Крајот на етно-командантите и крахот на граѓанските комесари | Информации и анализи за Балкан | DW | 23.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Крајот на етно-командантите и крахот на граѓанските комесари

Наместо реформи, новите идеолошки комесари на граѓанското етаблираа банална политичка мимикрија во која етно-командантите се закитија со „граѓански” рува, без да ја сменат природата. Пишува Арсим Зеколи.

За почеток, мал куриозитет. Првенците на автократијата во регионот, а тоа се Орбан, Вучиќ, Абазовиќ, Рама и Заев, биле или се блиски до фондацијата Сорос. Детал кој треба да го имате предвид при читањето на последниот пасус во колумната.

На почетокот на септeмври, во малото австрискo гратче Нојштад ан дер Ајш се одржа семинар на тема „Евро-атлантските перспективи на Босна и Херцеговина” во организација на Германскиот Атлантски Совет. На настанот учествуваа видни политички ликови, како Волфганг Шојбле, Претседател на германскиот Бундестаг и Кристијан Шмит, Директор на Советот и новоименуван меѓународен висок претстaвник за БиХ. Среде многуте интересни осврти, по значење отскокнуваа забелешките на г. Шмит дека „претставникот на Хрватите во БиХ е избран со гласови на Бошњаците, не на Хрватите. Вистинскиот претставник на Хрватите, Драган Човиќ изгуби од Жељко Комшиќ. Прашање е како да го организираме изборниот закон и спречиме земјата да се подели на три ентитети”.

Изјавата на Шмит предизвика бурни реакции во јавноста на БиХ, претежно бошњачката, ценејќи ја како удар врз граѓанскиот концепт на земјата. Што се однесува до реакциите на хрватските претставници, таа беше широкогорадо прифатена од Човиќ, претседател на Хрватската демократска заедница во БиХ. Но најинтересната констатација во серијалот предизвикан од изјавата на Шмит, дојде директно од Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ кој по обраќањето пред Генералното Собрание на ООН во Њујорк ќе изјави: „Јас сум Претседател на хрватските граѓани и на оние Хрвати кои живеат во БиХ”.

Високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит

Високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит

Друга колумна од авторот:Прашање до диплократијата: колку мртви за една оставка?

Излагањето на Шојбле беше уште поинтересно и невообичаено отворено. Поздравувајќи ја новата функција на Шмит, високиот претставник на Германија ќе укаже дека „тој ја презема должноста во вонредно опасен период карактеризиран од тенденции на отцепувања кои не се однесуваат само на БиХ, туку и на целиот Балкан, значи и на Европа”. Шојбле ќе укаже дека „размислувањата во етнички категории се повеќе доминираат кај Бошњаците, Србите и Хрватите во Босна, центрифугалните сили делуваат под влијание на соседните земји и се закануваат да ја растргнат нежната творба. Во тој случај, би преостанало муслиманскиот остров со значаен потенцијал за конфликти и извор на немири, дотолку повеќе што тука е и самодекларираната заштитничка Турција”. Сосема на крај, Шмит ќе изнесе уште поинтересна забелешка со пошироки геополитички конотации, со кои ќе се согласи и Шојбле. Според него, „ние (ЕУ) мораме да бидеме подобри чувари на Балканот”, додавајќи дека „на стабилноста сѐ повеќе влијае и Русија а присутна е и Турција. Нивното присуство не треба да неизбежно се оценува како проблем”.

Пред да се осврнеме кон наведените размислувања и ставови на германскиот двоец Шојбле-Шмит, упатно е да потсетиме дека средбата е организирана од изразено про-атлантистичка и про-НАТО организација. Како и дека при неговото стапнување на високата должност, самиот Шмит ќе изјави дека доаѓа со подршка од Ангела Меркел и  претседателот Бајден. Како што се потврди и од вчерашниот став на новиот емисар на САД за Балканот Габриел Ескобар кој по средбата со Шмит во име на Стејт департментот искажа „солидарност со Канцеларијата на високот претставник.”

Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)

Знамињата на земјите од Западен Балкан

Иако е можеби прерано за конечни заклучоци, размислувањата на меѓународните претставници и резолутниот став на хрватскиот претставник околу моралната тежина на претставништвото во БиХ укажува дека во тек се премислувања околу дилемата помеѓу етно-националниот и граѓанскиот, над-етнички концепт во регионот. Притоа, се подразбира дека меѓународната не е во фаза на пишманење околу отфрлањето на етно-националниот принцип, но е секако непријатно соочена со извртување до компромитација на граѓанскиот концепт, киднапиран од мнозинската етничка заедница и на сметка на помалите. Накусо, Бошњаците секако имаат корист од славењето на граѓанскиот концепт со кој обезбедуваат не-бошњачки гласови, но без намера за рамномерна компензација во спротивен правец, (не)намерно обесмислувајќи ја суштествената логика на граѓанскиот концепт, сведен на обична манипулација со националистички мотиви во заднината. 

 Друга колумна од авторот:Утрово, по трагедијата: Време за љубов и неверување

Искажаната прифатливост за влијание и присуство на Русија и Турција во разрешницата на босанскиот јазол е зачудувачки исчекор, досега незабележан на така високо ниво и во судир со претходно изнесуваните ставови. Дотолку повеќе што предупредувањата доаѓаат во контрадикција со замерките за „центрифугалните сили” и нивното влијание врз и околу БиХ. Поради тоа, легитимни се дилемите дали ЕУ и САД тивко и без врева се приклонуваат кон идејата за „патронажни содејства” во која соседните земји ќе ја воздигнат досегашната сфера на неслужбено влијание според крв и тло на повисоко нивно на политичко и административна доминација врз етнички блиските региони во соседството. Примамливоста на хрватските ЕУ пасоши за босанските Хрвати (и Бошњаците) дополнително се засили со одлуката на САД за симнување на визите за носителите на  „путовниците”. Забележителна беше отсутноста на САД и ЕУ од отвореното и насилно преземање на Црна Гора од страна на Србија со посредство на Српската православна црква. Да потсетиме и на обидите на Албанија да проектот Отворен Балкан го користи како инструмент во обидите за придобивање на Косово да се приклучи кон трипартитната авантура и со речиси опсесивно настојување на Тирана вперенао кон Приштина, но не и кон Подгорица и Сараево. На крај, вреди да се запрашаме дали и тековниот македонско-бугарски спор е дел од таквата, „спонтана” операција на тивко реорганизирање на регионот, без нарушување на базичните хелсиншки постулати. 

Иницијативата „Отворен Балкан“ беше претставена на Економскиот форум за регионална соработка во Скопје

Иницијативата „Отворен Балкан“ беше претставена на Економскиот форум за регионална соработка во Скопје

Помирливите тонови за инклузивноста на Русија и Турција во босанско-балканските чворови може да се разбере како дел од споделената (кусогледа) желба за де-американизација на регионот. Евидентно е дека САД се упорни во замислата да ЕУ ја искористат како чергиче под кое ќе ги уфрлат компромитираните стабилократии во регионот. Но, во крајна основа, и ЕУ и САД треба да се сосема свесни дека „парцијалната инклузивност” на Русија и Турција на крај ќе доведе до целосно губење (или отфрлање) на регионот според прагмата „мако моја, помини на друг”.

Друга колумна од авторот: Отворен Балкан како трета историска (не)среќа за регионот

Примерот со односот кон прашањето на етничкото версус граѓанското претставништво во Босна потврдува дека нарацијата за „граѓанска надетничност” е ставено под знак прашање како унитаристички универзален лек за поделбите во општествата. Елиминацијата на етно-командантските политики не доведе до очекуваните промени во политичкото претставништво засновано врз професионални и морални квалитети. Наместо реформи, новите идеолошки комесари на граѓанското етаблираа банална политичка мимикрија во која етно-командантите се закитија со „граѓански” рува, без да ја сменат природата. Мнозинските заедници кои ја имаат прифатено граѓанската нарација во име на „единство без оглед на вера и нација” на крај ја компромитираа истата преку фасадно имитирање на идеологии или фаворизирање на токенистички етно-сурогатни ликови со изразена непопуларност во сопствените средини, но послушнички славени од доминантната заедница. Затоа, приказната за „меѓуетнички коалиции” во нашите изборни карневали е ништо повеќе од партиско и клановско пресипување од шупливо во празно и без никаков ефект врз општеството. Сумирано, сеуште сме во состојбата која ја дефинирав уште во 2012 година: заздравувањето на интра-етничкиот монолог е предуслов за успешен меѓу-етнички диалог и стабилно општество. Десет години подоцна, монологот е уште похистеричен, диалогот кататоничен.