Кој и за што сака да војува во Сирија? | Свет | DW | 12.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Кој и за што сака да војува во Сирија?

Заканите од американскиот претседател Трамп дека ќе употреби ракети во Сирија покажува колку се големи меѓународните интереси во конфликтот во Сирија. Не станува збор само за иднината на Асад туку на целиот регион.

Предупредувањата дојдоа преку еден канал, кој за дипломатијата е сѐ уште невообичаен начин на комуникација: „Русија се заколна дека ќе ги собори сите ракети што ќе бидат испукани кон Сирија. Русија подготви се, ракетите доаѓаат," најави Трамп на Твитер.

Русија се здружи со едно „животно“ кое убива со гас, образложи Трамп, очигледно во врска со нападите од минатиот викенд во сирискиот град Дума во кои наводно беше употребен смртоносен гас, за што Белата куќа го обвинува сирискиот претседател Башар ал-Асад. Во нападот загинаа најмалку 150 лица, а околу 1000 беа повредени.

Твитот на Трамп беше реакција на претходните сигнали испратени од руска страна. Русија, според изјавите на рускиот амбасадор во Либија Александар Сасипкин, ќе собори каква било американска ракета која би била испукана врз сириска територија. Кремљ исто така ги повика САД да бидат разумни во однос на обвинувањата за напад со отровен гас. „Да се надеваме дека сите земји ќе се воздржат од понатамошни чекори", изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Пешков за агенцијата Итар Тас. 

Гледај видео 01:15

Најстрашните напади со хемиско оружје

Интернационализација и интезивирање на војната

Најновите сигнали од Москва и Вашингтон покажуваат двоен развој на војната во Сирија: Од една страна меѓународните актери се повеќе се инволвираат во конфликтот, пред се Турција која вмаршира во Африн и Израел кој беше наводно одговорен за напад врз сириската воена база Таифор.

Повеќе:

-„Трамп им се заканува на Сирија и Русија, а цели на Иран“

-„Трамп нема стратегија во Сирија“

-Кој ја поседува најмоќната армија во светот?

Истовремено расте тензијата во регионот. Војната создаде простор за вакуум на моќ кој се наполни со странски актери. Веќе подолго време во војната не станува збор за загриженоста на опозицијата, ниту пак за Асад. Во игра се сосем други работи. Додека од една страна Русија и Иран, двете земји кои го поддржуваат Асад, сакаат да го зголемат своето влијание во земјата, противниците, пред сѐ САД а сѐ повеќе и Израел, се обидуваат тоа да го спречат.

Интересите на САД

„Најголем приоритет на американската политика во основа е поддршкате на Израел, " вели Гинтер Мајер, раководител на Центарот за истражување на арапскиот свет при Универзитетот во Мајнц. Американскиот претседател Трам тоа секогаш јасно го нагласува: „Затоа и борбата против Иран е високо приоритетна – тој претставува закана за Израел."

Истото важи и за Хезболах кој е поддржан од Иран. Конечно се работи за тоа, таканаречената „шиитска оска" која се протега од Иран преку Ирак, Сирија и Либија и доаѓа до границата со Израел, да се уништи. За оваа цел американците масовно го зголемија своето присуство пред се во источниот дел на Сирија. „Во меѓувреме се зборува за една „американска полумесечина", која го покрива целиот северо-источен дел на Сирија се до Јордан, вели Мајер. Целта е да се постави заштитен штит за Израел.

Меѓународната „држава на фронтот" Сирија

Арапскиот весник „Ал араби ал јадед" кој излегува во Лондон, го стави конфликтот во еден поширок контекст. Сирија веќе подолго време е сцена на пресметка меѓу Русија и САД. Друга сцена на овој конфликт со воена заднина е Украина, а на дипломатско ниво Либија. „Американско – руските односи генерално влегоа во една деликатна фаза", пишува весникот. Ако САД и Русија влезат во воен конфликт на Блискиот Исток тоа нема да ја заостри само војната во Сирија, туку може да има последици за целиот регион." ОН се покажаа дека не се во состојба да го смират конфликтот.

Од гледна точка на САД, Сирија под раководство на Асад веќе подолго време е критична држава. На американската инвазија во Ирак во 2003 година, владата во Дамаск одговори така што пропушти сириски и меѓународни џихадисти преку границата со соседната земја кои таму се бореа против американските сили. Пораката од Дамаск до Вашингтон беше јасна: да не ви падне на памет да вмарширате во Сирија.

Оттогаш режимот на Асад ги прокоцка симпатиите во Вашингтон. Во ова војна станува збор за тоа да се уништи Сирија за земјата веќе да не претставува сериозен противник, смета Гинтер Мајер: „Потоа поделените делови кои би останале од Сирија може лесно да се манипулираат еден против друг."

Курдите како тампон-зона

Ситуацијата дополнително се комплицира со тоа што Хезболах кој е поддржан од Иран, е сѐ поблиску до Голанската висорамнина. Таа традиционално важи како линија на фронтот меѓу Израел и Сирија.

Контрабалансот на оваа политика го прават Курдите во Северна Сирија. Додуша во моментов тие мора да се борат против турската армија во регионот Африн. Но, долгорочно тие следат една цел, да имаат што поголема автономна курдска област. Ова им оди во прилог на израелските безбедносни интереси. „Израел објави дека поддржува независна курдска држава," вели Мајер за ДВ. „И ова е индикатор за што вусшност се работи."

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама