Долга ноќ во Кривичниот суд, но и жешка среда во парламенот. Притворите за 27-ми април и судските барања за симнување на пратенички имунитетети се темите што од вчера ја тресат политичката сцена во Македонија. Епилогот од вчерашниот распит на 20-тина од вкупно 36 осомничени за учество во настаните од 27-ми април, сѐ уште не е целосно познат. Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, донел решенија со кои за О.П., О.Р., И.Д., М.П. и М.Ч. го прифатил предлогот на Обвинителството и им определил мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти синоќа Судот. За лицата Е.Б. и С.М. судијата не го прифатил предлогот за определување мерка притвор, а како мерка за обезбедување присуство им определил мерка куќен притвор. За останатите лица, за кои синоќа се уште не било завршено сослушувањето, по донесувањето на решенијата Судот денеска ќе ја информира јавноста.
Зад посочените иницијалите на оние кои добиле 30-дневен притвор се препознаваат имињата на Митко Чавков, поранешен министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, кој од синоќа бил спроведен во истражниот затвор во Шуто Оризари. Истата мерка е одредена и за Оливер Радулов - осомничен за земањето на хард-дисковите со безбедносни снимки од Собранието, за Игор Дурловски - еден од водачите на „За заедничка Македонија“, и најверојатно за Митко Пешев, поранешен началник на одделението за специјални полициски операции.
Судска разрешница на настаните од 27 април 2017
Расправа за имунитетот
Синоќа пратеникот Крсто Мукоски си замина дома по распитот пред судија на претходна постапка, а пред полноќ од Судот излезе и неговата колешка Жаклина Пешевска, која беше пречекана од присутните на протестот и се задржа во разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
За ниту еден од шесте осомничени пратеници не може да биде реализирана никаква мерка на претпазливост, доколку Собранието прво не им го симне имунитетот. Таква процедура ќе започне денеска, откако Судот вчера со писмо го информираше преседателот на Собранието дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција предлага определување притвор за пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски Жаклина Пешевска и Љубен Арнаудов. За да може Судот да постапува по ова барање, Собранието треба да донесе одлука дали ќе им го симне имунитетот. Претседателот на парламентот ова барање денеска треба да го достави до собраниската Комисија за мандатно-имунитетни и деловнички прашања. Комисијата треба да донесе заклучок со мнозинство гласови, а Собранието со мнозинство од 61 глас да одлучи дали ќе усвои или ќе го одбие заклучокот.
Шесте пратеници се осомничени за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, за кое најмалата казна е 10 години затвор.
Претседателот Иванов разговараше со Заев и со Груевски
Иванов „смирува“
Истрагата на Обвинителство за настаните и учесниците во крвавиот четврток, по вчерашните приведување предизвика реакции кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Дел од пратеничката група на оваа партија побара средба кај претседателот Иванов, по што тој имаше вонредно обраќање пред јавноста, а пред полноќ оствари уште една средба - со Груевски и Заев.
„На покана на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, вечерва во Кабинетот на претседателот, се одржа средба на која присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски“, информираа од Кабинетот на Иванов.
Како што е наведено во соопштението, тема биле актуелните случувања.
„Се разговараше за можни решенија за излез од актуелната состојба на напнатост во државата што предизвикува загриженост кај граѓаните. Целта на средбата беше да се поттикне помирување и нормализирање на политичките процеси во Република Македонија. Присутните на средбата се согласија разговорите да продолжат и во иднина“, се наведува во соопштението на Кабинетот на Иванов.
-
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Навала пред вратите на Парламентот
По изборот на Талат Џафери за нов претседател на Парламентот, од иницијативата „За заедничка Македонија“ ги повикаа граѓаните да излезат уште помасовно на протест, со цел да ја спасат државата од, како што истакнаа, влегување во сценарио од кое нема враќање назад. Толпата почна да притиска кон вратите на Собранието за да влезе во него.
-
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Слабо присуство на полицијата
Неколку големи групи граѓани влегоа во парламентарната зграда, во пленарната сала, во фоајето и во други простории на парламентот, откако полицијата не го спречи првиот бран од граѓани кои протестираа против изборот на нов претседател на Собранието.
-
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Незапирливо „заземање“ на Парламентот
Меѓу оние кои упаднаа имаше и маскирани лица со качулки, кои фрлаа столици во собраниските простории и медиумска опрема.
-
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
„За заедничка Македонија“ во Собранието
Во закондавниот дом завладеа хаос. Тука беа организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, тука беа и министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
-
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Знамиња и песни
Дел демонстранти ја „зазедоа“ и Пленарната собраниска сала, каде што пееја песни и вееја знамиња.
-
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Напади врз пратениците на СДСМ
Демонстранти навлегоа и во прес-центарот, каде што беа пратениците на СДСМ и ДУИ и почнаа да ги тепаат со столови и со сè што ќе им дојде до рака. Крвнички напаѓани беа Зоран Заев, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски, Радмила Шеќеринска, Хари Локвенец, Зијадин Села. Полиција немаше.
-
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Полицијата се „разбуди“
По повеќе од еден час по почетокот на инцидентите, полицајци влегоа во Собранието и се обидоа да ги извлечат пратениците од прес-центарот, но беа избркани од толпата што ги држеше како заложници. Толпата се забарикадира во прес-центарот.
-
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Евакуација на повредените пратеници
Некаде пред 22 часот дојдоа и специјалци, па почнаа да се обидуваат да ги вадат повредените од забарикадираниот прес-центар.
