Криминалците си го имаат даркнет, полицијата не има нас | Свет | DW | 31.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Криминалците си го имаат даркнет, полицијата не има нас

Електронската комуникација на граѓаните сеопфатно се снима.Криминалците си имаат електронски црн пазар на забранети стоки. Снимањето не го спречува криминалот,но ни ја ограничува слободата. Колумна на Зоран Јордановски.

Во официјалното реферирање за текот на истрагата за расветлување на терористичките и други насилни напади, што се случија во Германија во период од само неколку денови, на површината изби поимот даркнет. Она што се означува со него, постоело и пред тоа, но во „темнина“ – како што кажува и самото негово име. Даркнет е нешто како „црн пазар“ во интернет за оружје, дрога, експлозив, односно за се` што е забрането, што не може да се набави на легален начин. Во даркнет трговијата се одвива анонимоно. До него немаат пристап познатите големи пребарувачи. До таа платформа се стигнува преку повеќе скокови кои треба да ја заташкаат трагата на нарачателот. Во него се плаќа со биткоини, уште еден начин да се избегне контрола, за разлика од класичните пари. И со нив - парите, навистина, се прават илегални трансфери. Тука обично во игра е и некој кој го овозможува тоа, посредува, има одредена службена задача, а има и можности да ги заташка трагите. Но трагите постојат, и кога се има вистинска волја да се откријат таквите илегални трансфери, тоа е можно, колку и да не е лесно.
Ако, пак, е точно дека секоја активност во интернет остава неизбришлива трага, тогаш би морало тоа да се однесува и на даркнет, нели?! Следењето на тие траги сигурно е уште многу, многу покомпликувано отколку на илегалните трансфери на пари, но не е невозможно. Тука нешто ме копка. Ако можат криминалците, не можела ли и полицијата да има пристап во даркнет? Белки не е дека полицијата се заинтересира за таа платформа дури откако се случија нападите и се утврди дека атентаторот од Минхен таму го набавил оружјето?! Ако се знаело за нејзиното постоење, се следи ли и се контролира ли редовно таа платформа? Ако се контролира, кој е резултатот од тоа? Зошто воопшто се дозволува таа да функционира?

Jordanovski Zoran Kommentarbild App

Зоран Јордановски



Лицемерие и профит

Јасно е дека во глобализираниот и вмрежен свет седиштето на таква платформа може да е на било која точка на земјинава топка, дури и на повеќе места. Јасно е и дека тоа нужно бара соработка на властите од тие различни земји, уште подобро една глобално организирана соработка за борба против криминалот. Но, таа соработка или нагласувањето на нејзината неопходност ги има само декларативно и најчесто во моментите непосредно по некој голем криминален акт. А во меѓувреме продолжува недовербата на земјите едни спрема други, продолжува лицемерниот однос: од една страна сме пријатели, идеолошки сојузници, а од друга меѓусебно се шпионираме, не сме подготвени на вистинска размена на податоци дури и за терористите и криминалците! А тие тоа го користат. Од криминалната, илегална трговија очигледно повеќемина имаат полза – производители, посредници, трговци, не ретко и некои официјални лица, дури и директно задолжени да се борат против таквите појави. Тоа е најизразено кај трговијата со дрога – постојано ѝ се објавува борба, а таа и натаму си цути. Понекогаш, откако ќе поминат децении, прво ќе го гледаме на филмови, а потоа ќе се обелоденат и факти, на пример, за акции на тајни служби финансирани од трговија со дрога.



Зошто не снимаат, сите ли сме сомнителни?!

Но, она што ме скокотка во моментов е контролата на комуникациите и посебно на криминалните активности во интернет. Преку нападите дознавме за даркнет. А што дознава полицијата од следењето и на целокупната наша електронска комуникација? Токму терористичките напади од 11. септември 2001. година и тогаш објавената беспоштедна борба против тероризмот, на што подоцна му беше придружен и организираниот криминал, беа повод за политичка легализација на практики за масовно прислушување на граѓаните. Милиони граѓани, практично секој од нас. Оти сите наши телефонски разговори, преписки со СМС или мејлови, се снимаат и чуваат. Времетраењето е различно законски утврдено од земја до земја, некаде и со години. Тука очигледно не важи презумпцијата на невиност – сите ние сме прво сомнителни. А криминалците си имаат свои, како што сега дознавме, сигурни патишта.
Што е тогаш вистинската цел на масовното легално прислушување на граѓаните? Токму изминатава недела, во една обемна документарна телевизиска емисија за активностите на германската разузнавачка служба БНД беше спомнат податокот дека со следењето на електронските комуникации не е спречен ни еден терористички напад. Пред некоја година белгиската тајна служба призна, дека нејзините претходни извештаи за на тој начин спречени поголем број напади, биле лажни. Криминални дела тешко можат да спречат, а и добар дел од сторените злосторства останува нерасветлен. И покрај сета таа силна електроника, која во секој момент бележи податоци за нас во бројки кои, што би се рекло, човек ни знае да ги изговори, ниту да ги напише – а и би зафатиле голем простор.



Граѓанската слобода е вистинската жртва

Еден резултат во секој случај има - и е познат: масивно загрозување и ограничување на нашата слобода. Освен што ни ја бележат комуникацијата, не можеме да направиме ни чекор, а да не бидеме снимани со камери. Тие се распоредени насекаде по улиците и патиштата, во јавниот превоз, во продавниците. Нашето движење го бележат и од вселената преку уредите за навигација во автомобилите или преку нашите мобилни телефони, дури и кога се тие исклучени. Доволно е само да е батеријата внатре.
И сепак можеше да исчезне цел еден огромен авион сосе околу 240 луѓе во него – несреќниот малезиски Боинг 777 на летот МХ 370, за кого деновиве се најавува и официјално да биде запрена двегодишната безуспешна потрага.

Реклама