Културата на пишувањето писма | Панорама | DW | 10.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Културата на пишувањето писма

Во светот на имејл-писмата и смс-пораките, уверени сме дека културата на писмата ќе исчезне. Меѓутоа, истражувачите сведочат дека дигиталната ера нема да ја истисне во целост фасцинацијата од писмата. Пишува Кица Колбе.

Писмата ме восхитуваа уште пред да научам и самата да пишувам. Тие тогаш за мене имаа небаре чудотворна  сила. Кога сте дете во фамилија која е распрсната низ целиот свет, ја сознавате рано тајната и силата на преписката со отсутните. Особено  во раните педесетти, кога  во светот во кој растев никој не помислуваше дека еден ден може да има сопствен телефон, писмата беа единствената врска со светот. А затоа што најкопнежливо очекуваните писма пристигнуваа секои два-три месеци од Америка и од Австралија во сини пликови, на кои беше отпечатен малечок авион, како дете верував дека тие паѓаат од небото. А тие што ги носеа во нашиот бегалски двор, поштарите, за мене не се разликуваа од ангелите и од самовилите, за кои раскажуваа бајките.  Затоа што моите роднини ништо не ги правеше толку среќни, како  кога поштарот ќе донесеше писмо од преку океанот. Тој трепет уште го чувствувам и денес кога ќе добијам писмо од многу блиска личност.

Кога мислам на културата на писмата, неминовно мислам на моите први вежби самата да напишам писмо. И, секако, на краснописот кој, за чудо, во педесеттите беше предмет не само во моето социјалистичко школо, туку, според  сведоштвата на моите германски роднини, и  во Германија. Моите постари германски пријателки уште не се откажуваат од пишувањето писма или убави картички за роденден, за Божик и за Велигден. Некои од нив  уште умеат да ми испратат писма кои во мене  го разбудуваат восхитот за писмата од детството. Таква е една   пријателка  која понекогаш ми пишува долго писмо на почетокот на пролетта или од одморот  во Швајцарија. Нејзините писма  се необични како и таа самата. Пристигнуваат во шарени  пликови, со избрани поштенски марки, а на пликовите таа црта и слика. Или само  името и адресата ги пишува во убав калиграфски стил, но секоја буква со различна боја. Така обичната адреса станува  речиси виножито. Ниту едно писмо од неа не е кусо, туку секогаш  неколку страници, на кои ми  раскажува особена приказна.

Во светот на имеил-писмата и смс-пораките, уверени сме дека културата на писмата ќе исчезне. Навистина, поштата потврдува дека се‘ помалку се испраќаат писма. Меѓутоа, истражувачите на културата на писмата сведочат дека дигиталната ера нема да ја истисне во целост фасцинацијата од писмата. Уште повеќе што научниците кои се занимаваат со дејството на   ракописното пишување писма  врз функцијата на мозокот потврдуваат дека тој не е „хард диск“, односно дека ракописното пишување е многу покомплексен процес од чукањето во тастатурата. Во таа смисла и многу невронаучници укажуваат дека дигитализацијата на  наставата  често го отежнува паметењето на содржините. Во земјите во кои пред некое време беа воведени дигитални учебници, многу родители свесно го запишуваат децата во училишта со аналогна настава, покажуваат најновите истражувања. Тоа има врска со начинот на кој памети нашиот мозок. Кога нешто запишуваме, кога читаме нешто отпечатено на хартија, нашиот мозок  меморира многу повеќе од самите букви.Ние запаметуваме во кој агол на страната е одредена содржина, особено доколку имаме визуелна дарба за паметење. Тогаш  го паметиме и точното место на реченицата на страницата.

