Крај на ерата Меркел | Свет | DW | 17.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Крај на ерата Меркел

Европската поддршка која Балканот ја уживаше од страна на Меркел во суштина секогаш одговарала на германските интереси, зашто зајакнувањето на ЕУ е еднакво на зајакнување на Германија. Пишува Ивор Мицковски

Кога би требало да избереме еден единствен збор кој би ја опишал Германија под Меркел, тогаш тоа би морало да биде: стабилност!

Огромен дел од таа толку посакувана стабилност, најчесто во форма на политички стабилократии, директно или индиректно се бараше во најнемирниот регион на Стариот континент, односно, Западниот Балкан, регион кон кој Берлин посветува особено внимание уште од падот на Ѕидот.

Првично, затоа што на Балканот се испреплетуваат три лајтмотиви на германската надворешна политика: соочување и спротивставување на американскиот примат како безбедносен гарант, потрага по модус вивенди со втората светска сила во подем, односно Кина, и конечно, консолидирање на европскиот проект и покрај центрифугалните процеси и центрипеталните кризи на Унијата.

Германија и Балканот

Европската поддршка која Балканотја уживаше од страна на Меркел во суштина секогаш одговарала на германските интереси, затоа што зајакнувањето на ЕУ е еднакво на зајакнување на Германија. Влезот во ЕУ на шесте балкански држави би му дозволило на Берлин да биде вистински центар на целиот континент, каде таа доминација уште од веднаш би се потврдила на економско-финансиски план, а во иднина истото би се случило и на политичко-институционално поле. Во идеалното сценарио на Берлин, да се имаат сите европски држави под капата на ЕУ, не би значело дека тие ќе бидат повеќе отпорни на влијанија од трети страни, но би ѝ гарантирало на најмоќната членка, а тоа е Германија, да има клучен збор во сите нивни одлуки од економско-финансиска природа, па можеби дури и од политичка.

Берлин е првиот и најважен економски партнер на целиот регион. Тој продор на германското влијание во последната деценија беше остварен благодарение на поддршката од државните структури и особено на тајните служби, кои сѐ повеќе се обидуваат да пенетрираат во политичкото и општественото ткиво на Балканот. За таа цел за Берлин беше важно регионалниот пазар и трговија да функционираат, а политичката состојба да биде колку што може постабилна, за разните национални економии да го зголемат својот капацитет за увоз на германски добра. Создавањето економска зависност е претходница на геополитичката, и тоа е задачата на германските институции, кои веќе подолго време на Балканот не влегуваат со кадифени ракавици, туку сѐ почесто директно влијаат на внатрешните работи.

Во многу случаи тоа е за доброто на поединечни земји или поширокиот регион. Дијалогот помеѓу Србија и Косово е блокиран поради заканата која Меркелприватно му ја има соопштено на Вучиќ, дека ќе го изолира и детронизира доколку се нафати на косовско решение преку размена на територии. И во таа битка Меркел извојува повеќе од неколку поени против Америка. Хашим Тачи, главниот човек на САД во Косово и регионот, денеска е во Хаг, а во Приштина седи влада која е антиамерикански настроена иако веќе еднаш беше соборена по волја на Американците.

Deutschland Westbalkan-Gipfel

Меркел и западнобалканските лидери на самит во Берлин во 2019 година

Промената на власта и падот на режимот во Македонија тешко дека ќе се случеше без прислушкуваните разговори кои на опозицијата најверојатно ѝ биле предадени од германските тајни служби, кои слободно можеа да функционираат кај нас благодарение на Дојче Телеком. Дури и решението на името не можеше да се случи без германското влијание и прагматизмот на Меркел, која низ тој процес ѝ се оддолжи на Грција за лошото менаџирање на финансиската криза од страна на ЕУ, но под германско водство.

Со цел да се потврди како голема сила на Балканот, Германија во 2014-та го започна и Берлинскиот процес, додека и понатаму се обидува да поттикне поголема инфраструктурна соработка, како претходница за заеднички пазар во регионот. Не случајно за време на прошталната посета на Меркел на регионот, од Берлин пристигна пораката дека повеќе од „Отворен Балкан“, иднината на земјите од регионот ја гледаат во Заедничкиот регионален пазар.

Стабилократија и демократура

Голем дел од политиката на Меркел се базираше на поддршка на системот на владеење познат како стабилократија. Прагматичен пристап според кој канцеларката градеше соработка и со авторитарни лидери како Груевски, Ѓукановиќ и Вучиќ и затвораше едно око пред нивното кршење на правата и демократското уназадување, за возврат да решат билатерални или регионални спорови или пак да се задржат на некаков проевропски реформски процес. Таа стратегија се покажа како мошне погрешна и штетна, додека системот на стабилократија беше напуштен само во Македонија и Косово, а донекаде и Црна Гора. Тој процес се замени или надогради со актуелната демократура, која доминира низ целиот регион.

