Крај на поштедата на Алексис Ципрас | Свет | DW | 16.07.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Крај на поштедата на Алексис Ципрас

Парламентот во Атина го одобри првиот реформски пакет, но премиерот го загуби сопственото мнозинство, левото крило на партијата се бунтува. Тоа уште повеќе ќе го отежне реализирањето на реформите, смета Спирос Москову.

За грчкиот премиер Алексис Ципрас одмаѓепсувањето на владината одговорност сега е целосно. Тој цели пет месеци се обидуваше да ја импресионира еврозоната преку заклетви во демократијата и достоинството, наместо преку изработка на убедливи концепти. Во тоа доживеа неуспех. Минатиот викенд Ципрас мораше да се согласи на редица услови од меѓународните кредитори, за Грција да остане во живот. Ноќеска во грчкиот парламент тој мораше да доживее голем дел од неговата партија, вкупно 39 министри и пратеници, да му свртат грб на неговиот пат кон прагматизам. Голем дел од владејачката партија Сириза и натаму се држи грчевито кон ретроградниот популизам. Падот на Икар на грчката левица е конечен.

Првите реформски планови за штедење на меѓународните институции се одобрени со помош на проевропската опозиција, односно со поддршка на „внатрешната Тројка“, како што суровите левичари од Сириза потценувачки и подбивно ги нарекуваат Нова демократија, социјалистичкиот ПАСОК и леволибералната партија ПОТАМИ. Ципрас сега е зависен од овие наводно внатрешни непријатели, за да можат да бидат склучени се‘уште незавршените договори со меѓународните институции. Согласните пратеници од Сириза и пратениците од малиот коалициски партнер во владата, АНЕЛ, веќе не се доволни за сопствено мнозинство во Парламентот од 150 гласови.

Кој треба да ги спроведе реформите?

На прв поглед, се чини постои широк национален консензус за останување на Грција во еврозоната и реформирање на земјата. Но, овој консензус всушност е опасно минско поле. Опозиционите партии моментно даваат прилог во спасувањето на земјата, самобендисано ја констатираат својата неопходност во протуркувањето на првиот „лев Меморандум“ во Парламентот. Но, тие се‘уште не се спремни со Сириза да учествуваат во некаква владина коалиција. Сириза пак по синоќешниот гласачки земјотрес се чини конечно се расцепи на идеолози и реалисти.

Очекуваната реконструкција на владата со исфрлање на приврзениците на драхмата само привремено ќе ги запре бранувањата. Речиси е сигурно дека ќе се реализира третиот пакет финансиска помош за Грција. Земјата засега е спасена од тотален колапс. Но, кој ќе ги спроведе бараните реформи и мерки за штедење? Половината од Сириза, која моментно го оплакува изнуденото предавство на своите левичарски фантазии, или старите партии, кои исто така не блескаа при спроведувањето на првите два пакети помош? Реализирањето на реформите подразбира засукување ракави комбинирано со креативност, што едноставно го нема. Пет години ја посматраме фактичката неспособност на грчкиот политички систем во справувањето со националната криза. Стариот концепт гласи-опстојување на своето и стискање, а во краен случај -„рисајклин“. И Ципрас прво ќе се држи грчевито а потоа ќе посегне по нови избори, да се надеваме -уште наесен.

Реклама