Кралицата Елизабета стана монарх со најдолг стаж | Панорама | DW | 09.09.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Кралицата Елизабета стана монарх со најдолг стаж

Додека британските конзервативци и левичари се расправаат дали монархијата е воопшто потребна, кралицата Елизабета денеска го слави најдолгиот стаж во историјата на кралството.

Кралицата Елизабета воопшто и не требаше да стане монарх. Го презеде тронот во 1952 година, бидејќи нејзиниот чичко Едвард Осми абдицираше со цел да се ожени со разведената Волис Симпсон. Денес 89-годишна, таа е најстариот жив монарх во светот. Денеска (9 септември) таа стана и монархот со најдолг стаж во британското кралство, уривајќи го на тој начин рекордот на нејзината прабаба, Кралицата Викторија, која владееше 63 години и 216 дена.

Во изминатите 63 години додека Елизабета е на престолот, Британија се промени. Кога таа седна на престолот, империјата веќе се распаѓаше. Меѓународниот статус на Британија денес е многу опаднат, додека на внатрешен план општеството стана далеку порамноправно и помалку класно раслоено.

Сепак, трагите од британскиот класен систем можат да се забележат и денес во континуираната фасцинираност со монархијата, особено последниве години кога кралската свадба и двете новородени бебиња обезбедија широк медиумски третман. Една анкета од минатата недела покажува дека Елизабета II е најпопуларниот британски монарх во историјата според 27 проценти од испитаниците, додека на второ место со 12 проценти е Кралицата Викторија.

Nordirland Belfast Queen Elizabeth Selfie

Селфи со кралицата!

„Без разлика што мислат луѓето за самата институција, големото мнозинство има голем респект кон кралицата“, вели Џо Литл, одговорен уредник на магазинот „Маџести“. „За многумина од нас таа е единствениот монарх кој го знаеме“.

Владеење без власт

Обединетото кралство денес е парламентарна монархија во која кралицата има претежно церемонијални надлежности. Сепак, привилегиите остануваат. Кралските привилегии му овозможуваат на монархот да ја употребува својата моќ во некои лимитирани околности, а притоа ужива и целосен имунитет од кривичен прогон. Круната исто така не подлежи ниту на законите за имот и данок, како другите граѓани.

Со векови, дел од граѓаните бараат Британија да стане република. Тие аргументи се слушаат и денес. „Постојат принципиелни аргументи за аболиција- едноставно ние сме демократско општество и во нашиот Устав не треба да има место за таква недемократска институција“, вели Греам Свифт, раководител на „Република“, антимонархистичка група.

Großbritannien Jeremy Corbyn Politiker

Џереми Корбин

Џереми Корбин, фаворитот за нов лидер на Лабуристичката партија, исто така ја поддржуваше аболицијата на монархијата. Но, откако стана јасно дека најверојатно ќе биде избран за партиски лидер, тој ја омекна позицијата, објаснувајќи дека иако сака Британија да биде република, сепак „неговиот приоритет е социјалната правда“. Во меѓувреме, тој заговара намалување на кралските овластувања и бара парламентарно вето за привилегиите на монархот.

Мали шанси за укинување на монархијата

Аналитичарите се согласни дека Корбин би можел да наметне интересна дебата за иднината на монархијата, но актуелниот политички момент укажува дека е мала шансата за нејзино укинување.

„Добар дел од британските граѓани го поддржуваат системот на уставна монархија, а кралицата и натаму е почитувана и популарна“, вели Гордон Рајнер, уредник во весникот „Дејли телеграф“.

60jähriges Thronjubiläum Elizabeth II Krönung von Königin Elizabeth II. von Großbritannien

Церемонијата на крунисувањето на Елизабета на 2 јуни 1953 година

„Постои едно гласно малцинство кое би сакало да се укине монархијата, но Британците се доста конзервативни и резервирани, а актуелниот систем добро функционира веќе подолго време, па зошто да се менува? Кралското семејство ги претставува континуитетот и традицијата, кои се слават овде“, вели Рајнер.

Анкета од 2013 година откри дека само 9 проценти од Британците очекуваат дека државата ќе стане република во блиска иднина, иако на прашањето дали монархијата вреди да се одржува, 40 проценти одговориле со 'не'. Кралското семејство ги чини британските даночни обврзници околу 410 милиони евра годишно.

Реклама