КСС и објави војна на власта и ги зовре синдикалните страсти | Економија | DW | 15.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

КСС и објави војна на власта и ги зовре синдикалните страсти

Автомобилскиот протест за заштита на работничките права го блокира Скопје но и ги подели синдикатите. Владата се правда, ССМ пак се лути и обвинува за синдикално солирање со политички мотиви.

Среде пандемија, власта ги заборави работниците кои наместо институционална решија од улица да ја бијат битката за своите права. „Доста е, претеравте“, е мотото под кое Конфедерацијата на слободни синдикати реши да испрати протестен аларм за состојбите со работничките права за кои тврдат дека го допреле дното.

Од КСС реагираат дека нема социјален дијалог, не се почитува Законот за минимална плата, има проблеми со неработната недела, нема 100 отсто боледување за ковид-19, има притисоци врз синдикалните лидери. Револтот е голем, а поради пандемијата овој пат тој се изразува преку протестно дефиле со автомобили низ метрополата:

„Со овој протест сакаме да испратиме порака дека е веќе доста. Ова што се случува повеќе не се трпи, наместо социјален дијалог, реално покачување плати, неработна недела, почитување на законите во делот на боледување од Ковид ние имаме репресија врз синдикалните лидери, синдикалното членство кое насилно се одзема, се демонстрира сила, во услови кога повредите на работничките права се досега најголеми. Бараме ова да запре, да престанат отказите, да престанат обидите за растурања на синдикатот“, изјави за Дојче веле Благоја Ралповски, претседател на Конфедрацијата на слободни синдикати.

Предупредувачки протест

Денешниот протест според него е предупредувачки и доколку нема промени активностите и револтот нема да запрат:

„Доколку нема резултати во деновите кои следуваат ќе се радикализираме уште повеќе. Притисоците се верувајте огромни. Десетици лидери на гранските синдикати трпат реперкусии. Ние веќе реагираме и на меѓународен план, покренавме и тужба до Меѓународната организација на трудот. Преку комитетот за слобода на здружување ќе ја тужиме Владата што е за прв пат во историјата на МОТ. Доказите за ова се непобитни. Дополнително реагираме и што две години во фиока се чуваат документите за репрезентативноста на КСС“, реагира Ралповски.

Надлежните институции пак се правдаат дека за прашањата за работниците и нивните права се консултираат сите синдикати. Од министерството за труд и социјална политика велат дка правото на протест е легитимно и со устав загарантирано, но апелираат на внимателност поради пандемијата.

Повеќе:

-Растат трошоците за живот, како да се преживее до први?

-Ни две плати во Македонија не се доволни за гол живот 

-Предизборно „будење“ на синдикатите, за политиката или за работниците?

Како ресорно министерство тврдат дека се залагаат за почитување и унапредување на работничките права и континуирано работат на креирање политики и преземање на соодветни мерки кои се во насока на заштита на работниците и нивните права. Состојбата со работничките права се следи постојано и ги охрабруваат граѓаните да пријавуваат кај надлежните институции за  сите евентуални кршења на правата. Паралелно велат засилено се работи и на социјалниот дијалог:

„Социјалниот дијалог во државата не само што постои, туку е и унапреден. Доказ за тоа се и 11 седници на Економско социјалниот совет кои се одржани во последниве седум месеци. За сите одлуки, од самиот почеток на пандемијата настаната од КОВИД -19, се консултираат сите чинители во општеството, стопанството, синдикатите, граѓаните. Министерството за труд и социјална политика, како и економските ресори во Владата во континуитет ја следат ситуацијата, ги анализираат сите податоци и соодветно на тоа носат економски мерки за помош на работниците, но и на работодавачите со цел, во овие услови на економска криза предизвикана од пандемијата Ковид-19, да се зачува секое работно место. Во март минимална плата беше усогласена во согласност со Законот за минимална плата и таа ќе продолжи да расте. Од 2017 година до денеска минималната плата е покачена за шест илјади денари, што е значителен раст во однос на претходните години, кога минималната плата практично беше замрзната“, велат за Дојче веле од министерството за труд и социјална политика.

