Кој е Антонио Тајани, новиот претседател на ЕП? | Свет | DW | 18.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кој е Антонио Тајани, новиот претседател на ЕП?

Политичкиот ветеран Антонио Тајани победи во изненадувачки тесната трка за претседател на Европскиот парламент. Тој иако се смета за бриселски инсајдер, неодамна изјави дека се спротиставува на „повеќе и поголема Европа“

Антонио Тајани, член на партијата од десниот центар Европска партија на народот (ЕПП) победи на вчерашните избори откако противкандидатот, либералот Гај Верхофстад ја повлече кандидатурата.

„Ова беше демократски процес и како што реков денеска, ќе бидам преседател на сите, ќе ги почитувам сите членови на парламентот и сите групи“, изјави Тајани по победата.

Шеесет и три годишниот политичар во Брисел е познат поради неговиот отворен и искрен стил, големиот број сојузници, како и блиската поврзаност со поранешниот премиер на Италија, Силвио Берлускони.

Ветеран во европската политика

Проевропскиот политичар од десниот центар и долгогодишен член на Европскиот парламент Тајани, кариерата ја започнал во италијанското воено воздухопловство, по што продолжил да работи како новинар во италијанската телевизија Раи и весникот Ил Џорнале. Тој е еден од основачките членови на партијата на Берлускони, Форца Италија и долго време беше негов портпарол додека тој ја извршуваше премиерската функција.

Тајани за прв пат беше избран за пратеник во Европарламентот во 1994 година. Кариерата во европската политика ја продолжи во Европската комисија, извршното тело на Европската унија. Во периодот од 2008 до 2010 година тој беше еврокомесар за транспорт, а потоа еврокомесар за индустрија, во периодот од 2010 до 2014 година.

Од 2014 тој ја извршува функцијата заменик претседател на Европскиот парламент.

„Многумина му се должници"

Неговите блиски соработници од Брисел и Стразбур го опишуваат како искусен и лојален. Анонимни извори од белгискиот главен град со кои разговараше новинската агенцијата АФП велат дека „тој има направено услуги за огромен број луѓе и многу европарламентарци му се должници“.

Од друга страна, некои медиуми изразија сомнеж  во соодветноста на Тајани да ја извршува оваа функција, особено затоа што тој ќе треба да ги следи чекорите на харизматичниот Мартин Шулц. Неделниот политички магазин Политико Еуропа го опиша Тајани како „дел од прецизно таа сорта на нехаризматичен, инсајдерски апаратчик што придонесува за репутацијата на ЕУ на ладна бирократија“.

Победата на Тајани делумно се должи на поддршката од владејачките конзервативни партии во Велика Британија и во Полска кои се особено критични кон ЕУ. За да ја заслужи нивната поддршка, Тајани објави соопштение во кое се вели дека проблемите на ЕУ не можат да се решат со „повеќе и поголема Европа“.

Улогата на претседателот на Европскиот парламент е фокусирана на надгледување на буџетот и активностите на оваа институција, како и осигурување дека парламентарните процедури се спроведуваат правилно. Претседателот го претставува парламентот на меѓународната сцена и во правни спорови.

Реклама