Кој ја кочи правдата? | Северна Македонија | DW | 25.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кој ја кочи правдата?

Меѓу наративите на двата политички опоненти, реалноста е следна: застаруваат судски предмети, судски процеси се враќаат на почеток и постојано се одложуваат рочишта.

СДСМ пред една недела маршираше за правда, вечерва ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира против неправдата. Повод е аудио-снимката што ја објави Антонијо Милошоски, која според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, „покажува дека Заев е виновен за неправдата".

„Кога правда нема, нема ред, нема закон, и има криминал (...) Слушнавме како Заев од позицијата премиер диктирал одлуки на Врховниот суд и како Катица Јанева како тогашен прв човек на СЈО работи во координација и по наредба на Заев. И заспаното обвинителство за сето ова молчи“, обвини Мицкоски.

Обвинителството по допрен глас вчера го повика Милошоски да ја достави снимката, која според опозицијата, покажала дека „ Заев и` пукал во чело на правдата“. Опозицискиот протест ќе започне во 18 часот пред зградата на Обвинителството, а ќе заврши пред Врховниот суд.

„Ова е протест на кој ќе порачаме дека одговорност мора да има за неправдите и дека Заев е виновен! Но и порака за чуварите на неправдите на Заев - обвинителството и судството“, порача Мицкоски, и повика на протестот „да се приклучат граѓани од сите националности и убедувања, кои знаат дека главната кочница е Заев".

За една година ниту едно рочиште 

Од СДСМ одговорија дека ВМРО- ДПМНЕ нема право да зборува за правосудниот систем, затоа што 11 години го контролирал.
„Оваа снимка не ја компромитира ниту партијата, ниту претседателот Заев. Без разлика дали е правена корекција на снимката, со ниту еден збор не е нарушено ништо. Се работи за продолжување на предметите на СЈО, а Вангеловски знаете дека со години чувал предмети во фиока“, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Социјалдемократите оценуваат дека ништо не е променето во матрицата на ВМРО- ДПМНЕ, и дека протестот против неправда, е очаен обид нејзини претставници да се спасат од обвиненијата за криминал.
„Имавме 26.000 прислушувани граѓани и имавме можност да слушнеме се` заправосудството во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Таму слушавме како се нарачуваат процеси, лустрации, притвори и пресуди. Тоа се сериозни повреди на човековите права, тоа се сериозни сомнежи за криминал, од кои ВМРО-ДПМНЕ се уште се обидува да избега, но правда ќе има и секој што погрешил ќе одговора“, рече Костадинов.

Меѓу наративите на двата политички опоненти, реалноста е следна: застаруваат судски предмети, судски процеси се враќаат на почеток и  постојано се одложуваат рочишта, што ја убива надежта на граѓаните дека еднаш ќе профункционира принципот на казнивост, особено за случаите од висок политички профил, какви што покрена СЈО.

Еден од примерите кои ја илустрира ваквата состојба, е токму судскиот процес за „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а во кој се обвинети Никола Груевски, и други партиски функционери за „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и „перење пари“. Од Коалицијата „Сите за правично судење", невладина организација која го мониторира судскиот процес, минатата недела посочија дека од 18-ти февруари 2019 година до февруари 2020 година, не се одржало ниту едно рочиште за предметот „Талир" иако биле закажани 16 рочишта.

Анализа на состојбите

Оваа, и уште шест граѓански организации кои се дел од Блупринт групата за реформи во правосудството, направиле анализа со која била опфатена динамиката на водење на предметите на СЈО пред Основниот кривичен суд Скопје. Во анализата дале и осврт на капацитетите на судот и на Јавното обвинителство, а ги анализирале и законските измени во Кривичниот законик кои имаат потенцијален ефект врз дел од предметите кои беа поведени од СЈО.

„Примарната истражувачка цел беше поставена во насока на анализирање на начинот на водење на постапките иницирани од СЈО, со цел да се добие што  појасен преглед на начинот на водење на овие постапки пред Основниот кривичен суд, идентификувајќи ги недостатоците при постапувањето на судот и Јавното обвинителство, и опасностите за повреда на принципот на владеење на правото, со вкоренување на концептот на неказнивост на висока корупција", вели Натали Петровска, извршна директорка на Коалицијата „Сите за правично судење" .  

Според неа, клучните подрачја во кои е нотирано дека е неопходно да се изврши интервенција - е кадровска екипираност во судовите согласно со  предвидената систематизација, како и унапредување на материјалните услови и зголемување на буџетот на специјализираните одделенија во судот и јавното обвинителство за гонење на висока корупција.

„На предизвикот во менаџирањето на постапките се надоврзуваат и фактори кои се во целосна надлежност на судот, како што се, на пример, непотполниот судечки совет, или отсуство на судија-поединец, промена на членови на судечкиот совет, немањето технички или просторни услови за работа, насрочување на рочишта пред да биде изготвено вештачењето кое треба да се изведе на самото рочиште итн. Меѓутоа, не изостануваат и причини кои можат да се препишат на одбраната, а кои се однесуваат на суптилни ‘избегнувања' на присуство на расправите, проследени со разно-разни оправдувања за истите, кои во голема мера се прифаќани од судот“, објаснува Петровска, потенцирајќи дека резултатите од анализата ќе бидат достапни за јавноста во претстојниот период.

 

Реклама