Крсте Роџевски: Политичарите во овие 30 години се покажаа како опортунистички микроорганизми | Северна Македонија | DW | 08.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Крсте Роџевски: Политичарите во овие 30 години се покажаа како опортунистички микроорганизми

Каква би била 30-годишната Македонија доколку е човек? Невропсихијатарот Крсте Роџевски, кој живее и работи во САД, во разговор за ДВ го скицира современикот на државата „искрено и без ракавици“

Македонија е триесетгодишник кој е способен, ама уплашен и не сака да вложи емоционален труд да преброди одредени емоции и стравови. Мрзлив е, не сака да се жртвува, и е зависен од спреги, вели д-р Крсте Роџевски, невропсихијатар со 20-годишна приватна пракса, кој работи како психофармаколог и психоаналитички терапевт во Њујорк. Со него разговаравме за земјата како личност која денес го слави својот роденден. 

ДВ: Од осамостојувањето до денес, земјата има поминато многу. Се одвои од државата каде припаѓаше 45 години, па сведочеше на војна, непризнавање на идентитет, јазик, народ, конфликт, транзиции, „диктатура“. Како психијатар, колку ваквите настани влијаат на менталната кондиција на граѓаните? Во каква форма се тие? 

Крсте Роџевски: Во последните 30 години, се случија не само надворешни настани, кои се полесни да се опишат, оправдаат и разберат, туку и тектонски придвижувања на внатрешните објективни односи. Распадот на Југославија беше како смрт на мајка вдовица, чиј беневолентен диктатор од сопруг почина деценија порано, како развод на родители кои во јавност беа почитувани, прибрани, а дома скришно се караа, се лажеа, и едвај чекаа да зграбат нешто повеќе во разводот. Македонија беше детето кое го фалеа дека многу убаво игра и пее, од сите е сакано и милувано, му купуваа сладолед и лижавчиња, ама и го игнорираа. Како Тенеси во Америка. 

Во таа стара куќа детето си живееше во хронична беспомошност и инфантилна невроза, сите работи беа направени од родителите – детската соба, книгите, играчките (читај пруги, фабрики, факултети, водовод). По погребот на мајката, сирачето, како селско дете облечено за на панаѓур – преплашено, насмеано, ама гордо и со грст балони во рака, излезе од куќата. Потпорасна и сакаше да добие возачка дозвола и пасош, да пее песна и да се потпише на свој јазик, да се смеша со луѓе, да праша за гробовите на дедовците и бабите. Па следуваа конфликти, транзиции, непризнавање на идентитет и.т.н. 

Приказните и траумите кои се беа наталожиле низ вековите се судрија со новата слобода која малку беше збунувачка, заводлива, па дури и токсична. Детето немаше доволно изграден внатрешен идентитет или психолошки скелет, ниту пак капацитет за толерирање на непознатото, за апстрактно размислување. Па почна да го дели светот на црно и бело, на угнетувач и жртва, на господар и роб, на лажго и излажан. Околу него си создаде еден „безбеден“ конкретен и сиров свет, без слоеви, свет на фотографии кои се појавуваат и изгаснуваат, без филмски континуитет. Па, низ еден класичен механизам на репетиција – компулсија (повторување на минатото за да го смениме) влезе во нова диктатура, за да го преброди потсвесниот грев и чувството на вина, останато од непроцесираната едипална борба во претходните диктатури и ропства. 

Bildergalerie Weltkindertag ein neunjähriger Junge verdient sein Taschengeld durch Sammeln von Pfandflaschen in Deutschland

Роџевски: По погребот на мајката, сирачето, како селско дете облечено за на панаѓур, излезе од куќата

Бајраци, сламени кукли, лажичиња за причестување, шарени огради, жолчки по фасади, стиропор – симболизам и импотентни обиди за потсетување кај сНе, од кај сНе и до кај сНе. Сето ова додека сѐ уште чекаше во новата детска соба, за возрасните (читај ЕУ, НАТО, САД, Русија) да ги донесат одлуките, во дневната соба. Бидејќи, знаете, тие многу се секираат и око не можат да затворат за нашата кауза. И од таа несигурност и нарцистична повреда се роди гнев, самоомраза, се објави потсвесната внатрешна војна кон сѐ што е „селско“ или автентично македонско, нели и сечење на дрва бидејќи мирисаат на село, а не на бетон, јадење мусака со кинески стапчиња, именување на децата со имиња од сапунски опери и реални шоуа, кои повеќе звучат како неологизми отколку на имиња, па нема веќе Рајни, Петри, Ѓурѓи, Стамени и,т.н. 

На биолошко ниво, ако надворешниот фактор или траума е секојдневна, первазивна, дури и во најмали дози, ја поместува биоструктурата на неуро-рецепторите и синаптичките врски на клеточно ниво. Ропство или диктатура која трае оставаат многу подалекусежни секвели отколку терористички напад во еден ден. Како мал бран кој со години удира и го сронува каменот. Се создава пострауматска возбуденост, чувство на ургентност, будност, кортизол во вените, психолошка регресија. Агресијата (не физичка, туку психолошка) почнува да ги покрива интимните, сексуалните нагони, и не дозволува развој на слоевита интимност, туку ерозија на самодоверба, семки на параноја, и губење чувство за автономија и безбедно врзување (атачмент). Едноставно, време на преживување, во кое се сексуализираат сите можни релации, пријателства и работни врски, и каде сексот не е за секс, туку за контрола, за ориентација, за одмазда и за моќ. Ова е време на агресивна естетика и евтина музика. Има уште 1000 примери. 

