Крај за популизмот | Свет | DW | 15.07.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Крај за популизмот

Откако еврозоната се согласи на нов пакет помош за Грција, Алексис Ципрас мора да покаже дека е способен. Реформите мора брзо да се имплементираат, а тоа нема да биде лесно, смета Спирос Москову

Левичарскиот популист Алексис Ципрас на Грците им вети враќање на дигнитетот и демократијата, и со тоа ја обезбеди победата на изборите кои се одржаа во јануари годинава. Грчкиот премиер се обиде да ги импресионира меѓународните кредитори со силното „не“ на референдумот минатиот месец- но попусто. На крајот, Грција имаше премногу противници, а визијата на Ципрас се претвори во национална катастрофа. Последниот самит на еврозоната траеше драматични 17 часа, а Ципрас се обидуваше да спаси што може: грчкиот останок во еврозоната- но под многу тешки услови.

Не е лесно да се владее

Од понеделникот, грчкиот премиер е принуден да го прави она за што политичарите се гласаат на избори: да владее! Со оглед на затворените банки веќе не е доволно да се повикува на достоинството на луѓето, а со оглед на банкротираната економија веќе не е можно ниту во странство да се држат проповеди.
Тоа покажува дека владеењето е тешка работа! Најмалку двајца министри од кабинетот на Ципрас категорично го отфрлаат договорот со ЕУ партнерите, а најмалку 40 пратеници на Сириза се закануваат дека ќе гласаат против него. Ултра-десничарскиот партнер на Ципрас, министерот за одбрана Панос Каменос вети поддршка во парламентот, но го задржува правото да гласа против некои поединечни реформски мерки во иднина.

Moskovou Spiros Kommentarbild App

Спирос Москову

И како тоа да не беше доволно, економски неиздржливиот и пренатрупан јавен сектор најави генерален штрајк за в среда. Ципрас не го засади популистичкото семе во петте месеци како премиер, туку во изминатите пет години како опозициски лидер. Сега жнее бура.

Сѐ или ништо за Грција

Најдоцна минатиот викенд Ципрас веројатно сфати дека ја става на коцка иднината на Грција! Сега ќе се обидува да го задуши револтот во сопствената влада. Радикалните министри мора да си одат, па може да се очекува мала реконструкција. Денеска парламентот ќе го одобри договорот со меѓународните кредитори. Ципрас може да биде сигурен во едно нешто: без разлика како ќе гласаат пратениците на Сириза, проевропската опозиција ќе ги поддржи неопходните мерки за штедење и реформи.
Грчкиот премиер се чини сѐ уште не разбира дека одобрувањето на мерките е само првиот чекор. Дури потоа, со имплементацијата за него започнува вистинската работа. За тоа од мала корист ќе му биде партијата поделена на „прагматичари“ и „идеолози“. Уште помалку заостанатата политичка филозофија на Сириза, која во државата гледа замена за недоволната социјална заштита, ги демонизира но и штити богатите, а во истовреме ја прогласува паразитската администрација за успех. Овие нешта немаат ништо заедничко со една модерна, конкурентна Грција како членка на еврозоната. Заклучок: и по денешното гласање во парламентот Грција ќе остане политички нестабилна. Тоа е и повеќе од лош знак за еден нов почеток.

Реклама