Кој и зошто го уништи ски-центарот Кожуф? | Северна Македонија | DW | 10.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кој и зошто го уништи ски-центарот Кожуф?

Ски центарот во стечај се враќа на сцената. Раководството ќе бара кривична одговорност за функционери од претходната власт за свесно уништување на проектот.

„Станавме трн во око заради бизнисот со рудниците. Требаше да не нема, но за среќа издржавме и се спасивме“. Првиот човек на Ски центарот Кожуф Ангел Наков за Дојче веле ја открива шемата со која структури од претходната власт сакале да го спроведат сценариото за уништување на милионскиот проект. Шеста година откако тој и неговите партнери инвестирале 20 милиони евра во овој мега проект, ски центарот е оставен на немилост. Без функционален пристап, без услови за работа, без функција на сѐ она што во старт требаше да значи најголем ски центар во Југоисточна Европа. Како се случи мега милионскиот проект не само да запре, туку и да падне во стечај? 

„Се` почна во 2012 кога некој во државата реши да додели концесии за рудници на оваа планина. Некој да прави ископи и да бара злато и да ја уништи природата, а од Македонија да направи рударско село. Измислија приказна за патот кој токму Владата го изгради во 2009 година дека е нефункционален. Целосно го запоставија и дозволија да се уништи со што практично и ние немавме услови да работиме. А вистината беше дека тој пат и самиот ски центар беа во срцето на она што требаше да се прекопува. Станавме трн во око и требаше да не нема“, раскажува Наков.

Grenzgebirge Mazedonien Griechenland (picture-alliance/ dpa)

Милионски загуби

Проблематичниот пат кој го финансирала државата поминува точно низ делот каде еден од рудниците Коњско доби концесија за експлоатација. Изградбата на проектот чинела околу 9 милиони евра. Но откако е изграден, за него никој од надлежните не се грижел, тврди Наков:

„Патот е оставен без никакво одржување, затворен за сообраќај и стана нефункционален бидејќи бил небезбеден. Потоа се потрудија да пуштат приказна дека не бил добро проектиран, дека имало клизишта и одрони. Точно е дека нив ги има, но токму затоа тој треба и да се одржува. Сите пропустни шахти за водите се комплетно затнати, патот стана река и на многу места е поткопан. Поднесовме дури 60 дописи до Македонија пат и тогашната Агенција за патишта кои само ветуваа, а не правеа ништо. Поднесовме и кривична пријава за несовесно работење и злоупотреба на должност до јавното обвинителство во 2015 која судот во Велес ја отфрли. Ова е единствен случај во светот, нов пат да се дозволи да се уништи, криминал пар екселанс“, вели Наков. 

Повеќе:

-Македонските скијачки центри оставени на немилост

Зошто македонските скијачки центри ја загубија атрактивноста?

Нефункционалноста на патот директно се одразило и врз работењето на ски центарот. Загубите во последните пет години само по основ на адекватност на капиталот изнесуваат најмалку 6 милиони евра. По останатите оперативни основи, инвестиции, изгубена добивка, оваа сума е неколкукратно повисока. Финансиска отштета нема да бараат, но лична одговорност вели мора да има. Таа ја лоцира во тогашните раководства на Македонија пат, Агенцијата за патишта и министерството за транспорт и врски како извршители Но клучно е вели да се откријат и наредбодавачите:

„Кои се наредбодавачите тоа не можам јавно да го кажам. Но од она што го слушавме и гледавме можеме само да се сомневаме. Не ми е страв да кажувам имиња но судот ќе мора да открие кој ги издавал наредбите. Во Македонија мора еднаш засекогаш да прекине политичкиот тероризам врз економијата. Крајно време е да завршат шемите од типот ако си со нас имаш ова, ако не имаш инспекции и кривични пријави. Ова е терор, не само со Кожуф, има икс примери кои што не се спремни да зборуваат од страв. Ние одлучивме дека не се плашиме и ќе одиме до крај оваа работа да ја расчистиме заради интересот на бизнисот и претприемачите“, реагира Наков.

Комплексен проблем

Дел од шемата за разнебитување бил и стечајот, односно планот за ликвидација кој не поминал бидејќи доверителите се изјасниле против. Тие сега биле подготвени за продолжување на инвестицијата, која сепак зависи од судбината на патот. За ова веќе и разговарале со владини претставници. Во Јавното претпријатие за државни патишта знаат за проблемот но засега немаат добиено конкретна насока, ниту пак одвоен буџет за овој проект:  

„Проблемот е комплексен и нема да се надмине само со чистење на патот што е обврска на Македонија пат. Да, треба да се направи, но грешката е направена уште во самиот почеток.  Лично сметам дека до ски центарот Кожуф требаше да се оди од кај Кавадарци, од кај Конопиште имате стар пат и тој е на јужна страна каде нема ниту снег ниту ништо. Е сега зошто се одело од оваа страна и зошто се направени пропусти во проектот кој патем е на инвеститорот тоа не знам. Затоа велам, решавањето на проблемот не е толку едноставен, не е до добра волја. И овде е како и се` друго што затекнавме. Се` се правело на ура, на ѓутуре, без да се седне со стручни лица, исто како автопатот Кичево Охрид и многу други примери“, вели за Дојче веле Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта. 

Skifahren in Republik Mazedonien (Sylvio Egea)

За скандал со проектот Ски центар на Кожуф алармираше и актуелниот премиер Зоран Заев во периодот кога беше во опозиција. На телевизиско интервју во 2016 година тој објави катастарски документ во кој наводно стоело дека новинарот Драган Павловиќ Латас поседувал 454.000 метри квадратни на Кожуф кој ги добил како компензација за позајмица од 7 милиони денари. Овие информации беа демантирани од Латас и од страна на раководството на Ски центарот кои побараа извинување и се заканија со тужби. Оттогаш за овој случај нема ништо во јавноста.

Проектот за ски центар Кожуф е почнат пред 20 години. Освен домашни инвеститори, во изградбата учествуваа и фирми од Израел, Дубаи, Швајцарија и Велика Британија кои според Наков се подготвени да ја продолжат инвестицијата. Освен ски инфраструктурата, изграден е и добар дел од викенд населбата, како и неколку хотелско-угостителски објекти.

 

DW.COM

Реклама