1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Егзекуции во Крушевац, Србија (фотографија од изложбата Злосторствата на Вермахтот 1941-44)Фотографија: AP

Крвава есен 1941 - во Србија масакрирани 10 илјади мажи

Филип Славковиќ
21 октомври 2008

Есента 1941, во акти на одмазда, германската окупаторска војска во Србија уби околу 10 илјади мажи - цивили; само во Крагуевац и Кралево од 15 - 21. октомври повеќе од 4500. Во Германија малку се знае за тој масакр.

https://www.dw.com/mk/%D0%BA%D1%80%D0%B2%D0%B0%D0%B2%D0%B0-%D0%B5%D1%81%D0%B5%D0%BD-1941-%D0%B2%D0%BE-%D1%81%D1%80%D0%B1%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D1%81%D0%B0%D0%BA%D1%80%D0%B8%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B8-10-%D0%B8%D0%BB%D1%98%D0%B0%D0%B4%D0%B8-%D0%BC%D0%B0%D0%B6%D0%B8/a-3728737

Мирослав Аранѓеловиќ, тогаш 15-годишен, изутрината на 14-ти октомври 1941-ва година ги впрегнуваше коњите за како и обично да испорачува сода-вода за кафеаните во Кралево, кога насила го доведоа од шталата. Во тој српски град ноќта илегалци ги нападнале германските окупатори. Како одмазда, за секој убиен војник на Вермахтот требаше да бидат стрелани 100, а за секој ранет 50 цивили. Во текот на целиот ден беа апсени Срби, Евреи, Роми и штотуку дојдените бегалци од Словенија и Хрватска. Мирослав Аранѓеловиќ беше еден од уапсените.

„Сите бевме однесени во фабриката за вагони и сослушувани во една голема хала. Потоа ја однесоа надвор првата група. Мислевме дека ќе ги ослободат, но тие мораа да копаат гробници. Вечерта беше испратена и втора група, а ние бевме во третата. Кога излеговме надвор, слушнавме митролези. Првите веќе беа стрелани. Кога не однесоа кај гробниците и ги видов мртвите, од страв паднав во бессознание, како да сум веќе мртов“, се сеќава Аранѓеловиќ. Околу полноќ Мирослав се разбудил. Одел преку трупови, се прекачил преку ѕидот на фабричкиот двор и потоа се криел цела недела. Германците тука за пет денови стрелале 1800 луѓе. Мирослав е еден од само 20-ината преживеани.

Херојство на директорот на гимназијата во Крагуевац

Verbrechen der Wehrmacht
Злосторства на ВермахтотФотографија: AP

Во Крагуевац и околните села беа убиени 2800 цивили, меѓу нив и православни попови и ученици-гимназијалци. Ликвидациите ги нареди генерал Франц Беме, команданат на германските трупи во Србија. Со тоа сакал да го задуши востанието против окупаторите што се распламте летото. Срамна улога одиграа и офицерите што ја имаа командата во градот - Паул Кених и Фриц Фидлер, вели Станиша Бркиќ, кустос на Меморијалниот центар во Крагуевац: „Помалку е познато дека Паул Кених пред војната во Германија бил професор по теологија, а Австриецот Фидлер бил директор на уметничко училиште“.

Бркиќ раскажува и за херојскиот пример на директорот на гимназијата во Крагуевац кој се понудил да биде стрелан наместо своите ученици, и кога тоа Германците не го прифатиле, застанал меѓу учениците и бил стрелан заедно со нив.

Обесштетување - 20 марки и илјада динари!

Кон средината на октомври цивили биле стрелани и воБелград и околината, во Шабац и во села на северозападот на Србија. Долги години имаше контроверзи околу бројката на стреланите, оти југословенските власти изнњесуваа превисоки податоци. Дури по демократскиот пресврт во Србија во 2000-та година историчарите го утврдија идентитетот на секоја жртва. На некои од офицерите што го наредија масакрот им беше судено во Нирнберг и Белград. Преживеаните како Мирослав Аранѓеловиќ добија како обесштетување по 20 германски марки и илјада југословенски динари.

Аранѓеловиќ уште за време на војната продолжи да разнесува сода-вода. „Одев по кафеаните за да видам кој е уште жив. Така почнав и повторно да работам. По два дена кај мене дојдоа Германците. Се уплашив, мислев готов сум. Но, тие бараа сокови и плаќаа повеќе од доволно - дури ми дадоа и слатки, цигари и салами.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Во македонскиот парламент нема потребно мнозинство за уставни измени

Прво избори, па уставни измени?

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница