Кој црта нови граници во Македонија | Северна Македонија | DW | 20.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кој црта нови граници во Македонија

Додека не изградиме стабилна држава со цврст меѓупартиски и општоприфатен консензус за стратегиските интерeси ќе ни цртаат нови граници со наша штедра поддршка. Пишува Ерол Ризаов

Има една тешко објаснива народна поговорка: „секое зло за арно“!? Оваа искуствена народна мудрост станува јасна откако ќе се случи несреќата. Едно парче хартија разбрана и дочекана како катил ферман силно ги вознемири и исплаши не само  граѓаните на таканaречениот Западен Балкан, туку и повеќе државници, политичари, јавни личности, разузнавачки служби и медиуми во Европа и кај големите велесили.

Некој, не му е ни прв, ни последен пат, цртал нови граници на големи држави, одземајќи територија од малите. Така ја насликал со зборови и карти по милионити пат голема Албанија, голема Србија, голема Хрватска нудејќи решение како крваво  довршување на распадот на Југославија. Ако овој повик за монструозно зло е проба да се видат реакциите, тогаш ќе биде за арно.

Одговорот е жесток, а првата закана со балканската „атомска бомба“ е навидум неуспешна. Сите на глас викаат дека се против и не одобруваат такво нешто. И Америка и ЕУ, а најмногу тие кон кои е вперен прстот и се разбира засегнатите страни, тврдат дека иднината на Западен Балкан ја гледаат во интеграцијата со Европа. Никој не признава дека такво нешто напишал, ниту пак дека воопшто по официјална пошта стасал таен документ, наречен нон пејпер, до Брисел, административната престолнина на Европа.

Јанша му даде нова бомба на Мицкоски

И „набедениот“ автор на чудовишниот нон пејпер, премиерот на Словенија Јанез Јанша експресно го негира своето учество и авторство во пишување на ваков катастрофичен предлог.

Напротив, премиерот Јанша вели дека Словенија и тој лично силно се залагаат за евроатланските интеграции на сите земји од Западен Балкан што беше апсолутно точно според сите досегашни постапки на словенечките политичари и на словенечката јавност со постојана сестрана поддршка на Македонија додека Јанша на својот пријател од братската партија Христијан Мицкоски од прва рака не му кажал, според јавното сведоштво на Мицкоски, дека такво нешто и уште поопасно замесиле, не тој, туку големите докажани пријатели на Македонија социјалистите и опасни левичари Тонино Пицула европратеник од Хрватска и неговиот политички противник европратеничката Тања Фајон од Словенија.

-претходни колумни од авторот: Кој кого ќе апси пред да одлучи судот

И за да биде се на свое место како што треба во вакви ситуации,  се разбира, кој друг ако не, според Мицкоски, е вмешан и премиерот Зоран Заев во кроењето на нови граници.

Ете тоа е најавената нова бомба на Јанша, што  му ја дал во рацете на  Мицкоски со запален фитил, која тој мора многу брзо да ја фрли оти може да му експлодира во рацете.

Чекајќи го вториот уште посилен удар што го најави Мицкоски, засега испадна работата никој такво нешто не напишал, ама ете по некој  сепак ја слушнал и ја прочитал, а има и такви кои ги виделе географските мапи како премиерот на Албанија Еди Рама со нови граници на раздорот, ама немал коментар за тоа. Ги видел и Милорад Додик како најдобро решение за  Босна и Херцеговина да се формираат три независни држави од кои две би се приклучиле кон матичните Србија и Хрватска. Вообичаена е таа тактика со првите пробни опити од лабораториите кои експериментираат со издржливоста на трусните подрачја. Ако се јават погодни услови и нови откритија ќе уследат и новите удари.

И во Македонија како и во целиот трусен регион има  влијателни јавни личности, политичари и медиуми кои произведуваат таква клима и учествуваат свесно или несвесно  во цртање нови граници и создавање на критична маса за остварување на туѓи планови. Креаторите на големи држави на зелена маса одамна гледаат такви можности и во Македонија.

Добро се познати нашите најслаби алки кои при една наметната  дестабилизација лесно можат да доведат до  делби и нови географски карти на кои ќе не нема.

Жарта тлее и кога е покриена со пепел

Три постојано жешки конфликтни состојби кај нас се меѓуетничките односи, кои  се одржуваат и кога жарта е покриена со пепел. Се работи за односите меѓу Македонците и Албанците кои се карактеристични со постојано одржување на високи тензии и кога во регионот на западен Балкан единствено Македонија има постигнато најголем напредок во меѓуетничките односи со највисок степен на колективни права.

-претходни колумни од авторот: Шовинистичка хистерија

Втората опасност, не помала, се односите меѓу Македонците со Македонците со  перманентно производство на омраза и откривање  непријатели и предавници. Третата опасност се односите со нашите проблематични соседи оптоварени со дебели историски наслаги. Особено тие стануваат загрижувачки кога се на повидок решенија кои ја обезбедуваат европската иднина на Македонија.

