Кривичниот суд како „панцир“ на Владимир Панчевски | Македонија | DW | 11.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кривичниот суд како „панцир“ на Владимир Панчевски

Едно соопштение на Основниот суд Скопје 1 стана индикатор колку состојбите во судството се далеку од можноста за „опоравување“. Како потписот на Судот се најде под лично соопштение на претседателот Владимир Панчевски?

Еден ден по објавувањето на Извештајот на ЕК во кој е нотирано дека Македонија назадува во спроведувањето на реформите во судството, особено поради тоа што овој сектор е длабоко поткопан од политичко влијание, едно соопштение потпишано од Основниот суд Скопје 1 стана индикатор колку состојбите се далеку од можноста за „опоравување“. Имено, Кривичниот суд е потпишан под соопштение кое се однесува на индивидуална постапка на неговиот претседател Владимир Панчевски пред други институции, во случајов пред Основното јавно обвинителство.

„Во насока на транспарентно информирање во однос на кривичната пријава поднесена пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од страна на судијата Иван Џолев против претседателот на Основен суд Скопје 1 - Скопје Владимир Панчевски, за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од чл.359 ст.3 во врска со ст.2 од КЗ, Ве информираме дека во текот на денешниот ден претседателот Владимир Панчевски официјално е повикан да се јави во просториите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за да даде исказ во врска со наводите во кривичната пријава. Претседателот Владимир Панчевски ја информира јавноста дека: 'По даденото произнесување во врска со наводите во кривичната пријава ја известувам јавноста дека од моја страна на записник пред надлежниот јавен обвинител откако ги слушнав наводите на пријавата и се произнесов по истите отфрлајќи ги како неосновани, истовремено поднесов кривична пријава против судијата Иван Џолев за кривично дело „Лажно пријавување на кривично дело“ во смисла на чл.366 ст.1 од КЗ за тоа што лажно ме пријавил како сторител на кривично дело од чл.359 од КЗ за кое гонењето се презема по службена должност иако знаел дека не сум сторител на кривично дело'. Во врска со сите понатамошни случувања и нови информации јавноста како и досега ќе биде навремено и транспарентно информирана. Со почит, Основен суд Скопје 1 - Скопје“.

Судот тоа сум јас?

Ваквата злоупотреба на судот под назнаката „транспарентност“ ја крена температурата, особено во правосудни кругови, каде е доживеана како невиден преседан. Зошто соопштението не е потпишно од претседателот, туку од Судот? Дали Панчевски порачува „Судот тоа сум јас“? Зошто го злоупотребува името на институцијата за информации за негови индивидуални постапки? Дали Судот е негова лична огласна табла? Ова се дел од прашањата за кои ДВ побара одговор од Кривичниот суд и неговиот претседател.

Од оделението за односи со медиумите првично изјавија дека „најверојатно станува збор за техничка грешка и дека таа ќе биде коригирана“. О друга страна,  претседателот на судот, Владимир Панчевски, изјави дека потписот на судот под негово соопштение воопшто не е спорен, и дека тоа не значи дека тој ја приватизира институцијата за свои цели.

„Информираше Основниот суд Скопје 1, бидејќи станува збор за прашање кое ја засегнува јавноста, кое во изминатите денови било актуелно и се однесува на работата на Судот“.

На забелешката дека прашањето не се однесува на работата на Судот, туку на кривична пријава поднесена од еден судија (Иван Џолев) против друг судија, соопштена преку индивидуално соопштение, на што треба да биде одговорено индивидуално и без инволвирање на институцијата, Панчевски одговори дека „соопштенијата, освен за работата на Судот, се однесуваат и за лица кои се вработени во него, и за него како претседател“.

Претседателот е прв судија во судот“

Набрзо поразговорот на ДВ со Панчевски, од одделението за односи со медиумите

„ја отстранија техничката грешка“ со дополнување на претходното соопштение.

„По барање на новинарот Катерина Блажевска, 'Зошто соопштението не е потпишано лично од претседателот туку е потпишано од судот, и дали тоа не претставува инволвирање на целиот суд или поистоветување на претседателот со судот', информираме дека претседателот на судот, како што е општо познато е прв судија во судот, и на ваков начин ја информираме јавноста за преземените дејствија од страна на првиот судија во судот, како што и претходно транспарентно и прецизно била информирана јавноста за сите прашања кои го засегаат работењето на судот и кои се од интерес за јавноста, без разлика дали лично претседателот или било кој друг судија е засегнат од тоа и без разлика дали информацијата за работењето на судот е позитивна или негативна. Токму затоа преку соопштенито е објавена и лична изјава на претседателот на судот.  Основниот суд Скопје 1 - Скопје и понатаму останува транспарентен за сите прашања кои се од интерес за јавноста“, стои на страницата на Судот.

Но, во интерес на „транспарентноста за сите прашања“, такво соопштение немаше од Судот во врска со кривична пријава што ја поднесе судијата Џолев, ниту детали кога бил ОЈО. Ваквите двојни аршини, не ги изненадуваат оние кои ги следат состојбите во судството. Уште помалку судиите. Дел од нив се уште чувствуваат страв јавно да говорат „за овој преседан“, како што велат, „за да не бидат изложени и на дополнителни притисоци“.  

Ќе расправа Судскиот совет

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, откако побара време да провери дали соопштението од Панчевски навистина е потпишано од Судот, рече дека „засега не гледа злуопотреба“, но најави дека овој случај ќе биде разгледан во Судскиот совет, поради очигледното „индивидуализирање и тензии“. Не одговори дали зад индивидуалната постапка на Панчевски треба да стои колективен потпис на Судот.    

„За Судот е лошо кога се инволвирани две лица, кои за секое преземено дејство ја информираат јавноста. Двајцата треба да прекинат со тоа и бидат внимателни, бидејќи поднесувањето кривична пријава е прва иницијална фаза и треба да се остави ОЈО да си ја заврши работата по двете кривични пријави. Во Судскиот совет континуирано работиме и во текот на утрешниот ден (11.11- н.з.) ќе разговараме што да преземеме за смирување на тензиите“, изјави Караџовски.

Според член 97, став 3 од Законот за судовите, „претседателот на судот дава информации за јавноста водејќи сметка со тоа да не се наруши угледот, честа и достоинството на личноста и ако тоа не е на штета на независноста и самостојноста на судот“.

Дали со посоченото соопштение е зачуван угледот и независноста на судот, ќе може да ценат и Судскиот совет, и јавноста. 

 

DW.COM

Реклама