За жал, се наоѓаме заробени во тоа несреќно сценарио и во парадоксот дека најдолговечниот и најмоќниот европски политичар, иако лично многу се посвети за доброто и интеграциите на Балканот, сепак не успеа да ја оствари својата агенда. Гледаме дека германската политика продолжува да се фрагментира, па дури и самата Меркел најголемиот дел од своето владеење го помина коалициски, но тие слабости на германската политика паѓаа во сенка покрај нејзината политичка грандиозност и способноста лично да поттикне доверба и сигурност. За очекување е дека кој и да биде идниот германски канцелар, дека ќе станува збор за поконзервативен политичар, кој ќе моделира една поконзервативна Германија, која најверојатно нема да се залага за Балканот како Меркел. Или поинаку кажано, токму фактот дека една Меркел не успеа во својата политичка агенда и стратегија, освен можеби на економски план, не нуди оптимистички најави ниту за Европа, а уште помалку за регионот.

САД и Европа

Тој неуспех се разбира не е вина само на Меркел и на Германија. Постојат граници и за европската супер сила пред американската хегемонија во регионот. Во европската империја на Америка, Германија има право да „гаи“ само ограничени аспирации, односно, иако големо, сепак едно ограничено економско и политичко влијание над останатите европски земји. Берлин отсекогаш бил моторот на евроинтеграцискиот процес кон истокот и југоистокот, во кој успеа да вдоми 11 пост-комунистички држави во само 10 години. Но, после влезот на Хрватска во ЕУ, тој систем како да се расипа. Процесот секогаш беше: прво влез во НАТО – со депонирање на државниот безбедносен суверенитет во рацете на Америка, па веднаш потоа влез во ЕУ, со препуштање на своите надежи за просперитет во рацете на Берлин. Тој механизам на соработка помеѓу САД и ЕУ се распадна, особено како последица на Трамп, но и поради самите промени и кризи во американската политика која се повеќе го отргнува својот фокус од Европа.

Deutschland | Virtueller Westbalkan Gipfel | PK Angela Merkel

Мерел не ја оствари целосно својата агенда за Балкан

Тоа го гледаме и во различното менаџирање на косовското прашање како и во несогласувањата околу процесот на проширување. Проширувањето пак е закочено од растечкиот скептицизам кај многу европски престолнини, од слабата доверба и слабите рефомски процеси кај балканските партнери, од растечкиот национализам и подемот на нови приоритети за Унијата. Во исто време за Западен Балкан не постои друга кредибилна алтернатива од влезот во ЕУ освен ова мачно одржување на статус-кво, кое само ја намалува довербата во Европа и следствено ја намалува и моќта и влијанието на Берлин врз регионот. Од друга страна пак, ниеден друг меѓународен актер нема инструменти и влијание да го интегрира регионот, додека секоја поинаква форма на авто-интеграција, било тоа смешниот и штетен обид наречен „Отворен Балкан“, или некакви фантазмагорични оживувања на Југославија или Голема Албанија кои делуваат како чиста фантазија.

Реалноста е дека Балканот е останат таму каде што и беше - сиромашен, поделен и оставен на милост и немилост на империјалните супер сили. На крајот на ерата Меркел, Германија има помалку влијание врз регионот отколку на почетокот на таа ера. Балканот е повторно во рацете на Американците, додека Русите, Турците и Кинезите се борат да го одржат или зголемат своето влијание.

Сиромаштво и општествено економски нееднаквости

Популацијата на Западен Балкан е поразочарана и поизгубена отколку што беше во 2005-та година. Пред се е уште повеќе осиромашена, додека разликите во општествено-економските нееднаквости продолжуваат драматично да растат. Ниската стапка на наталитет, одливот на мозоци и масовното иселување, потхранети од се полошиот квалитет на живот и од неиздржливото ниво на криминал, корупција и клиентелизам, само го прават подепримирачки, пуст и празен животот на Балканот. Во сите земји, дури и во Македонија која успеа да се ослободи од еден режим, доминираат фиктивни нелиберални, популистички и нефункционални демократии кои се базираат на лажни механизми на рамнотежа помеѓу различните гранки на власта, фасадни институции каде доминира партизацијата и непотизмот, како и комплетно отсуство на каква било професионална, законска и морална одговорност. Овој систем на „демократура“ се одржува благодарение на прозападноста и вербалната определба за европски интеграции, каде секој критичар или противник на владејачката елита ќе биде стигматизиран и жигосан како деструктивен, хистеричен или злобен.

Берлин е заробен во тој маѓепсан круг од кој не се гледа излез: со цел да ги унапредат нашите фалични држави мораат да соработуваат со властите кои се токму првата и главна препрека за реални реформи кои земјите би ги однеле кон напредок. Што значи, пред да ѝ препишеме преголем неуспех на Меркел, треба убаво да се погледнеме во огледалото. Меркел имаше свои грешки и неуспеси, но беше подобра од многу други светски лидери и веројатно ќе биде подобра и од тие што ќе дојдат по неа. Не е премногу да се каже дека нема кој да ја замени, од проста причина што доминираше и ги засени сите останати личности, па дури и институции.

Завршува ерата Меркел, нѐ чекаат понестабилни и понесигурни времиња.

 

DW.COM