Се уште кај нас не превладува сознанието дека не можеме да ги бираме комшиите, туку мораме да изградиме пријателски односи со меѓусебна доверба и почит кои не се можни без взаемно прифатливи компромиси. Зборот компромис во Македонија, како и на целиот западен Балкан, се доживува како потпишување капитулација и предавство на националните интереси.

Ако на сето ова се додаде примитивизмот, провинционализмот, лажниот патриотизам, партиските фабрики за производство на енормно големи количества историја по глава на жител, незнаењето и неспособноста, криминалот и корупцијата, не ни требаат туѓи карти за нови граници и нон пејпери. Ние си имаме доволно и премногу наши домашни  автентични цртачи на граници кои се одлична база и непресушен извор за идеите од кои деновиве чувствуваме голема загриженост и сами ја вовлекуваме својата држава во нечии проекти кои треба да докажат дека не се одржливи мултиетнички и мултикултурни општества и дека поделбата е гаранција за стабилност на регионот.

За жал, ние ги решаваме проблемите во меѓуетничките односи со негирање на веќе постигнатите успеси кои се трн во окото кај многу земји во регионот  кои драстично  ги ограничуваат правата  на малцинствата далеку под европските и универзалните цивилизациски стандарди. Еден поголем дел од албанската политичка и интелектуална елита достигнувањата во освојување на правата ги сведува како своја „воена“ заслуга од „победите“ над непријателот.

Целата политичка доктрина на албанските политички партии и лидери во најголем дел  се сведува на одбрана на  загрозените права исклучиво на Албанците, без притоа да се демонстрира и  најмала грижа за другите етнички заедници кои се, исто така конститутивни и со НОБ и со АСНОМ 1941 - 1944 и со прогласување на независноста и самостојноста на Македонија 1991 година. Целата борба на албанските политички партии за поголеми права се сведува на бинационална држава проследена со ултиматуми и уцени при избор на секоја влада и поделба на власта што  во суштина е спротивна на државните  стратегиски интереси  и на евроатланските интеграции бидејќи е спротивна на определбите за мултиетничко и мултикултурно општество.  

„Довидување до следната војна“

Од  друга страна македонските патриотски и револуционерни партии со наметнување на агресивна еднонационална супериорност карактеристична на шовинизмот и на глупав национализам проследена со катаклизмички проценки дека се доведува во прашање опстанокот на државата и на македонската нација со давањето на поголеми права и слободи на другите што директно оди во прилог на идеите за самоопределување, читај на формирање големи држави и поставување на нови граници.

-претходни колумни од авторот: Го ослободија ли насуканиот брод Мицкоски и Заев

Размената на територии и на луѓе од поодамна излезе пред шокираната јавност од поединечни членови на  МАНУ во спрега со тогашниот претседател на ВМРО ДПМНЕ. И сега од истата алеја на бесмртните,  академици и научници ја застрашуваат јавноста со јавни настапи за загроза на националниот идентитет на македонскиот јазик, на опстанокот на државата од преголеми права на различните од себе.  Оспорувањето на Охридскиот договор е се уште актуелно прашање иако е преточен во Уставот. Единствен договор потпишан од сите релевантни политички лидери за гаранција на територијалниот интегритет и неделивоста на државата се уште од големите патриоти се прикажува како капитулација на Македонија. Извонреден и добредојден популистички  материјал за креаторите на големи држави и нови граници.

Односите со соседите е посебна приказна која, исто така, е одлична платформа за раздор и делби. Повиците за преиспитување и поништување  на потпишаните и ратификувани договори со Грција и со Бугарија  стануваат аргументи за прекројување на границите. Притоа треба да се прави разлика од Договорот со Бугарија за добрососедство и наметнатата бугарска рамка за отпочнување на преговорите со ЕУ каде дополнително  се вметнати билатерални прашања и историското минато кои не можат да бидат услов за преговори. 

За Македонија нема поголема опасност од тоа да заврши поддршката од Америка и од најголем број членки на ЕУ, да кренат раце од нас  и да не препуштат сами на себе да ги решаваме овие прашања. Во таков случај можеме многу брзо да ги вратиме и уставното име и да поништиме се што е компромисно решение со соседите, но и да ја изгубиме државата, да останеме само поранешна Република Македонија како што остана само во сеќавањата поранешна Југославија.  Додека не изградиме стабилна држава со цврст меѓупартиски и општоприфатен  консензус за стратегиските интереси ќе ни цртаат нови граници со наша штедра поддршка. Или тоа ќе го правиме решително имајќи го предвид факторот време кој станува најзначаен во вакви сложени историски ситуации, или „довидување до следната војна“.