ДВ: А во каква кондиција се политичарите кои треба да одговорат на овие предизвици? Дали може од нивните чекори нешто да се дефинира? 

Крсте Роџевски: Проблемот, според мене, е во немање длабока верба и искрена идеологија. Невозможно е да направиш издржани дела кога немаш целосна посветеност и пожртвуваност. Како да се боксуваш во воздух, или како да градиш замок од песок на плажа. Политичарите во последниве 30 години се покажаа како опортунистички микроорганизми кои растат во имуно компромитирано тело на Македонија и чекаат шанса да излезат на површина, да го инфицираат и да опстанат. Чест на исклучоци, ама малку се. 

 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung

„Политичарите во последниве 30 години се покажаа како опортунистички микроорганизми кои растат во имуно компромитирано тело на Македонија“

Не остана ништо од востаничката крв на Смилево и Крушево, од непокорноста на Прличев, од прашината на Гемиџиите. Знаете, кога двајцата гемиџии беа ослободени од затвор во Северна Африка по падот на империјата, тие го откопаа телото на третиот другар кој починал претходно во затворот, и во кофа вар или мед, не се сеќавам точно, ја донесоа главата кај мајка му дома во Македонија, за да може да си го закопа синот со сите адети. Од Африка, преку Малта до Македонија, глава во кофа! Споредете ги чекорите на денешните политичари од која било партија со тој чекор. Не брзајте, замислете се и останете со сликата неколку минути, па видете каква емоција ќе ви дојде во градите. Поранешните идеолози, ни се вртат во гробовите.  

ДВ: Секое доба е тешко за живеење само по себе, но како да ги најдеме вистинските начини за да преживееме со помалку трауматски искуства? 

Крсте Роџевски: Неопходно е да ја спознаеш темната страна во себе, таа инфантилност, себично – алчна страна, која е самобендисана и скриено грандиозна. Не можеш да бидеш добар или дарежлив додека не ја осетиш и пребродиш таа темна бездна, да прифатиш дека во тебе постојат и угнетувач и жртва, агресор и роб, стабилен маж/жена и плачливо детенце во исто време. Ќе ја спознаеш и ќе се бориш против зависта, бидејќи е деструктивна и полна со омраза, ќе почнуваш и завршуваш со себеси без проекции кон другите оти сѐ се случува со некоја потсвесна мотивација или нагон што поаѓа од тебе. Ќе се стремиш да бидеш добар човек кој ќе помогне на некои околу него, кога никој не гледа, не само за постирање и комплименти. Ќе прифатиш дека никој не може да те изгради или дефинира тебе, освен самиот себеси. Секоја интимна врска независно колку е цврста има и празнина. Не постои нешто како духовен сопатник (soulmate), сами сме. Врските се привремено примирје помеѓу индивидуални фантазии, се гребеш низ грмушките од луѓе од минатото и уште пред да влезеш во врските има предетерминација како ќе се одвиваат на некој начин.  

Трауматски искуства ќе има, тоа се вика живот, ама некои трауми можат да бидат конструктивни ако се спознаат и препливаат. Идентитет е збир на нетрауматски и трауматски неуспеси. Цело време се преиспитуваме. Ќе станеме ли помалку мрзливи и самобендисани? Ако си лажен, ако се стремиш да бидеш нешто што не си ти, тоа се забележува и полесно е да се биде манипулиран. Ама ако се свртиш кон себе и се претставиш како што си, со искреност и автентичност, немаат со што да те манипулираат и да ти кажуваат кој си, и да ги го мавтаат морковот пред нос како на зајак. 

Nord-Mazedonien Skopje | Protest der Opposition

Трауматски искуства ќе има, тоа се вика живот, ама некои трауми можат да бидат конструктивни ако се спознаат и препливаат

Многу луѓе мислат дека со самото раѓање ние сите имаме капацитет за љубов, за дарежливост и за посветеност. Не, тие работи треба да се учат и да се вежбаат. Како одење, зборување, возење велосипед и слично. Ако некој е во брак и има три деца, не значи дека има капацитет за љубов, секс или доверба. Некои луѓе со сериозна социопатија немаат ни мозочен дел во кој се создава емпатија, и едноставно не можат да научат, за жал. Законите на провинцијата чуваа многу луѓе во затвор, ама се менуваат времињата, има повеќе опции, помала зависност на еден од друг, а со тоа и поголема одговорност да се покажеш, и да го заслужиш тој – таа до тебе. 

ДВ: Егзистенцијална криза или сиромаштијата како да ни ги зголемија и психолошките кризи. Овие 30 години, со порастот на бедата како да пораснаа и проблемите поврзани со менталното здравје, или пак сега се зборува за нив? 