Други колумни од авторката:

-Велигден во моето егејско детство

-Сонот за „големи држави” на малечките балкански политичари

-Пандемијата и грдото лице на политиката

Така и писмото ни дарува многу повеќе од голата информација. За нас е важен допирот на хартијата,  нејзината боја, нејзината површина. Ракописот е отпечаток на личноста на оној што ни пишува. Кога се работи за писма во кои ни пишува сакана, драга личност, ние  го допираме писмото  со чувство дека сме  ја допреле раката што го пишувала.Во романтизмот вљубените жени ги парфимирале писмата со својот омилен парфем. Кога бев дете, гледав како вљубените тетки на крајот на писмото до својот љубовник си ги нацрвуваа усните. За да остават отпечаток од нив врз хартијата на писмото. Во таа смисла, писмата  допираат повеќе наши сетила, што не е случај со електронската пошта. Тоа важи и за електронските книги кои, токму од тие причини, никогаш нема да ги заменат печатените книги. Писмото можете да го држите долго в рака, можете да го прочитате одново и одново. Неговата хартија жолтее и старее заедно со вас, но во него секогаш одново ќе го  почувствувате и ветрот на пролетта во која е пишувано или мирисот на близината на морето, како што  и за страниците во книгите вели Марсел Пруст. Научниците затоа препорачуваат да се пишува и понатаму често со рака, затоа што пишувањето писма не учи на внимание и спокој.

Пишувањето писма станува дел од секојдневието на секој писмен човек како средство за приватната комуникација дури со појавата на граѓанската класа, во осумнаесеттиот век. Писмата се испраќале по поштари не само на далечина, со поштенските кочии, туку и преку слугите во истиот кварт, а и под истиот кров. За  да се доживее тоа треба да се прочитаат само англиските романи од викторијанското време или руските романи од деветнаесетиот век. Пишувањето писма станало многу значајно за литерарно надарените жени во вековите кога  тие немале можност да станат писателки. Тие тогаш долго ги составувале своите писма, а тие некогаш биле  долги и по неколку страници. Така, на пример, прочуената  германска Еврејка Рахел Фарнхаген (1771 – 1833) од епохата на романтизмот, која во својот дом одржувала салон во кој нејзини гости биле многу познати писатели и филозофи, никогаш не објавила книга, но нејзините илјада писма, како и многубројните дневници подоцна ја прославија како писателка.

Секако,  сите  што ја сакаат уметноста, особено литератирата, и ден-денес  ги восхитуваат писмата на прочуените уметници и писатели, како писмата на Франц Кафка до Милена Јесенска. Или љубовната преписка на Паул Целан и Ингеборг Бахман. Или писмата на Валтер Бенјамин до Бертолд Брехт, до Гершом Шолем или до Теодор Адорно. Сите што го познаваат делото на Бенјамин, знаат дека тој  ја поседувал дарбата на совршен писмописател. Пред  една година  беше објавена и неговата преписка со Гретел Карплус, (подоцна сопругата на  Теодор Адорно). Од 1933-тата таа разменила со Бенјамин околу стотина писма, но под псевдоним. Тој во нив нејзе ја нарекува Фелицитас, а таа него Детлеф Холц. Отсекогаш сакав да  ја читам преписката на познати писатели и филозофи. Од нив не научив многу само за личноста на писателот, туку и за времето во кое живеел. Токму затоа објавувањето на преписката на  познатите писатели и научници е драгоцен придонес кон  богатството на литературатана еден народ. Ме чуди зошто во македонската литература не се објавуваат преписките на познати македонски писатели. Кога би се објавила преписката на писателите кои ги поставија   темелите на македонската писменост и јазик, тоа би  било  многу драгоцено историско сведоштво. 

Неодамна прочитав дека во пандемијата луѓето повторно ја открија љубовта за пишувањето писма. Пишувањето писмо е навистина ритуал, кој ни помага да го осмислиме денот. Затоа што најнапред ќе мора да  се потрудиме да најдеме убава хартија за пишување, а потоа уште поубаво пенкало, по можност со мастило. Па да побараме убав плик, да го украсиме со свој цртеж или со особена поштенска марка. И да излеземе на прошетка до најблиското поштенско сандуче! А потоа да се потсетиме на трепетот со кој порано  чекавме на одговорот на важно писмо. Сета култура на писменоста, на пишувањето се состои токму во таа дарба да му се даде смисла на мигот. И да се запре барем за миг, барем додека пишуваме, неодмиливоста на истекот на времето. Писмата се кристализиран миг, кој ни го приближува изминатиот живот, особено кога се работи за писма од тие кои многу сме ги љубеле, а повеќе не се со нас.