Критичната фаза во полн ек, троцифрен раст на бројот на заразени | Северна Македонија | DW | 16.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Критичната фаза во полн ек, троцифрен раст на бројот на заразени

За првпат од почетокот на епидемијата, во Северна Македонија во изминатите 24 часа беа регистрирани над 100 нови случаи на заразени со коронавирус. Особено критично станува во Куманово кое станува жариште на заразата.

Земјава денеска ја надмина бројката од 1,000 заразени со Ковид-19 со рекорден број од 107 нови случаи евидентирани во последните 24 часа. Најголем број инфекции повторно се регистрирани во Куманово-44, кое од ден на ден станува најголемо жариште на коронавирусот во земјата.
„Големата бројка дијагностицирани која ја имаме денеска не треба да изненадува бидејќи е бројка која ја очекувавме имајќи предвид дека влегуваме во пикот на број на пациенти во овие недели кои се пред нас. Ова е уште еден сигнал да се почитуваат сите мерки и препораки за да се спречи натамошно ширење на вирусот“, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Вкупниот број на заразени со Ковид-19 достигна 1081 лица.

Ново решение за Куманово?

В петок наутро Комисијата за заразни болести ќе дискутира за евентуално заострување на мерките во Куманово или за прогласување кризна состојба во општината. Меѓу заразените е и градоначалникот Максим Димитриевски кој подолго време повикуваше на поостри мерки за неговата општина. Инфекцијата на Димитриевски денеска ги испрати во домашна изолација и техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, како и министрите за здравство и образование Венко Филипче и Арбер Адеми. И претседателот Стево Пендаровски денеска како „лоша“ ја оцени состојбата во Куманово- општина со над 120 илјади жители. Тој објасни дека прогласувањето кризна ситуација во тој град би ангажирала 40 проценти од расположливите сили, но ја повика владата да размисли дали може да се воведат мерки слични на оние во Дебар во следните неколку дена.
Министерот Филипче вечерва рече дека од Куманово во Скопје секојдневно патуваат околу 4,000 луѓе на своите работни места. Епидемиологот од Институтот за јавно здравје, Владимир Микиќ , пак, смета дека дополнителните мерки во Куманово „не би донеле ништо ново од епидемиолошки аспект“. Притоа, Микиќ оценува дека основната причина за воведување карантин „е да се намали можноста за трансмисија на заболување од еденрегион во друг".

Велигденска причест
Велигденските празнувања и одлуката на Црквата да им дава причест на верниците „од исто лажиче“ дополнително може да ги искомпликуваат напорите за контрола на епидемијата. Филипче уште еднаш „категорично" предупреди да нема никакво групирање на граѓаните и тие буквално да се придржуваат до препораките.
„Влегуваме во најкритичната фаза на епидемијата кога бројот на новодијагностицирани очекувано расте но, ние не смееме овој број дополнително да го оптовариме и да дадеме шанса за две недели од сега, заради овие групирања да се јават нови заболени“, вели Филипче.

 

DW.COM

Поврзана содржина