПМНЕ нема да успее брзо да излезе од негативниот имиџ кој сами си го наметнаа во последните неколку години. Кога таа партија дојде на власт во 2006, тие тукушто имаа зад себе едно успешно ребрендирање, од црвени во портокалови, од забрадени и запотени националисти-врескачи во млади и реформски ориентирани благонадежни јапи.  Со текот на нивното владеење, а особено последните три години, тие тој бренд го изгубија, и се вратија назад кон претходниот ксенофобичен и ретрограден стереотип. Дополнително, нивниот исклучив и брутален систем на владеење во континуитет им создаваше само повеќе непријатели и на домашната, и на меѓународната политичка сцена, до таков екстрем да сега ги направи безмалку т.н. “политички лепрозни” – кој ги допре има политичка штета од тоа. Таквата ситуација еклатантно укажува на потребата од повторно ребрендирање односно реформи во партијата. Прашање е, имајќи го предвид високиот ризик од судски прогон за “исчистените”, дали партијата колективно ќе има сила за таков болен рез, зашто во оваа констелација токму оние кои имаат најмногу да загубат од реформата во ВМРО- ДПМНЕ треба да бидат нејзини поддржувачи. Груевски ги праќа сите сигнали дека реформи ќе има, ама онолку колку што тој ќе каже, читај повеќе козметика, помалку суштина. Со тоа, мислам дека удолницата за таа партија ќе продолжи, и дека таму допрва следи соочувањето со реалноста: дека вакво ВМРО ДПМНЕ тешко дека скоро ќе се врати на власт.  Иако таа партија е позната по прагматизмот и храброста во политичките резови, сепак мислам дека кога се работи за вакви коренити промени, поверојатно е сценариото кое сме го гледале повеќе пати и во Македонија и во регионот: лидерот прво ќе ја зароби партијата, додека таа тоне заедно со него, одбивајќи да се соочи со неопходноста од промени, и се „свестува” дури откако неколку пати партијата ќе удри со главата во ѕид, па потоа почнува со обид за контролирани минимални козметички промени, кои органски потоа му бегаат од раце и стануваат суштински, под притисок од членството и јавноста.  Дури потоа, партијата се враќа како витална политичка опција.

Статус-кво кај Албанците

Притоа, кај албанскиот блок ситуацијата исто така мириса на долготраен и мачен статус кво.  ДУИ ќе продолжи да биде заглавена во сопствената внатрепартиска борба. Мислам дека актуелните моќници во ДУИ сеуште ја третираат фракцијата која беше противник на коалицирање со ВМРО- ДПМНЕ како предавници, и дека ќе ја продолжат стратегијата за нивна елиминација. Тоа е сега веќе во таа партија прашање на политичко преживување, зашто ако таа фракција остане силна, тоа неизбежно доведува и до разговор за потребата од колективна промена на лидерството, што сегашните моќници никако не сакаат да дозволат.  Истовремено, ДУИ има отпор кон неизбежниот нов политички наратив кој им е неопходен, бидејќи се покомотни со стариот, етноцентрички и конфронтативен пристап, кој досега им гарантираше дека Албанците ќе преферираат една силна албанска партија.  Разводенувањето на таквата приказна од страна на Заев, со активен пристап кон албанските гласови, го става вкупниот raison d'êtreна ДУИ под прашање.  Тие кон таквите промени ќе продолжат да имаат тврдоглав отпор. Тоа ќе ја направи таа партија целосно неконструктивна во новиот пристап со Заев, бидејќи интимно му е сеуште лута за победата.  Истовремено, ДУИ ќе продолжи да ја стимулира елиминацијата на БЕСА како нивна витална алтернатива, притискајќи го Заев на дополнителна конфронтација со нив.  ДУИ на сметка на стариот симбиот сега е со СДСМ, но цената за тоа ќе биде БЕСА, и нивната елиминација на локални избори. БЕСА, пак, наивно, таа приказна ја овозможува со нивното отсуство од владата и инсистирањето на некаква полуопозиција.  Тие забораваат дека опозицискиот пристап против ВМРО ДПМНЕ, кој им донесе резултат досега, отсега ќе работи против нив, зашто нивната сегашна позиција носи ризик Албанците да ги доживеат како кочничари на демисијата на Груевски, што ќе ги чини рејтинг.  Значи и во албанскиот блок ќе нема сериозно проветрување на среден рок, и нема да има чист победник.

Во ваква констелација на општ жабарник, ќе доминира недостатокот на силна политичка агенда.  Обидите на меѓународната заедница за брза стабилизација на регионот преку координиран притисок за влез во НАТО, ќе имаат рок на траење, како и нивниот обновен интерес за регионот. Не знам дали имаме капацитет оваа втора шанса да ја искористиме, зашто не знам дали цената за прием во НАТО, која е неизбежна (за тоа во друга колумна) имаме капацитет да ја проголтаме.  Но секако, временската динамика на овој процес нема да дозволи луксуз на потрага по нови политички елити, туку напротив, ќе ги направи сегашните играчи, со сите нивни маани, неопходни.  Оттаму, не треба да се очекува дека неизбежното разочарување од промените во општеството ќе произведат посуштински промени на лидерството.

Значи, и покрај конвулзиите на гадење од електоратот, ќе ги гледаме помалку или повеќе истите ликови, со помалку или повеќе истите приказни.  Притиснати, сакале не сакале, ќе ржат еден на друг, ама ќе мораат да се фатат за раце и под мустаќ, со кисела насмевка за камерите, да се нишаат заеднички и под диригентска палка да мантраат „Кумбаја”.

 

DW.COM

Реклама