Крсте Роџевски: Беда има насекаде. Сум видел и победни народи во Африка, Јужна Америка, во Индија, кои се поавтентични, подобри, поискрени, и посреќни. Некогаш бедата дури им помага на ментално болните. Кај некои посиромашни нации луѓето со шизофренија се подобро прифатени од социјалниот контекст и тој повеќе им помага отколку на пример на улиците на индивидуалниот Бронкс. Психопатологија имало отсекогаш, само сега повеќе се зборува за неа, стигмата се намалува, а повеќе се забележува бидејќи луѓето имаат поголеми препреки. Егзистенцијалните проблеми носат огромни стресови. Но, стрес носат и имиграцијата, диктатурите, чувството на беспомошност, корупцијата и неправдата, чувството на ирелевантност, расизмот и хомофобијата, кои резултираат во психопатологија. 

Мене најмногу ме плаши духовната беда, агресијата и непроцесираната лутина кога ќе се насочи кон внатре, кон себе, тогаш таа резултира со депресивни состојби и гранични растројства на личноста. Ме плашат нарцистичните родители кои израснуваат нарцистични деца, кои им даваат една површна претстава за светот и за човечката состојба, и не ги оставаат децата да одат низ непријатни емоции и неуспеси. Совети од типот „гледај ја сликата или слушај го делото ама игнорирај го животот на сликарот или авторот". Малкумина знаат дека Марк Ротко, Јукио Мишима, Чантал Акерман, Дејвид Фостер имале тешки депресивни состојби и агресивно се самоубиле. Не ја романтизирам менталната болест, ама мора да се прифати како дел од животот, како темна страна која може да те снајде многу брзо. Но, таа се лекува, како што се лекува и астмата или дијабетесот.  

ДВ: Ако државата Македонија е човек со сѐ ова на купче, и Ви ја доделат за пациент, како ќе ја дефинирате? Дали има психијатриска патологија? Што ќе и препорачате? 

Крсте Роџевски: Внимавајте што ќе прашате, оти може да добиете одговор кој некогаш и не сте спремни да го слушнете. Искрен одговор, без ракавици. Македонија е 30-годишен човек со гранична карактерна структура и парцијално формиран идентитет, со фрагментиран мисловен процес кога се опишува себеси и другите, и со низок капацитет за емпатија и за формирање на слоевити интимни релации. За утеха и ублажување на нарцистичната повреда од неговата ирелевантност во светски рамки, се опкружува со слични на него за самостимулација и взаемни комплименти, за обединување во омраза и критика на она што е недофатливо. Независно дали е интимидиран печалбар, самобендисан псевдоинтелектуалец, наивен селанец или разгален актер. За исполнување на внатрешната празнина сексуализира релации во кои има сѐ освен секс (види погоре). А не сака да се вакцинира бидејќи таму има пенетрација и контаминација со страна течност. 

Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise

Македонија е 30-годишен човек со гранична карактерна структура и парцијално формиран идентитет

Од другата страна на паричката на нарцизмот, тлее мазохизам (одат заедно во пакет) и самодеструкција, бидејќи кога нарцистите патат, сакаат и во тоа да бидат најдобри, „да е валкано, да смрди на манџа, да има изгорени сандачиња“ односно, „Има ли понапатен народ?“ и сл. Во склоп на структурата на личност и одбранбените механизми на поделба, тој/таа е парализиран од стравот од смртта, ја негира минливоста на времето, и не може да се помири дека ова мало парче наш живот е краток прекин на нашето непостоење. Билион години пред и после нас. Од друга страна, не сака да заземе ни став, да тргне, да направи потег или чекор, оти може да направи бука и да ја разбуди мртвата мајка која може да го остави пак (види погоре). 

Сепак, овој триесетгодишник е способен, ама уплашен и не сака да вложи емоционален труд да преброди одредени емоции и стравови. Тој/таа е како плурипотентна матична клетка која се плаши да се развие во која било насока, и се штити од евентуалниот неуспех. Знае дека прадедовците и прабабите платиле многу голема цена за да има јазик, црква, за да може да пее песни. Мрзлив е, не сака да се жртвува, и е зависен од спреги. Ќе треба да ги отвори рацете, како амеба, и да ја турне цитоплазмата од околу јадрото кон периферијата за да излезат псевдоподии со кои ќе може да го гушне светот и автентично да се поврзе. Да го победи расизмот, хомо и ксенофобијата, мрзливоста и его-синтоничната завист и агресија (агресија и завист кои не ги препознава како лоши, туку напротив се движечка сила за битисување). 

Не сум оптимист за следниве години, ама долгорочно сигурен сум дека ќе има позитивни промени, бидејќи алтернативата е да нѐ снема. Нагонот за преживување ќе се разбуди. Сме имале и вакви циклуси во историјата. Ќе има нови и вистински патриоти, нови композитори и интелектуалци, носи чесни селани и добронамерни граѓани, нов соживот. Во следните децении денешните длабоко врежани спреги и племенски тотеми ќе мора да се прераспределат. Оваа земја секогаш раѓала и џинови. Имаме сила, имаме можност, само љубов и работа. За многу години! 

 

DW.COM