Кој новинар ја фати крагната годинава? | Северна Македонија | DW | 21.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кој новинар ја фати крагната годинава?

Она што се случи на Водици, е круна на несанкционираната практика на физички и вербални атаци врз претставниците на македонската медиумската заедница.

Кој ја фати крагната годинава? Ова би било логично прашање за идна медиумска манифестација, која ќе ги одбележува сите физички и вербални атаци врз нејзините претставници. Особено, што досега е собран прилично богат материјал за квалитетна прослава на сите мускулни вежби извршени врз новинарите во изминатите години. Она што се случи на Водици, може да се смета за круна на таквата несанкционирана практика.  

Кога би виделе новинар со крагна за имобилизација на вратот, првата помисла сигурно би ви била дека се враќа од реализација на некоја екстремно тешка и опасна новинарска задача, најверојатно од опасно воено жариште. Или во некоја „побенигна“ варијанта - од место кое го зафатила тешка природна катастрофа. Но, секојдневието на македонските новинари покажа дека тие воопшто не мора да се затекнат на такви места за да бидат овенчани со ортопедски помагала, завои и модринки. Доволно е со микрофонот или фотоапаратот во рака да се обидат најрутински да известуваат од одбележувањето на еден верски празник, каде се проповеда за љубов, мир, разбирање, и -  да завршат во болница!  

Разбирливо е дека секоја масовна манифестација подразбира нужни мерки на обезбедување, но и очекувања дека тие мерки имаат елементарни стандарди и чувство за мера во одредувањето на постапките за евентуално дејствување - во какви ситуации и кон кого.

Каков апсурд! Еден новинар или фоторепортер денес може непречено на улица да запре премиер и да му побара изјава или да го фотографира, во околности кога е придружуван со целото обезбедување зад него, но, замислете - не би смеел ни да се доближи до момчето што го фатило крстот на Водици? Каква е таа „безбедносна“ проценка на лица од приватна Агенција за обезбедување, кои оцениле дека треба да ги впрегнат сите мускули и најгрубо да истуркаат новинарка и фоторепортери, само за да ги спречат да известуваат од верска манифестација? И не се во прашање само лицата кои го сториле таквиот чин. Каде е одговорноста на другите присутни, претпоставувам од организацијата, кои мора немо да го проследиле целиот тој срамен атак, штом целиот случај заврши со санирање на повреди во болница.

Во што е проблемот? Во тоа што биле „опасно“ вооружени со микрофон, фотоапарати и со работна задача да известуваат? Што ќе се случеше ако не се случеше овој срам? Новинарите ќе земеа изјава од момчето кое ја имало среќата да го фати крстот, ќе ја пренесеа неговата порака, ќе го фотографираа, ќе ја информираа јавноста  - и толку.

Крагната за имобилизација на вратот го стави во сенка крстот, но ги извади на виделина сите нус-продукти од општество со години тренирано да го покажува својот „краток фитил“, па дури и во интерес на некаква „безбедност“. И не е случајно што при вакви изместени стандарди тешко ни оди со разбирањето. Не е случајно што стана правило во секоја ситуација да бидат виновни и на мета тие што јавуваат за „пожарот“ (новинарите), а не тие што го предизвикале. Очигледно тој манир толку длабоко се вкоренил, што дури и во вакви „богоугодни“ ситуации проработува некој искривиколчен механизам на разни „обезбедувачи“ кои дискрециски решаваат да ги дисциплинираат претставниците на медиумската заедница.

Многу води ќе треба да протечат низ Македонија, не само за Водици, за да се врати „светоста“, не само празнично во Вардар и сите други води, туку во, и кон професионализмот во сите сфери. Осудите од новинарските и други професионални здруженија и организации одамна не се доволни, бидејќи ретко се проследени со епилог од надлежните институции. Сега од надлежните се очекува што побрзо да го фатат овој „крст“ и еднаш да почнат да раскрстуваат со вакви и слични скандалозни и неприфатливи постапки.  

 

Реклама