Куманово бара спас од коронавирусот во кризна состојба по теркот на Дебар | Северна Македонија | DW | 31.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Куманово бара спас од коронавирусот во кризна состојба по теркот на Дебар

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски повторно апелира до централната власт да се ограничат влезот и излезот од градот пред состојбата со коронавирусот да излезе од контрола.

Kumanovo Mazedonien (Petr Stojanovski)

Куманово, архивска фотографија.

Куманово денеска се израмни со Дебар по бројот на заразени од новиот коронавирус, откако во последното деноноќие бројот на евидентирани случаи порасна за 23. Меѓу последните жртви на опасниот вирус е и еден 45-годишен кумановец. Но, за разлика од Дебар каде беше прогласена кризна состојба по откривањето на првите случаи уште на 13 март, во сто илјадната општина на северот на земјата, таква мерка не е на повидок.
„Остануваме на барањето да се затвори градот, и во него да се влегува и излегува само со нужна потреба“, вели за ДВ, градоначалникот Максим Димитриевски. Тој објаснува дека околу мерката постои согласност и во општинскиот кризен штаб, но дека централната власт засега не ја прифаќа. Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека не може да се зборува за „драматично зголемување“ на бројот на заразените од коронавирус во Куманово врз основа на денешното, еднодневно, зголемување на откриените случаи.

Mazedonien Maksim Dimitrievski (Maksim Dimitrievski)

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски


„Свесни сме за барањата кои што пристигнуваат од повеќе општини. Ние одлуките ги носиме врз основа на проценка на епидемиолозите“, рече Филипче. 
Според Димитриевски, и проценката на градските власти е правена врз основа на оценки на локалните епидемиолози. Тој предлага веднаш да се започне со лоцирање на жаришта на заразата во градот и да се изврши масовно тестирање на граѓаните. „Градот треба да се затвори затоа што има многу луѓе кои непотребно влегуваат и се шири заразата“, вели Димитриевски.
Вкупниот број на заразени досега е 47 луѓе.
„Бројките покажуваат дека бројот на заболени расте, што значи интенција на ширење на епидемијата. Се надевам дека нема да дојдеме до посериозна состојба и таа да излезе од контрола“, вели Димитриевски. Општинските власти, вели тој, ги преземаат сите неопходни мерки во делот на превентивно делување и дезинфекција на градот, набројувајќи ги мерките како укинувањето и намалувањето на градскиот превоз и затворањето на градскиот пазар.


Во Куманово засега 120 лица се во изолација со добиено решение, а 360 луѓе се во самоизолација.
Димитриевски вели дека паралелно се работи и на зголемување на свеста на граѓаните и строго се контролираат владините мерки за дистанцирање и избегнување контакт, особено откако било забележано дека во некои банки и институции тие не се почитуваат. 
Според последната анализа на Институтот за јавно здравје (30.03.2020), само Скопје и Дебар во Северна Македонија беа градови кои влегуваа во четвртата фаза на широко-распространета трансмисија во заедницата на коронавирусот. Сите останати градови каде беше откриен вирусот се вбројуваа во фаза 2 со спорадични случаи. 
И Советот за безбедност кој заседаваше попладнево заклучи дека нема потреба од дополнителни мерки на територијата на целата држава. 
 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама