1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крипто-рударите земаат замав и во екот на енергетската криза

ДТЗ
19 ноември 2021

Копањето криптовалути не е кривично дело, ама крадењето струја е казниво. Во ек на енергетска криза, крадењето струја со компјутери „мајнери“ дополнително го оптоварува системот.

https://p.dw.com/p/4396G
Symbolbild Computerkriminalität Hacker | Lösegeld Bitcoin
Фотографија: zephyr18/imago images

Копањето криптовалути е масовна појава во светот, на која не се имуни ниту македонските граѓани. Иако нема гаранција за фиксна заработка, во повеќето случаи се тврди дека може да биде доста профитабилна работа. Со големата заработувачка доаѓа и голем ризик - особено кога се „копа“ со украдена струја

Над 120 пријави поднела полицијата од почетокот на годинава за кражба на струја во Северна Македонија, додека во текот на минатата година бројката достигнала до 250 пријави за неовластено користење на електричната енергија. Струја се крадела насекаде – како во поголемите, така и во помалите градови и места. Проценките се дека штетата којја што е предизвика е огромна, особено во време на енергетска криза, кога треба да се штеди буквално секој потрошен киловат час струја. 

Каква тајна крие подрумот на ГТЦ? 

Темата особено се актуелизираше деновиве кога новинарите алармираа за таен магацин во Гратскиот трговски центар во Скопје, каде наводно „имало поставено машини за копање криптовалути“. Полицијата изврши контрола во подрумите, но тврдеше дека нема кражба на струја.

Полицајците утврдиле дека броилата се во приватна сопственост и дека нема каква било кражба на електрична енергија, па нема ни елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик.Од МВР, посочуваат дека копањето криптовалути не претставува кривично дело предвидено во Кривичниот законик.

Ова не е првпат полицијата да влезе во „тајните подруми“ на ГТЦ. И во август годинава, по сознанија дека за ‘кражба на електрична енергија’, биле извршени проверки на истото место, но и тогаш не било утврдено дека некој го крши законот. Интересот во јавноста стана поголем особено поради информациите дека Габриел Бајрам кој заедно со неговиот брат Елвис Бајрам, се сопственици на подрумските простории каде влезе полицијата. 

Копање на биткоини на „вулкански погон“

Тие преку Сеат Исмаил, кој се престави како  „професионален модератор“ на прес-конференција соопштија дека изнајмениот подрумски простор се користи како магацински простор каде што се врши сервисирање на компјутерската опрема, а потоа сервисираната опрема се подготвува за извоз.

Од ЕВН информираа дека тие носат струја до главната трафостаница на ГТЦ, а самиот ГТЦ потоа ја распределува електричната енергија до сопствениците и до закупците на деловен и магацински простор. Тоа, според нив, значи дека делот на мрежата која е во сопственост на ЕВН, уредно ја регистрира и ја фактурира потрошувачката на ГТЦ. Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, пак во изјава за „ТВ21“ рече дека не може да се контролира ситуацијата, бидејќи се работи за 500 до 600 дуќани, магацински и деловен простор и друг вид на простории. 

Скопје станува центар на „копачите“ 

Главниот град Скопје станува главна дестинација за копачите на „криптовалути“. Дојче веле веќе пишуваше дека улиците „Дижонска“ во Чаир и „Јајце“ во Гази Баба станаа едни од главните локации за копање биткоини во Северна Македонија. Активно се „копа“ и во реонот на селото Љуботен, во општина Арачиново, во населбата Ченто, но и во други делови на главниот град. Само во скопската населба Ѓорче Петров летово полицијата открие 37-годишен скопјанец кој крадел струја со седум компјутери „мајнери“ за копање на криптовалути. 

Покрај скопјани, се поголем е бројот и на тетовци кои се одлучуваат изворот на приходи да го побараат преку интернет, каде надежите се дека може да се оствари огромна заработувачка. Но, проблемот е што притоа ја преоптоваруваат електродистрибутивната мрежа, оставајќи повеќе корисници и населби во мрак. Во екстремни случаи, преголемото оптоварување на системот за копање биткоини може да доведе и до пожар.  

Копаат и ризикуваат 

„Копањето“ криптовалути, кое се врши преку компјутерски уреди. За целиот процес е потребна соодветна опрема, моќни процесори, како и напредни графички карти наменети за компјутерски гејминг, со што се повеќе се троши струја од расположливите ресурси. Само за пример, едно истражување направено од научниците во „Кембриџ“, покажа дека ископувањето биткоини троши 121 терават-часови електрична енергија годишно, што всушност претставува количество струја доволно за 700 години работа на универзитетот. 

Преголемото трошење на електрична енергија го зголемува товарот врз системот на пренос на струја. Честите дефекти во електродистрибутивната мрежа најчесто ги откриваат копачите на биткоини, кои често се одлучуваат и на диво да се приклучат и да крадат струја. 

„Откривањето на копачите најчесто е проследено со појава на чести дефекти на местата каде се инсталираат компјутери за таа намена, се лоцираат и преку систем за анализа на потрошувачката, како и со контроли на напојни точки каде енормно се зголемува потрошувачката, а таа не може да се фактурира поради заобиколување на броилата и диво приклучување од страна на копачите“, е објаснувањето на ЕВН Македонија. Доколку едно домаќинство одлучи да инсталира компјутери за копање на криптовалути, тоа значи дека може да потроши енергија за 20 или за 30 домаќинства, што го нарушува напојувањето на сите соседни корисници на таа напојна точка. Со цел да се избегнат високите сметки, кои за копање криптовалути често се пресметуваат и во стотици евра, сè почесто се прават паралелни диви приклучоци, со паралелни кабли за крадење на струјата.  

Доста често пријави до ЕВН има и од корисници кои поради копачите на биткоини, често остануваат без струја. Тие бараат одредени објекти да бидат целосно исклучени од нисконапонските мрежи, бидејќи го загрозуваат нивното снабдување со електрична енергија.  

Дополнителен удар врз енергетската криза  

Деновиве и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, потврди дека во земјава незаконски се копаат криптовалути, значи се краде струја за да се заработат криптовалути.

-повеќе на темата: „Ловот“ на копачи на биткоини, „ископа“ крадци на струја

„Имаме зголемување на потрошувачката на електрична енергија, особено во некои делови на Скопје, а таму покрај покачувањето имаме и диво снабдување со електрична енергија. Според информациите што ги имаме од компанијата што дистрибуира струја, веќе фатила поголем број корисници од домаќинствата кои копаат биткоини и најчесто нелегално се приклучуваат на јавното осветлување“, рече Бислимовски.

Илон Маск и биткоинот - „љубовна афера“ од интерес?

Постојат два начини на започнување на постапка при утврдување на неовластено користење на електрична енергија од страна на корисник – или МВР излегува на лице место и директно ја покренува постапката или ЕВН Македонија поднесува пријава до Основно јавно обвинителство.  Според Кривичниот законик,  до три години казна затвор може да се соочи сторителот на кражба на електрична, топлинска енергија или природен гас. Доколку вредноста на украдената електрична енергија е поголема, тогаш сторителот може да се казни и до пет години затвор и со парична казна.

Иницијатива

Коалициските партнери ЛДП и ДОМ најавија дека преку своите пратеници во парламентот, имајќи ја предвид енергетската криза, но и последиците врз животната средина, ќе побараат законски измени кои се однесуваат на „копањето“ криптовалути.

„Во време на енергетска криза недозволиво е да се троши струја за производство на криптовалути за лично богатење на поединци. Бидејќи криптовалутите се прогласени за неприфатливи за животната средина, пратениците дополнително ќе бараат и законска регулација, бидејќи употребата на струја од фосилни горива како што е случајот во моментот ја загадува животната средина“, велат од ЛДП и ДОМ .

Тие најавуваат дека ќе се консултираат со стручната фела и дека најдоцна за една недела ќе побараат регулација преку законски измени кои ќе ги достават пратениците.