Нема единство кај синдикатите

Во реакциите, препукувањата и обвинувањата, она што боде очи и во овој случај е поделеноста. Односно, синдикалната битка продолжува да се води без единство на синдикатите. За последната активност, Конфедерацијата не доби поддршка од најголемата синдикална организација во дравата, Сојузот на синдикати. Од ССМ реагираат дека биле ставени пред свршен чин. За протестот дознале вчера и немале време соодветно да реагираат.

„Ако беше искрено требаше да ни кажат со време, а не вака со допис кој го добивме вчера во 15 часот и 12 минути во кој ни испраќаат повик и ни велат дека донеле одлука на ниво на органи и тела. Па и ние треба да донесеме одлука на органи и тела. Не може да ни праќаат известување а беа на 23 март кај нас на средба и ништо не ни кажаа за ова. Не можеше со време да ни кажат, не ми го знае телефонот Ралповски да ми се јави и да ми каже со време за да свикаме совет и претседателство и да донесеме одлука. Вака не знам што да мислам", изјави за Дојче веле Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Mazedonien Gewerkschaften Proteste

Ваквиот обид за солирање во синдикализмот и нејасни барања според него кријат и многу политика:

„Ако треба да се направи жар, треба да се прави жар, но јас не разбирам еве што им се конкретно барањата. Ние викаме синдикатите да ги извадиме од канџите на политиката, а слушам вчера како на телевизија ги вика и политичките партии. Не сме доволно ние работниците ако излеземе на улица. Нема конкретно ништо, не донесоа во ситуација да се правдаме во услови кога тераме еден куп работи. Јас се карам со министерката и ако веќе викаат дека нема социјален дијалог нека бараат оставка. А не само вака колку да се испереме пред работниците. Ние правиме се да излегуваме од канџите на политиката и сега он си ги собира поените и вика работниците биле доведени до питачки стап а ги вика на протест со автомобили. Требаше да каже заедно да настапиме и да го бараме она за што и се залагаме“, реагира Димовски. 

Од КСС пак тврдат дека нивната рака била подадена и не гледаат каква било логика во обвинувањата за политика во протестите:

„Ние си ја водиме својата битка, бараме да се почитуваат правата. Не знам што е политичко во нашите барања. Која е таа политика, што ние сме се одлучиле уште посилно да се браниме од некој што сакал да ја стави раката на синдикатот и да не поклопи? Затоа ги користиме сите синдикални мерки за да се одбраниме. Имавме средба на маса со ССМ, затоа што работничките права се кршат, подадовме рака, беше ветено но ништо не исполнето. Очекуваме да го поддржат, макар и симболично. Да се надеваме дека ќе успееме да направиме синдикално единство", реагира Ралповски.

60 илјади луѓе останаа без работа од почетокот на пандемијата

Она што како последно ги зовре страстите во синдикатите е минималната плата, но и барањата за прогласување недела како неработен ден. Синдикатите бараат минималната плата да изнесува 60% од просечната, но добија само неполни двеста денари золемување, односно минималеецот се корегира на нето 15.194 денари, со владино ветување дека политиката била таа во иднина да достигне и 18.000 денари.

Во делот пак на прогласувањето на недела за неработен ден, решението е половично. Односно се предлагаат измени на Законот за работни односи со кои се предевидува оние дејности кои ќе работат, покрај слободен ден да добиваат дополнителен надомест од 50% од дневницата. Додека пак ониее што ќе работат во една смена во тровските центри за работа во недела да добиваат двојна дневница.

Состојбата со работничките права во С. Македонија е редовно критикувана во речиси сите извештаи на меѓународните организации. И покрај заложбите на надлежните и активностите на синдикатите, состојбите бавно се поместуваат. Па така јавноста се уште е сведок на низа примери за кршење на работнички права по сите основи. Но и разни злоупотреби во делот на исплатата на минималната плата, регресот за годишен одмор, генерално условите за работа.

Она што дополнително загрижува е што вакви случаи се повеќе се детектираат и во услови на пандемија, кога освен здравјето на граѓаните, заштитата на работното место треба да биде врвен приоритет. Од почетокот на пандемијата во С. Македонија без работа останаа над 60.000 луѓе, од кои една третина директно како последица на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид 19.

 

Поврзана содржина