Кризен разговор: Блинкен предупредува од ескалација, Лавров бара запирање на „антируската хистерија“ | Свет | DW | 21.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Кризен разговор: Блинкен предупредува од ескалација, Лавров бара запирање на „антируската хистерија“

САД нема да го чекаат следниот чекор на Москва, туку идната недела ќе ѝ испратат нова воена помош на Украина, порача Блинкен. Москва пак е загрижена поради испраќањето оружје и воени инструктори во Киев.

Американскиот министер за надворешни работи Етони Блинкен на кризниот разговор со својот руски колега Сергеј Лавров повторно остро предупредил од инвазија врз Украина и побарал деескалирање на ситуацијата. „Ја пренесов нашата и позицијата на нашите европски сојузници и партнери, дека остануваме цврсто на страната на Украина и го поддржуваме нејзиниот суверенитет и територијален интегритет. Јасно кажавме дека станува збор за нова инвазија доколку руски војници ја преминат границата со Украина. На тоа САД, нашите партнери и сојузници ќе реагираат брзо, цврсто и со обединети сили“, изјави Блинкен. Тој му порачал на Лавров дека САД нема да го чекаат следниот чекор на Москва, туку идната недела ќе ѝ испратат нова воена помош на Украина.

Според Блинкен, разговорот со Лавров бил отворен и содржински. Нивната средба траеше еденипол час и заврши порано од предвиденото, а двајцата министри одржаа раздвоени прес конференции. 

Гледај видео 03:06

Украинските резервисти се подготвуваат за евентуална руска инвазија

И рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по средбата со својот американски колега Ентони Блинкен извлече позитивен биланс, таа била отворена и корисна, а дијалогот ќе продолжи. Претседателот Владимир Путин секогаш е спремен за контакт со својот американски колега Џо Бајден, но за тоа е потребна добра подготовка, истакна шефот на руската дипломатија, кој  загрижен од испораката на оружје и воени инструктори во Украина.

Тој го повика Западотда запре со „антируската хистерија“ во украинскиот конфликт. Русија никому не се заканува и не напаѓа ниедна земја, изјави Лавров на својата прес конференција во Женева. Тој ги отфрли стравувањата на Западот од непосредно претстојна руска инвазија врз Украина. Москва во следната недела очекува од САД писмен одговор на своите предлози за безбедносни гаранции, изјави Лавров, по што би следеле натамошни разговори на ниво на министри за надворешни работи. 

Русија се противи на прием на поранешните советски републики Украина и Грузија во НАТО, зашто се чувствува загрозена. НАТО и САД пак се повикуваат на правото на секоја земја да донесува сопствени одлуки за приклучување на одредени сојузи, како и на своја безбедност.

САД и западните сојузници бараат од Русија повлекување од украинската граница на околу 100.000 таму стационирани руски војници.