1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Пријави за учесниците на протестот за „Монструм“

ДТЗ /ДВ
1 февруари 2021

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски тврди дека полицијата не постапува селективно, одговорност за сите мора да има.

https://p.dw.com/p/3ogq3
Nordmazedonien Proteste in Skopje gegen ein Gerichtsurteil
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Полицијата ќе поднесе и кривични и прекршочни пријави за учесниците на протестот во петокот, организиран за поддршка на обвинетите во случајот „Монструм“. Првиот човек на македонската полиција, Оливер Спасовски е дециден дека полицијата не постапува селективно, а одговорност мора да има за сите. 
Спасовски ова го најави од собраниска говорница на дебата за измените во Законот за полиција, одговарајќи на забелешките на пратеникот Бране Петрушевски, дека во изминатиот период имало селективно постапување на полицијата кога има групирања на граѓани во услови на ковид – кризата. Како пример беше посочен Вевчанскиот карневал каде имало сериозна полициска интервенција, додека тоа не се случило и на протестот во Скопје.

-повеќе на темата: Протест за „Монструм“: скандирања, скршени прозорци, навреди за Фатиме Фетаи

„Нема ниту еден настан на кој не се делува, претпоставувам дека мислите за протестот во петокот. Секако таму има и кривични пријави, постојат и прекршочни пријави. Детално ќе информираме утре или задутре врз основа на тоа што ќе биде сработено и завршено до крај од одделот за насилен криминал и јавното обвинителството. Така што никаде нема состојба каде не се преземаат дејствија. Само се прави процена како и на кој начин да ја зачуваме состојбата на задоволително ниво и да не настанат поголеми штети. Меѓутоа одговорноста секако ќе има“, одговори Спасовски.  
Протестот за „Монструм“ се одржа во петок откако во завршните зборови во повторениот судски процес обвинителката Фатиме Фетаи побара доживотен затвор за теририраз за тројца обвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Таа за двајца од обвинетите побара максимални затворски казни, додека за еден поради недостиг на докази, побара ослободителна пресуда.

Nordmazedonien Proteste in Skopje gegen ein Gerichtsurteil
Протести за ослободување на обвинетите во „случајот Монструм“, Скопје 29.01.2021Фотографија: Arbnora Memeti/DW

-повеќе на темата: Фетаи бара доживотен затвор за тројца обвинети во „Монструм“

Учесниците на протестот скандирајќи „УЧК“, побарааа меѓународната заедница да интервенира за да се обезбеди правда за случајот со петкратното убиство на Смилковското езеро, за кое што тврдат дека се гонат невини луѓе. Протестот го организираа семејствата и поддржувачи на обвинетите за петкратното убиство што се случи кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.

Протестниот марш започна во Чаир, а заврши во близина на зградата на Јавното обвинителство, каде во еден момент дојде до фрлање димни бомби од страна на демонстрантите. Беше оштетена и влезната врата на зградата на МНР. Се палеа и се превртуваа контејнери, се кршеа прозорци, фрчеа навредливи зборови и се бараше разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи. Во екот на пандемијата со Ковид-19, кога се на сила рестриктивни мерки, учесниците на протестот не одржуваа физичка дистанца и ретко кој носеше заштитни маски.

Случајот во јавноста познат како „Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година. На самото место беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски и 45 годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.  За убиствата беа обвинети шест лица: Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири избегаа во Косово и се очекува нивна естрадиција во земјава. По првото судење, петмина од групата добија доживотна казна затвор, но Врховниот суд ја укина пресудата во 2017 година. Случајот го презеде СЈО и судењето почна од почеток.