Куба: Живот без вечната сенка | Свет | DW | 28.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Куба: Живот без вечната сенка

Будење без Фидел: како Кубанците ги минуваат првите денови без „лидер максимо“?

Утрото по веста за смрта на Фидел Кастро, најпознатиот блогер во Куба, Јоани Санчез посегна по камерата. Нејзината фотографија ја прикажува заспаната Хавана за време на изгрејсонце. За многу генерации Кубанци, тоа беше првото утро без човекот кој го уредуваше секој детал од нивниот живот. „Чудна светлина се наѕира над градот“, забележа Санчез.

Куба без Фидел Кастро. Тоа што некогаш беше незамисливо, сега стана реалност. Санчез пишува за нервозните припадници на безбедносните сили и голем број Кубанци кои не можат да поверуваат на веста која им ја соопшти претседателот на државата генералот Раул Кастро во неговото телевизиско обраќање.

Санчез е дел од малиот број на луѓе од кубанската популација која се осмели јавно да се спротивстави на лидерот на револуцијата. Поради тоа, онлјан бунтовничката добиваше закани, беше плукана и понижувана од безбедносните сили. Санчез својата храброст ја плати со прогон, официјална деградација и омраза. Сега, нејзината генерација се надева дека нешто конечно ќе се смени во Куба. Во изминатите неколку години на Санчез ѝ е дозволено да го објавува својот блог „14ymedio.com". Блогот најмногу е познат меѓу Кубанците во егзил и странците, затоа што Кубанците во Куба немаат интернет.

GMF16 Yoani Sanchez (DW)

Јоани Санчез

Најголемиот дел од опозицијата е во егзил

Многу мал дел од опозицијата е во Куба. Освалдо Хозе Паја, еден од најпроминентните опозициски политичари, почина пред четири години во мистериозна сообраќајна несреќа. До денес неговото семејство тврди дека станува збор за атентат. Многу други подлегнаа на притисокот на домашните разузнавачки служби и после долги години во затвор одлучија својот живот да го продолжат во егзил. Независно од тоа дали се наоѓаат во Мајами или Мадрид, тие немаат речиси никакво влијание врз политичките случувања во Куба. Тие не се претставени на државните медиуми и не можат да допрат до своите сограѓани поради немањето интернет.

Дури и лидерите на движењето за граѓански права „Дами во бело“ беа во Мајами на оваа историска пресвртница. Тие беа дел од церемонијата за именување на улица според нив. Многу Кубанци во егзил ја славеа смртта на нивниот поранешен измачувач, но во кампот на апатичната опозиција речиси и нема надеж, ниту заедничка стратегија за живот на островот без Фидел Кастро

„Да се одолее на странската доминација“

Аргентинскиот нобеловец Адолфо Перез Ескивел ги предупредува луѓето да не очекуваат многу. Во интервју за ДВ тој изјави дека не верува во промени во скоро време. „Куба има право на самоопределување и сметам дека сега вратите почнуваат малку да се отвораат. Куба секогаш мораше да се брани од агресија и ембаргото сѐ уште не е прекинато“, изјави тој.

Kuba Friedensnobelpreisträger Adolfo Perez Esquivel (DW/T. Käufer)

Адолфо Перез Ескивел

Перез Ескивел, кој самиот се спротивставуваше на диктатурата за време на владеењето на воената хунта во Аргентина, на стравот на комунистите од странски интервенции гледа како на главна кочница за пнатамошниот развој: „По повеќе од 50 години отпор, луѓето мора да го почитуваат фактот дека Куба сѐ уште настојува да ѝ одолее на странската доминација“.

Недела: Ден на отпорот

Во Хавана, тадиционално, недела е денот кога кубанската опозиција го искажува отпорот. Веќе неколку години, „Дамите во бело“, секоја недела традиционално демонстрираат за демократија и слобода на изразување. Оваа недела тие за првпат ќе маршираат во Куба без Фидел Кастро – доколку тајните служби им дозволат.

Затоа што покрај политичката ситуација, нивните маршови беа одржувани под тешки услови. Пред само неколку дена, кубанската Комисија за човекови права и национално помирување предупреди дека „политички мотивираните арбитрарни апсења“ достигнале ново ниво. „Предвидуваме дека бројот на инциденти поради репресија годинава ќе го надмине бројот од 10.000“, изјави директорот на комисијата, Марти Елизардо Санчес Санта Круз.

 

DW.COM

Реклама