Кризата притиска сѐ посилно - Бесими најавува дека ќе се крати од секаде каде што може | Северна Македонија | DW | 16.05.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кризата притиска сѐ посилно - Бесими најавува дека ќе се крати од секаде каде што може

Инфлацијата достигна двоцифрени бројки - од последиците стравуваат сите. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека се прави простор за нови мерки кои ќе помогнат во надминување на кризата.

Последиците од економската криза притискаат сѐ посилно. Ефектите од пандемијата, инфлацијата и големите неизвесности на пазарите од војната во Украина, сѐ повеќе се чувствуваат и во Северна Македонија, каде надлежните разгледуваат можности за нови мерки со цел да се ублажи ударот. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, преку колумна најавува дека со ребалансот на буџетот ќе се крати секаде каде што може. „Преку преструктуирање на буџетот ќе се направи простор и за евентуални мерки кои ќе помогнат во надминување на кризата“, вели Бесими. Тој посочува дека тековната криза е афтершок од пандемијата и како таква би требало да биде послаба од првичниот удар, како и дека основните сценарија на меѓународните финансиски организации за годинава предвидуваат раст за глобалната и домашната економија.

„Она што со сигурност како министер за финансии можам да го кажам е дека ќе бидеме максимално конзервативни, секаде каде што може – ќе се скрати. На тој начин ќе се направи повеќе простор за нови реакции и мерки, кои со оглед на ситуацијата, најверојатно ќе бидат повторно потребни“, пишува Бесими. 

Од почетокот на кризата, македонската Влада издвои 615 милиони евра за мерки за поддршка на економијата и граѓаните. Хрватска има издвоено околу 635 милиони евра, Грција 500 милиони евра, Словенија и Албанија предвидуваат по околу 200 милиони евра. 

Бесими укажува дека војната во Украина, донесе една битна дилема за носителите на политиките. „Соочени со кризи, една по друга, а исправени со предизвикот да не се отстапи од зацртаната амбиција за раст и развој, неизбежно се наметнува триаголникот во остварување на трите цели: справување со кризата, одржување на растот и фискална консолидација“, вели министерот за финансии. 

Меѓународниот монетарен фонд и Светска Банка советуваат дека фискалната политика треба да се прилагоди согласно степенот на изложеноста на економија кон војната во Украина, состојбата со пандемијата и текот на закрепнувањето на економијата. Од една страна, поради неопходната фискална експанзија во многу земји во текот на пандемијата, долгот достигна рекордно високо ниво. Исто така, како резултат на реакцијата на централните банки на ценовните притисоци преку затегање на монетарната политика, владите се соочуваат со високи каматни стапки на пазарите на капитал.

„Сепак, вели Бесими, потребата за консолидација не треба да ги спречи владите да дадат приоритет на соодветните мерки за поддршка на стандардот на ранливите категории на граѓани, чувствителни на ценовните притисоци и заштита на економијата“. 

Der mazedonische Verteidigungsminister Fatmir Besimi

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, најавува дека со ребалансот на буџетот ќе се крати секаде каде што може

Кратење на непродуктивните трошоци 

Владата подготвува ребаланс на Буџетот со кој дополнително ќе се скратат уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци. Ова е дополнително на кратењето од 8% на тековните расходи минатата година и дополнителните мерки кои што се направија во првите 100 дена од Владата за ограничување на трошоците. 

„Со кратење на непродуктивните трошоци и заштедите се отвора можност за нови мерки за граѓаните и компаниите за амортизирање на ударот од светската економска криза. Веќе се реализира пакет мерки во вредност од 400 милиони евра за заштита на стандардот на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите“, велат од владејачката СДСМ.  

Во изминатиот период за ублажување на ценовниот удар за граѓаните беше намалено ДДВ-то на нула отсто за основните прехранбени продукти, се намали акцизата за горивата и се субвенционираат сметки за електрична енергија. Беше воведена и тримесечна финансиска поддршка од по 1.000 денари за пензионерите и за семејствата во социјален ризик за полесно да се справат со последиците од кризата. 

Инфлацијата излезе од контрола  

Опозицијата критикува дека Владата не презела навремени мерки, а здравствената и енергетската криза, како и големиот раст на цените, доведе до тоа С. Македонија да биде рекордер по растот на инфлацијата.

„Инфлацијата во Македонија излезе од контрола заради неспособноста на власта на СДСМ и ДУИ. Рекордна двоцифрена инфлација од 10,5%, како што немало во последните 30 години во државата. Сиромаштијата е сѐ поголема, а инфлацијата го изеде животниот стандард на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, додека цените на основните прехранбени продукти енормно растеа од 10 до 50%, цената на нафтата и електричната енергија се качија до плафон, а платите на граѓаните останаа исти. 

-повеќе на темата: Ценовен шок- како да се спречи инфлаторната спирала

Економските податоци покажуваат дека инфлацијата галопирачки расте нагоре и во април достигна 10,5%, највисоко ниво во последниве 28 години. Трендот на поскапување започна уште со пандемијата, а вистинскиот шок следуваше со војната во Украина и енергетската криза. Месечната потрошувачка кошничка која ја пресметува синдикатот достигна 38.000 денари, а за да се наполни нема да бидат доволни ниту две минимални плати од по 18 илјади денари, кои неодамна се зголемија за по 3.000 денари. Ребалансот се крои среде сериoзна економска криза која дополнително е под притисок на серија штрајкови за повисоки плати. Експертите и бизнисмените апелираат да се штеди, но и продуктивно да се троши.

 

DW.COM

Поврзана содржина