Кој има пари за поеколошки автомобил, ќе плаќа помал данок | Северна Македонија | DW | 14.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кој има пари за поеколошки автомобил, ќе плаќа помал данок

Данок наместо акциза со привилегии за поеколошки стандарди. Ова е идејата на законските измени во делот на моторните возила кој стартува од први јануари.

Македонските власти конечно почнуваат системски да спроведуваат мерки кои треба да влијаат на подобрување на состојбите во сообраќајот. Од аспект на безбедноста, но и од аспект на загадувањето во кое според анализите, автомобилите учествуваат со 20%. Со новите законски измени кои се во собраниска процедура се предвидува укинување на акцизата, а воведување на данок.  Ова значи дека оној што ќе сака да купи постар автомобил ќе плаќа повисок данок, но оние кои ќе вложат во нови ќе добијат даночно олеснување. Колкаво, допрва ќе се утврдува од страна на надлежните:

„Законот ги дава сите параметри освен коефициентите кои ќе влијаат на пресметката. Врз основа на законот се носи правилник за спроведување на законот и се носи уредба со која што Владата ќе ги утврди коефициентите. Со тие коефициенти ќе се знае точно како ќе изгледа износот. Тоа во моментов и се прави, а Владата е таа која конечно ќе треба да ги усвои“, изјави за Дојче веле Анастас Маженковски, помошник директор на сектор за акцизи во Царинската управа.

Повеќекратни ефекти

Новиот закон се однесува за увоз на нови и половни возила. Клучната промена со која ќе се стимулира, односно дестимулира при купувањето ќе биде во делот на емисијата за јаглерод моноксид. Или конкретно, колку помала емисија на ЦО2 толку поголемо ослободување од данок при увозот. Ефектите според надлежните ќе бидат повеќекратни:

„Најголем бенефит ќе имаат граѓаните и општеството затоа што ЦО2 компонентата се вметнува во законот.  Така што тој сегмент е најбитен. Имаме навистина стар возен парк и тој мора да се редизајнира, односно да се промени. Целта е да се обезбедат услови за да имаме понови и по еколошки возила. Тоа се прави преку стимулација на новите и на по еколошки возила кои ќе плаќаат помалку давачки од тие што се со повисок износ на ЦО2“, објаснува Маженковски.

Закон за пари или екологија?

Какви ќе бидат бројките, односно колкави ќе бидат стимулациите, засега не се открива. Надлежните уверуваат дека промените ќе бидат позитивни. Не треба да се очекуваат шокови, туку напротив: 

„Не е целта на законот за да собереме пари, туку тој дел на стари возила да се обнови. Народот да биде свесен дека не треба да се набавуваат постари, туку поеколошки возила. Реално, поголемите загадувачи повеќе ќе плаќаат, но еколошките помалку. Само еден пример, во 2018 година имаме увезено 37.000 возила од кои околу 20.000 се со вредност од три ипол до четири илјади евра. Тоа се категории на возила кои се многу стари, а приходите од нив од акциза се 1%. Тоа се драстични разлики“, смета Маженковски.

Електричните автомобили, без данок

Во контекст на ослободувањето, она што досега е познато и објавено е во делот на електричните возила за кои данок нема да има. Исто така и за возилата кои се користат за прва помош но и за превоз на починати лица. За хибридите тој ќе изнесува до 50% од данокот. Граѓаните велат дека слушнале за мерката, но имаат дилеми дали тоа може да даде и вистински ефекти:

„Слушнав дека нешто се подготвува, но да видиме. Јас возам стар автомобил и да не излезе сега ако сакам да го сменам за малку понов дека би плаќал повеќе. Оти пари за нови автомобили, ретко кој има. Можеби е добро да се размисли и за воведување на некои субвенции за купување на нови автомобили“, коментира жител на Скопје. 

 

Стимулативно ќе се влијае и на такси превозниците кои ќе добиваат 25% враќање на данокот, а за оние со број на седишта 7+1 за превоз во фирми ќе се враќа до 80% од данокот. Сепак, во оваа фела, се скептични дека ова ќе им помогне.

„Не знаеме во кој дел ќе бидат овие олеснувања. Дали во субвенции или олеснување на данокот на вкупната сума на автомобилот или само на акцизата. Тоа е малку нејасно и отвора дилеми. Ќе беше добро да не` консултираат како фела, но од она што го слушам меѓу колегите тоа не е направено“, коментира такси возач во Скопје.

Прв чекор до налепниците

Со овие законски измени, практично започнува една поширока стратегија која треба да донесе и други позначајни промени. До февруари, треба да биде готов и правилникот според кој ќе се воведуваат еколошки налепници за автомобилите:

„Согласно законот од 1август годинава во рок од шест месеци треба да се изготви правилник. Тоа е во февруари. Дотогаш ќе биде готов правилникот, а потоа бирото за метрологија ќе ги изработува налепниците, црвени жолти и зелени кои ќе треба да бидат истакнати на возилата . Овој процес треба да започне од август наредната година, а идејата е советите на општините да носат  одлука во време на високо загадување кои возила во какви услови можат да возат“, објаснуваат од Министерството за економија како надлежна институција за овој проект.

Повеќе: 

Субвенции за половни автомобили се апсурд!

Загадениот воздух не ги спречува граѓаните да возат

Ќе се задуши ли Македонија со старите германски дизели?

Дополнително, во фаза на подготовка се и утврдување на еколошки параметри кои ќе се утврдуваат при регистрирањето на возилата. Согласно мерењата и емисијата на ЦО2 ќе се утврдува и колкава еколошка такса би се плаќало.

Инаку во неизвесност се и продавачите на половни автомобили кои ги има во огромен број низ државата. На нивните плацеви стојат околу 50 илјади половни автомобили кои ги чекаат новите сопственици. Според надлежните, не треба да има дилеми според кои услови тие ќе се продаваат, дали по нови или стари правила:

„Од царински аспект,  доколку возилата се на царинска плац и не бидат ставени во постапка на царинење, односно ако бидат ставени на царинење по носењето на законот, без разлика што се внесени во државата, тогаш ќе се даночат по новиот закон. Знаете, дел од возилата се увезуваат и се ставаат во царинско складирање. Во тој момент не се плаќаат давачки, се` додека не почне постапка на увозно царинење. Штом се поднесе декларацијата, тогаш важат правилата и законите кои што се во моментот на поднесување на декларацијата“, објаснува Маженковски. 

Новата стратегија е по неуспешниот обид на Министерството за економија кое форсираше да се воведе правилник за субвенционирање на купувањето автомобили со ЕУРО 5 или повисок стандард. Најавите беа дека субвенциите ќе изнесуваат до 3.000 евра, но по бурните реакции на јавноста, но и на дел од импортерите на нови возила, оваа идеја се напушти.

DW.COM

Реклама