Крстев: Бугарија профитираше од сопирањето на Јужен тек | Свет | DW | 09.12.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Крстев: Бугарија профитираше од сопирањето на Јужен тек

По обвинувањата од Путин дека Бугарија е главниот виновник за сопирањето на Јужен тек, земјата стана добитник. Бугарија не доби гас, но ја доби довербата на ЕУ и пристап до фондовите, смета аналитичарот Иван Крстев

ДВ: Г-дине Крстев, добра или лоша вест е сопирањето на Јужен тек?

Крстев: Тоа дека Јужен тек нема да се гради не е вест. Вест е фактот дека Владимир Путин објави крај на проектот за време на посетата на Турција, притоа обвинувајќи ја Бугарија за неговата пропаст.

ДВ: Зошто според вас, Јужен тек нема да се гради?

Крстев: Причините кои доведоа до сопирање на проектот не се тајна. Во состојба на санкции, евтина нафта и пад на рубљата, Русија едноставно нема пари за реализирање на тој проект, а западните инвеститори чекаат да видат каде оди Русија. Пред две-три недели Италија објави дека Јужен тек за неа не е приоритет, се дистанцираше и Австрија. Во самата Русија слабее позицијата на „Газпром“. Пред околу еден месец московскиот весник „Ведомости“ објави текст во која се вели дека концернот „Роснефт“ на поранешниот вицепремиер Игор Сечин му предложил на раководството стратегија за приоритетите на Русија во новата ситуација. Во таа стратегија, сопирањето на Јужен тек е една од препорачаните мерки.

Кризата во Украина ја промени и геополитичката конјунктура во која беше започнат проектот. За Москва, Јужен тек беше обид да се ослабне стратегиското значење на Украина како основен пат за транзитирање на рускиот гас кон Европа. Во оној момент кога руските специјални влегоа на Крим, Јужен тек падна како жртва на спротивставувањата меѓу Западот и Русија.

ДВ: Турската стратегија на Путин изненади многумина. Зошто?

Крстев: Турција е еден од големите пазари за рускиот природен гас. Турција е и единствената држава-членка на НАТО која не се приклучи кон санкциите против Русија. Во таа смисла решението на Москва делува логично. Но, последнава година односите меѓу двете земји тешко можат да бидат наречени пријателски. Анкара остро ја нападна Русија поради анексијата на Крим, а во Сирија Путин и Ердоган се во истовреме најголем заштитник и најголем непријател на режимот на Асад. Во Египет Москва ги поддржува воените власти, а Турција- Муслиманското братство. Со други зборови, геополитичкото ривалство меѓу двете земји е големо. Социолошките истражувања покажуваат дека 80 отсто од Турците се негативно настроени кон Русија. И она што е најважно- Турција беше клучната алка на западната стратегија за намалување на европската зависност од Русија. Имено, преку Турција минува коридорот низ кој треба да се доставува неруски гас до Европа.

Ivan Krastev

Иван Крстев

ДВ: Зошто тогаш Путин ја претстави Турција како клучен партнер за пренос на рускиот гас кон Европа?

Крстев: Путин едноставно нема избор. Обидите на Кремљ да го искористи Јужен тек како инструмент за разединување на ЕУ не се остварија. Во моментот кога го анектираше Крим, Путин не ја загуби само Украина, туку и Германија. Берлин се откажа од улогата на посредник меѓу Западот и Русија и стана застапник на тврдата линија во односите со Москва. Притоа, ниту еден од пријателите на Путин и на Јужниот тек во ЕУ не го искористи правото на вето за да ги спречи санкциите против Русија. И Бугарија, и Италија и Унгарија и Австрија се радуваа на можноста да бидат дел од патот на рускиот гас кон Европа, но никој не беше подготвен да го направи тоа по цена на конфронтација со Брисел и Берлин.

Москва затоа бара алтернатива на транзитот преку Украина, затоа зависноста на Русија од украинскиот гасовод е најсилното заштитно оружје на Киев од обидите за дестабилизација на државата. Во барањето алтернатива, Путин се обидува да го привлече Ердоган. Но стратешкото преориентирање кон Кина и Турција не е толку избор на Русија, колку што е признавање на фактот дека во моментов Кремљ не располага со други опции.

ДВ: Зошто Путин ја обвини Бугарија за пропаѓањето на проектот?

Крстев: Парадоксот е во тоа што, за разлика од Србија или Унгарија, Бугарија губи од сопирањето на Јужен тек. Но тоа што Путин ја обвини токму неа за пропаѓањето на проектот, всушност ја направи земјата единствен профитер од кризата. Земји како Унгарија и Србија кои фрлија сѐ на проектот Јужен тек, денес се големите губитници. Тие не добија гас, а ја загубија довербата на ЕУ. Бугарија не доби гас, но ја доби довербата. И еврофондовите.

Вистина е дека Бугарија не е противник на Јужен тек. Таа би заработила од транзитните такси и градежните работи на нејзина територија. Но Бугарија нема интерес од Јужен тек доколку тој проект е во спротивност со интересите на ЕУ. Доколку ги споредиме парите и работните места кои би ги донел Јужен тек, со тоа што го добива Бугарија од Брисел, ќе стане јасно дека нема бугарска влада која ќе го спроведе Јужен тек доколку цената е конфронтација со Брисел. ЕУ е најголемиот трговски партнер на Бугарија. ЕУ е најголемиот инвеститор, а државите од ЕУ се земји во кои Бугарите бараат работа и образование. Така што, независно од често повторуваните клишеа за културната и историска блискост на Бугарија и Русија, во суштина руското влијание во Бугарија се намалува. И разочараноста на Путин од Бугарија, имено се должи на тоа.

Brüssel - Jean-Claude Junker mit Boyko Borisov

Бојко Борисов и Жан Клод Јункер

ДВ: Како ќе се изрази сега таа разочараност на Путин? Ќе има ли обиди за дестабилизација на државата?

Крстев: Дали ќе има обиди не знам, но доколку има тие нема да успеа. Премиерот Борисов успеа да ја искористи кризата Јужен тек за да ја врати Бугарија во ЕУ. Затоа што во времето на владата на Орешарски, ние бевме земја-членка на ЕУ, но не бевме дел од неа. Борисов го искористи притисокот од Москва за да обезбеди фондови за Бугарија и да ја принуди ЕУ да демонстрира солидарност. Борисов притоа доби поддршка и од европската левица, со што не само што успеа да обезбеди поддршка за проевропската влада, туку и го засили притисокот врз БСП (Бугарската социјалистичка партија) која сега мора да избере меѓу отворање кон центарот или прегратка со Атака. Во исто време, Борисов не падна во искушение да ги искористи обвинувањата од Москва за пумпање на антируска реторика. Бугарија не е Естонија или Полска и нема причина да води антируска политика.

Во суштина, во моментот кога Русија започна судир со ЕУ и ја стави Бугарија под притисок да бира меѓу Јужен тек и лојалноста кон Брисел, стана јасно дека бугарскиот избор е Европа.

ДВ: Од разговорите меѓу Борисов и Јункер во Брисел прозлегува дека Јужен тек се уште не се смета за затворена страница. Можно ли е да се случи возобновување на проектот?

Крстев: Можно е. Јужен тек е мртов, но енергетските проекти воскреснуваат полесно од луѓето. Многу нешта можат да се сменат во следните години. Но во актуелниот момент, јасно е дека воскреснувањето на Јужен тек не може да биде приоритет на бугарската политика.

Реклама