1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

„Краткорочно предупредување од земјотрес не е можно“

Ина Вербица
26 ноември 2019

Италија и Јужна Европа се сеизмички најзагрозените региони во Европа, а тука спаѓа и Албанија, истакнува професор Фредерик Тилман од Геоистражувачкиот центар во Потсдам во интервју за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/3Q5b2
Albanien Erdbeben
Фотографија: AFP/G. Shkullaku

ДВ: Серија земјотреси од кои најсилниот со магнитуда од 5,6 викендов ја погодија Албанија во близна на Драч и Тирана. Тоа е најсилниот земјотрес со децении. Во јуни во Корча имаше земјотрес со силина од 5,2. Дали Албанија е сеизмички загрозен регион? Што може да е причината за честата појава на земјотреси во регионот?
Тилман: Крајбрежјето на Албанија отсекогаш било регион во Европа кој има силни сеизмички движења. Земјотресите во регионот се поврзани со придвижувањето на Африка кон север, односно африканската континентална плоча секоја година за неколку милиметри се движи кон Европа. Таквите континентални колизии прават тензии, особено што делови од јадранската микроплоча навлегуваат под Балканот. Земјотресот во Тирана е поврзан со таквата појава.
ДВ: Кога ќе ја погледнете картата со регистрираните земјотреси во последните 14 дена во Европа, се констатира дека земјотреси има насекаде, во Италија и Јужна Европа. Не се споредливи со силината на земјотресот во Албанија, но има многу потреси. Какви геолошки феномени се одговорни за тоа? Какви се воопшто геолошките причини за да има потреси и поместувања на плочите?
Тилман: Италија и Јужна Европа се сеизмички најзагрозените региони во Европа и затоа покажуваат и голема активност на помали и помалку опасни земјотреси. Земјотреси има насекаде каде што има тензии во земјата, во повеќето случаи во земјината кора и каде што температурите се доволно ниски за таквите тензии да се празнат преку земјотреси. Таму каде што има повисоки температури, земјата континуирано се изобличува и не доаѓа до нагло ослободување на енергија.
ДВ: Често се нагласува дека климатските промени поттикнуваат природни катастрофи. Колку климатските промени имаат влијание врз земјотресите?
Тилман: Поголемиот дел од сеизмичката енергија на земјата се ослободува со тектонски земјотреси, односно тензиите кои настануваат од долгорочното поместување на континентите и се потпомогнати од интерни процеси на планетата. Климатските промени практично немаат влијание на таквите интерни процеси. Но, знаеме дека во врска со вертикалните движења, големото топење на глечерите на крајот на леденото доба предизвикувало големи земјотреси со магнитуди над 7 степени, на пример во Скандинавија. Тоа е многу бавен процес и на светско ниво земјотресите и натаму ќе бидат предизвикани од тектонски поместувања како сега во Албанија.

Frederik Tilmann Deutsches GeoForschungsZentrum GFZ
Проф.Фредерик Тилман од Геоистражувачки центар во ПотсдамФотографија: GFZ

ДВ: Вашиот Геоистражувачки центар сеизмичките мерења ги спроведува низ цел свет преку системот за надгледување на земјотреси. Колку може со такви мерења да се направи проценка на опасноста од земјотрес или пак да се предвиди?
Тилман: Краткорочно предупредување од земјотрес не е можно. Со континуирано набљудување на активностите може долгорочно да се определи загрозеноста на одредени региони. Освен тоа со брзото одредување на параметрите на земјотресот може поефективно да се преземат мерки за помош, во некои случаи има и предупредување од неколку секунди пред потресот. Такви системи има само на неколку места, на пример во Мексико Сити и во Јапонија.

ДВ: Што може да и` се советува на Албанија како превентивна мерка? Изгледа дека не се сите објекти во земјата безбедни од земјотреси. Сигурно има многу нешта кои може да се подобрат. По кои критериуми треба да се гради во погодените региони за да бидат добро опремени за земјотреси?
Тилман: Не ми се познати детали од студијата во Албанија, односно какви се градежните норми и колку се почитуваат во пракса, па затоа може да дадам само општ одговор. Мора човек прво со радост да констатира дека според медиумите овој сеуште умерен потрес не предизвика човечки жртви или потешки повреди. Генерално не е можно да се избегнат комплетно штети од земјотресот, па приоритет е да се спречи целосен колапс на објектите и да се заштитат луѓето кои престојуваат во нив. Одредени начини на градба се посебно загрозени од уривање и во такви региони треба да се избегнуваат. Можно е и историски објекти да се направат поотпорни спрема земјотреси, на пример со дополнително зацврстување. Секако дека дополнителното опремување е поскапо отколку од почеток да се гради како што треба за заштита од земјотрес. За ефикасно да се користат расположливите средства, секако е клучно да има точна проценка на степенот на загрозеност во точни просторни рамки. За тоа е потребно да се реконструира земјотресот и да се комбинираат многуте расположливи податоци. Највисок приоритет има размената на податоци меѓу европските партнери. Многу сеизмолошки податоци прибирани во Европа се јавно достапни или се разменуваат со билатерални договори.