Кризата во Иран ескалира, Рохани призна грешки | Свет | DW | 01.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Кризата во Иран ескалира, Рохани призна грешки

Не престануваат судирите меѓу демонстрантите и полицијата во Иран. Државните медиуми јавуваат за повеќе жртви. Претседателот Хасан Рохани призна политички системски грешки.

Во антивладините протести во Иран, според информациите на државната телевизија, досега животот го загубиле десет демонстранти, во централен, западен и југозападен Иран. Во меѓувреме, се јавува за уште двајца загинати. Телевизијата тврди дека во многу градови, наводно вооружени демонстранти нападнале државни институции, но нападите врз полициски станици и касарни биле осуетени од страна на силите на безбедноста. Детали не се соопштуваат. Денеска во иранскиот главен град Техеран била одржана кризна седница со учество на  претседателот Хасан Рохани  и членови на Комисијата за безбедност. Став на Рохани е дека е грешка протестите да бидат окарактеризирани исклучиво како странски заговор.

Proteste in Teheran (Reuters)

Судири меѓу демонстрантите и полицијата во Иран

„Проблемите на луѓето не се исклучиво од економска природа, туку тие бараат и поголеми слободи“, изјави Рохани, индиректно критикувајќи ги хардлајнерите во земјата за блокадата на неговите политички и културни реформи. „Но, владата нема сѐ под своја контрола“, потенцира Рохани, кој како претседател го нема секогаш последниот збор и во многу работи мора да се повинува на радикално конзервативниот клер. Претседателот смета дека во протестите не треба да се гледа опасност, туку и шанса. И во својата прва синоќешна реакција, Рохани ги оправда протестите, но истовремено предупреди од судири кои можат да ја загрозат безбедноста на земјата. Исто како претходно и неговиот министер за внатрешни работи, Рохани ги повика демонстрантите протестите да ги водат по легални канали, со што ќе се избегне директна насилна конфронтација со полициските сили. Делумна вина за демонстрациите претседателот им припиша на тврдолинијашите.

Помеѓу реформаторите и хардлајнерите во Иран од поодамна се води борба за превласт во раководењето на земјата.

Hassan Rohani (picture-alliance/Iranian Presidency Office)

Претседателот Хасан Рохани призна политички системски грешки

Од четвртокот во повеќе ирански градови има жестоки демонстрации. Нивната острица првично беше насочена против економската и надворешната политика на владата, но тие сега засилено се претвораат во протести против политичкиот систем. Во саботата демонстрациите, започнати во провинцијата, го зафатија и главниот град Техеран. Во повеќе градови полицијата, според очевидци, посегнала по употреба на водени топови и солзавец за да ги растури насобраните демонстранти. Ирански локален политичар зборува за повеќе ранети и приведени лица, а кај дел од нив наводно е пронајдено оружје, муниција и експлозивни материјали. Утрово интернетот во Иран, по блокадата, накратко функционираше повторно нормално. Со оглед на скудноста на информации во државните медиуми, многу извештаи се шират преку социјалните мрежи, но без можност за проверка на вистинитоста. Овие извори велат дека во демонстрациите низ целата земја се уапсени помеѓу 100 и 800 лица.

Во принцип, иранското Министерство за внатрешни работи одобрува само протести кои не се насочени против владејачкиот естаблишмент, туку против политичките заколнати непријатели, САД и Израел.  Иранскиот претседател Рохани во синоќешниот говор критички се осврна и на твитовите на американскиот претседател Донал Трамп во врска со демонстрациите. Оној кој од глава до пети е против Иран, не треба да изигрува своја загриженост, изјави Рохани. Трамп твиташе претходно дека луѓето во Иран конечно сфатиле оти нивните пари се крадат и употребуваат за тероризам, а тоа очигледно нема да го толерираат.

 

DW.COM

Реклама