Крстев: Подгответе се за крај на ЕУ каква што ја знаеме | Свет | DW | 15.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Крстев: Подгответе се за крај на ЕУ каква што ја знаеме

Во пресрет на изборите за Европскиот парламент во мај, ЕУ се наоѓа во најрадикалната криза во својата историја, предупредува Иван Крстев

ДВ: Вашата последна книга носи контроверзен наслов: „По Европа“. Дали тоа значи дека Европа повеќе не постои?
Иван Крстев: Книгата го искажува моето несогласување со луѓето кои ја земаат Европа здраво за готово. Не велам дека ЕУ ќе се распадне. Но ЕУ каква што ја знаевме во последните 20 или 30 години нема да биде таква повеќе. Дали е ова песимистички поглед? Не, затоа што ЕУ многу се менува во последните децении. Мојот аргумент е насочен против оние кои се убедени дека ништо не може да се случи затоа што ЕУ ќе преживее и дека актуелната криза е вообичаена. Не, се работи за порадикална криза од било која претходно искусена.

ДВ: Многу држави во источна Европа чувствуваат огорченост кон ЕУ. Зошто?

Јас и припаѓам на источноевропската генерација од 1989 година. Дотогаш, „Европа“ значеше „Западна Европа“. Оттука, утопијата од 1989 година беше утопија за нормалност: Сакавме да бидеме нормални, а нормалноста значеше да живееме како западните Европејци. Трансформацијата која се случи беше базирана врз идејата дека треба да се имитира Западот. Некои од кризите кои сега ги гледаме во Источна Европа изразуваат револт против имитацијата. Дел од проблемот кој го гледате во Унгарија или Полска е враќање кон традицијата. Тој наликува на видот на огорченост кој го гледате кај втората генерација имигранти кои почнуваат да си го доведуваат во прашање идентитетот. Тоа е случај во многу источно европски држави.

ДВ: Од друга страна, источните европејци се навикнати на политички промени.

Да, тоа е многу важно. Замислете ја утопијата на комунизмот во 1930-те или 40-те: Се обидувате да изградите општество кое никогаш не постоело. Тоа е целосно апстрактно, утопија која постои само во книгите. Но токму тоа ја објасни неговата константност.

Ivan Krastev (BGNES)

Иван Крстев


Парадоксално, источните Европејци започнаа да ги имитираат постоечките општества по крајот на комунизмот- оние од Западот кои многу се променија во последните 30 години. Замислете го конзервативниот Полјак: Во 1985, тој сонувал за Западна Европа и велел ние, источно европејците треба да бидеме „нормални“. Од таа перспектива, „нормален“ значи- за разлика од комунистичките земји- дека се почитува црквата. Но, потоа тој открива дека овој „Запад“ кој тој го имитирал е скептичен кон црквата- сосема спротивно од она што верувал дека е „нормално“. На чуден начин, Источна Европа стана жртва на речиси шизофрената идеја за нормалност. Оттука прашањето е: Каде можете да најдете утопија денес?

ДВ: Што е со луѓето од Западна Европа? И тие ли исто така бараат утопија?

Земете ги „жолтите елеци“ во Франција: Тие ставија жолти елеци за да бидат забележани. Од таа гледна точка, имате многу луѓе кои не се чувствуваат претставени во јавниот живот. Тие се убедени дека одлуките кои се носат во Брисел не ги решаваат нивните реални проблеми. На некој начин, „жолтите елеци“ ги претставуваат сите луѓе надвор од големите градови кои сметаат дека владите и Европската Комисија не ги разбираат. Овие луѓе не се плашат од крај на светот. Но тие се плашат од крајот на месецот. Втората група се оние кои ги нарекувам „нечуените“. Тие се многу видливи и претежно млади. На пример оние кои протестираат против климатските промени. Нивната порака гласи: Веројатно сме малцинство, но сакаме да бидеме слушнати затоа што ни се потребни политики за нашата иднина за 30 години, не само за три години. И потоа ја имате третата група, имигрантите. За разлика од другите групи, тие не сакаат да бидат толку видливи. Додека „жолтите елеци“ страдаат затоа што никој не ги гледа, имигрантите имаат чувство дека сите гледаат во нив- а тие само сакаат да бидат оставени намира некое време. Така, имате три различни начини на политички пусти желби.

ДВ: Некои Европејци како да ја загубија надежта, особено во ерата на Брегзит...

Многу бев несреќен поради заминувањето на Обединетото Кралство (ОК) од ЕУ, но сега морам да прашам: Може ли ЕУ да го преживее евентуалното враќање на ОК? Ова не е реторичко прашање, затоа што ОК која би одлучила да се врати нема да биде истата како онаа што сакаше да ја напушти ЕУ. Тоа е многу поделено и огорчено општество. Понижувањето кое Британија го доживеа не може да се тргне од анализата. Сепак, ниту една голема политичка партија во ЕУ во моментов не заговара напуштање на ЕУ или на еврото. Оттука, Брегзит најпрво ја дестабилизираше, а потоа ја стабилизираше ЕУ на одредено ниво.

ДВ: Што со Германија? Може ли таа да ја предводи ЕУ?

Во Германија, најмалку чуваната граница е онаа меѓу водечките политички партии и оние поекстремните. Луѓето се движат во сите насоки: не само од менјстрим партиите кон популистичките, туку и во обратната насока. Ова ниво на конфузија, овој страв од иднината го рефлектира и менталитетот на општество кое старее. Начинот на кој Германија размислува за светот потсетува на перспектива на пензионери и пензиски фондови. Влегуваме во период во кој Европа веројатно ќе мора да преземе некои рискантни потези за да успее. Германија делува многу стабилно и успешно, но во исто време и многу исплашена од ризици. Останува да видиме дали оваа претпазливост ќе и го донесе на Германија лидерството со ЕУ.

Иван Крстев е политички научник, претседател на Центарот на либерални стратегии во Софија и постојан член на Институтот за општествени науки во Виена.

DW.COM

Реклама