Крај на локдаунот со апликацијата „Лука“? | Информации и анализи за Германија | DW | 10.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Крај на локдаунот со апликацијата „Лука“?

Уметниците и политичарите во Германија се воодушевени од апликацијата „Лука“ со која треба да се олесни следење на контактите и повторно ќе се овозможи посета на културни настани и ресторани.

Многу Германци се сѐ поисфрустрирани поради корона-пандемијата. Со месеци трпеливо чекаат, но вакцинацијата во земјата се одолговлекува и не може да се спореди ниту со САД, а ниту со Израел или Велика Британија. Се’ уште не е возможно редовно и некомпликувано тестирање, а и покрај масовните ограничувања и локдаунот, бројот на заразени расте. Сигурно ќе поминат уште неколку месеци додека не се вакцинираат сите коишто би сакале.

На почетокот на третиот бран поради растечкото незадоволство, политичарите решија да дозволат одредени олабавувања на мерките, но со оглед на развојот на ситуацијата и порастот на бројот заразени веројатно повторно ќе мора да се воведат нови ограничувања.

Поради тоа голема надеж буди апликацијата „Лука“ (luca) која покрај официјалната апликација за предупредување од коронавирусот би требало да и помогне на германската влада чекор по чекор, колку толку да го врати јавниот живот во нормала.

Која е разликата меѓу „Лука“ и апликацијата за предупредување од коронавирусот?

И покрај острите критики, апликацијата за предупредување од коронавирусот (ЦВА) и понатаму се смета за една од најважните алатки во сузбивање на пандемијата, бидејќи е наменета за разбивање на синџирот на зараза.

Кај оваа апликација заштитата на податоци игра централна улога. Таа целосно функционира без употреба на личните податоци, самостојно преку блутут, а корисникот останува анонимен за здравствените власти.

Апликацијата ги информира корисниците за ризик во случај во близина да имаат зарзен, кој исто така ја користи апликацијата, има вклучен блутут и брзо ги внесува резултатите од тестот. По предупредувањето корисникот треба да се тестира.

Иако апликацијата постојано се унапредува сепак има недостатоци во однос на релевантноста. Понекогаш поминуваат повеќе денови додека позитивниот резултат од тестот стаса до лицето со кое сте имале контакт. Апликацијата во меѓувреме ја користат над 26 милиони луѓе, достапна е на 26 јазика и нуди и прекугранична проценка на ризик во некои земји од ЕУ. Апликацијата за сега се користи само во Германија и тоа само во неколку региони.

Како функционира „Лука“ ?

Од корисниците се бара да се активни: при инсталирање на апликацијата мора во својот профил да се напише името и бројот на телефон. Врз основа на тоа апликацијата креира QR-код, кој се менува на секоја минута и му се испраќа на крајниот корисник.

Повеќе:

-Стартува германската корона-апликација: Што ја прави подобра од другите?

-Борба за најдобра корона-апликација

-Корона-апликација за ЕУ со дупки

На пример, при влез на некој настан или во ресторан, корисникот го скенира QR-кодот. „Лука“ така собира податоци кој, кога и каде бил. Наместо да се пополнува ливче во ресторанот или кај фризерот (во надеж дека се даваат вистинските податоци), во овој случај корисникот се регистрира дигитално.

Кај приватни состаноци QR-кодовите се разменуваат меѓусебно. На овој начин се создава некој вид на „отисок од прст“ од средбата па така контактите може да продолжат да се следат.

Податоците за посетените места остануваат во базата 30 дена. Но, според зборовите на операторите не се гледаат името и контактот – во тоа е разликата во однос на ливчињата кои сега се пополнуваат.

Колку се безбедни податоците?

Со оглед на тоа дека заштитата на податоците беше најважна при креирањето на апликација за предупредување од коронавирусот, таа не регистрира лични податоци, ниту местата на кои се движи корисникот, така што не може да се направи профил на движење на личноста која ја користи апликацијата.

Официјалната апликација за предупредување од корона е намерно направено како децентрализиран систем. Податоците никаде не се чуваат централно, па дури и здравствените служби немаат пристап до податоците. Овој аргумент беше еден од најважните за да се придобие довербата на граѓаните.

И операторот на „Лука“ ветува сеопфатна заштита на податоците. Сите податоци би требало да бидат кодирани и зачувани исклучиво во Германија. На овој начин би се осигурало податоците да не се злоупотребуваат во комерцијални цели.

Гледај видео 01:04

Како технологијата за надзор се користи во корона-кризата

Како „Лука“ соработува со државните служби?

Официјалната апликација за предупредување од коронавирусот ја развија компаниите САП и Телеком Германија. Наспроти тоа апликацијата„Лука“ ја разви приватен комерцијален оператор – берлинскиот „culture4life GmbH". Тие при креирањето ангажирале и културни работници, како членовите на бендот “Фантастичните четворица“(Fantastische vier). Софтверот е дело на берлинската стартап компанија „neXenio GmBH".

Иако „Лука“ не е официјална апликација, компанијата сака системот да го поврзе со државните служби – токму во тоа се разликува од другите апликации. Во случај на зараза, здравствените служби би можеле веднаш да стапат во контакт со заразената личност. Со помош на ТАН (трансакциски број) лицето доброволно ја споделува листата на места на кои било.

Како понатаму?

Што е поважно: ефикасна заштита податоци или ефикасна заштита од зараза? Не може ли и двете да бидат подеднакво ефикасни? Оваа дебата со сигурност ќе продолжи.

Официјалната апликација за предупредување од коронавирусот е широко распространета, но пасивна. „Лука“ е поактивна и собира повеќе податоци. Двете апликации се базирани на различни основни принципи, но сепак не е планирано тие да се поврзат во иднина. Исто така, многу веројатно ниту во иднина нема да биде задолжително користење на апликации за предупредување.

Но, можно е дел од организаторите на големи настани или угостителите да побараат од посетителите да ја користат апликацијата „Лука“. Истото од своите муштерии може да го побараат и продавници и фризерници, каде сега податоците се собираат на ливчиња. Секако ова нема да биде задолжително, но тоа може да значи дека без “Лука“ нема да имате пристап до одреден ресторан, клуб или продавница.