-
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Извлечени пратениците
Кратко пред полноќ пратениците од парламентарното мнозинство беа извлечени од Собранието, а пред него и понатаму останаа насобраните демонстранти. Вкупно стотина лица се повредени, од кои четворица се пратеници. Целото Собрание е демолирано, тврдат новинари, од кои дел исто така беа напаѓани.
-
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Шатори пред Собранието
Припадници на движењето „За заедничка Македонија“, кое ги предводи демонстрациите, кои синоќа прераснаа во безредија и насилство, поставија шатори пред Собранието и најавија дека ќе останат таму „колку што е потребно“, за да ја „одбранат Македонија“.
Автор: ЖА
Во вчерашното обраќање до јавноста, Иванов рече дека „мора да има одговорност за политичкото, како и за физичкото насилство за настаните од 27-ми април“.
„Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара, но одговорноста не смее да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, презумпција на невиност и да се внимава на квалификациите на кривичните дела“, рече Иванов.
Во правната фела оваа негова изјава се толкува како „притисок и предупредување до Обвинителството и судот“, особено што во натамошното излагање тој изрази лична поддршка за граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и став дека „граѓаните кои се сплотија и ја демонстираа идејата за заедништво не се и не можат да бидат третирани како терористичка организација“.
Со исти тези вчера и опозициската ВМРО-ДПМНЕ повика на протест. Партискиот лидер Никола Груевски кој по настаните од 27-ми април изјави дека секој што учествувал во насилни акти треба да одговара, сега тврди дека станува збор за политички прогон од хунтата на Заев. Со исклучително мал одзив на неговиот повик, активисти и симпатизери на опозициската партија протестираа пред Кривичниот суд, а дел од нив активностите ги проширија и со блокирање на повеќе сообраќајници во градот.
-
Сезона на протести: Од Тврдокорни до „За заедничка Македонија“
Груевски и „народот“
„Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата, длабоко се во заблуда. Тоа народот може да го докаже на дело и да покаже поинакво однесување“, изјави Никола Груевски во интервјуто за телевизијата Сител на 26 февруари. Веќе следниот ден се одржа првиот протест за одбрана на татковината...
-
Сезона на протести: Од Тврдокорни до „За заедничка Македонија“
„За заедничка Македонија“
Првиот протестен марш беше оддржан на 27 февруари. Граѓани со транспаренти на кои беа испишани пораки за одбрана на Македонија се собраа пред Владата од каде го започнаа маршот кон Собранието. Предводници маршот се Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски здружени во иницијативата „За заедничка Македонија“.
-
Сезона на протести: Од Тврдокорни до „За заедничка Македонија“
Тврдокорни
Во првите неколку денови од протестите, пораката за „Заедничка Македонија“ беше во втор план, а настапот на демонстрантите беше одбележан со транспаренти кои го потенцираа нивниот надпартизам или се промовираше Македонското патриотско здружение- „Тврдокорни“. Мотото на почетокот беше „Македонски марш- завет за Македонија“.
-
Сезона на протести: Од Тврдокорни до „За заедничка Македонија“
Црвени линии
Барањата на демонстрантите и иницијативата „За заедничка Македонија“ се безусловно отфрлање на т.н. Тиранска платформа и зачувување на унитарноста на Македонија. Тие исто така се против двојазична и двонационална Македонија, против промена на знамето, химната и државниот грб.
-
Сезона на протести: Од Тврдокорни до „За заедничка Македонија“
„Чиста Македонија“
Организаторите на протестите порачаа дека нивните барања се базирани на вредностите на претходните три Илиндени - соживот, почит и толеранција. „Сакаме да живееме во оваа земја заеднички со сите останати народи – како што сме живееле до сега, да продолжиме во иднина“ изјави Богдан Илиевски - иако на првиот ден од протестите се скандираше за „чиста Македонија“ и против „клетите Шиптари“.
-
Сезона на протести: Од Тврдокорни до „За заедничка Македонија“
Стари пораки
Политичките пораки на транспарентите кои можат да се видат на протестите имаат препознатлива симболика. На нив се испишани пораки против мешањето на ЕУ во кризата, против Џорџ Сорос и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли - додека истовремено се изразува поддршка за Доналд Трамп. Оваа констелација на пораки во голем дел се поклопува со реториката на власта во пред и пост изборниот период.
-
Сезона на протести: Од Тврдокорни до „За заедничка Македонија“
Јоханес Хан „сардисан“
При посетата на Скопје на 21 март, Јоханес Хан беше пречекан со протест пред седиштето на ЕУ од демонстрантите на „За Заедничка Македонија” и дел од вработените во Трансмет. Граѓаните се собраа пред канцелариите на ЕУ, а вработените во компанијата на Сеад Кочан со камиони го блокираа булеварот. Хан мораше да излезе од задната врата под полициски надзор, без да биде забележан од демонстрантите.
-
Сезона на протести: Од Тврдокорни до „За заедничка Македонија“
Медиумски (не)пријатели
„Медиумите под отстрел“ - гласи еден од транспарентите на протестите, алудирајќи на случајот на Сеад Кочан, исто така сопственик на телевизија НОВА. Но, се чини дека токму новинарите кои известуваат од протестите се најдоа на мета на демонстрантите. На вториот ден од протестите беа нападнати двајца новинари кои со повреди завршија во ургентниот центар.
Автор: НД/ дв